1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Без Франција, Германија е сама“

Ж. Зајферт/Б. Георгиевски22 септември 2014

Денешната посета на францускиот премиер Мануел Валс на Германија нема да биде лесна. Меѓусебните односи се затегнати. Улрике Геро бара поголемо разбирање од Берлин.

https://p.dw.com/p/1DGlq
Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Францускиот претседател Франсоа Оланд одби натамошни мерки за штедење и сака повеќе време за да ги имплементира реформите. Се чини дека во француско-германските односи деновиве има повеќе разлики отколку заедништво. Зошто е тоа така?

Геро: Доколку погледнете и од историска гледна точка, односите никогаш не биле едноставни. Понекогаш имаме романтична визија за 1990-те години, на пример, и велиме „дека заеднички сме го вовеле еврото“, но доколку погледнете одблиску, отсекогаш постоела голема конкурентност. Во моментов гледаме целосно различен развој во Франција и во Германија, особено во економијата. Германија стана интегрален дел од глобалниот пазар во последните години, што и’ овозможи да ги имплементира реформите, да ја забрза економијата и политички да се реафирмира. Тоа не се случи во Франција. Можете да ги критикувате поради тоа, но тоа ги нарушува меѓусебните односи.

ДВ: Дали средбата меѓу францускиот премиер Валс и германската канцеларка Меркел ќе биде и судир на два многу различни финансиски и економски концепти?

И да и не. Откако Оланд дојде на власт во април 2012, Франција се мачи. Претседателот беше фокусиран на левото крило на Социјалистите и на Зелените. Но, со номинацијата на Валс, негов веќе трет премиер, тој сигнализираше дека Франција е подготвена за промени. И Валс тоа може да го постигне - тој нема желба да се кандидира на претседателските избори во 2017 година, па може да си дозволи да спроведе длабоки, но неопходни кратења на пензиите, здравството и на буџетот. Затоа што досега сите реформски обиди беа половични. Франција досега на успеа да спроведе ниту реформи какви што беа спроведени во земји како Португалија, Грција и Италија, а не пак Германија, каде реформите беа имплементирани пред повеќе од 10 години.

ДВ: Зошто според вас Франција толку заостанува?

Има една поговорка која вели дека во Франција полесно се спроведува револуција, отколку реформи. Тоа создава тесно грло кога притисокот ќе се зголеми, а луѓето ќе излезат на улиците. Не можете да ги споредувате Франција и Германија. Една причина е географијата. Секогаш им велам на луѓето, доколку возите од Дижон на исток кон Бордо на запад, имате 500 километри сончогледови полиња. Во Германија, на секои 20 километри би имале излез за некоја индустриска зона. Франција едноставно ја нема таа хомогеност на географските и политичките структури, напротив, има многу силна поделеност меѓу градовите и руралните предели.

ДВ: Се чини дека Франција тоне од една домашна криза во друга. Може ли Германија да се потпре на Франција како меѓународен партнер?

Па, наведете една земја која во моментов не е преокупирана со домашни проблеми - Велика Британија со Шкотска, Грција, Италија - ги има повеќе. А, и Германците не погледнуваат многу често преку своите граници - погледнете ја дебатата за патарините. Франција полека согледува дека на неа гледаат како на слаба точка во Европа и дека светот одблиску ги следи настаните. Тоа погаѓа и во центарот на германско-француските односи, и ние во Германија не смееме да дозволиме Франција да назадува. Последните пет години од кризата во еврозоната покажаа дека ние не можеме самите да бидеме Европа. Дури и доколку сакаме да ги донесуваме одлуките, тоа нема помине доколку другите земји се бунтуваат против „германскиот диктат“.

Потребни ни се Французите. Доколку тие одбијат да соработуваат со Германија, сѐ ќе се блокира. Двете земји мора заеднички да работат, тоа е во германски интерес. Доколку Франција повеќе не е наш партнер, остануваме сами во Европа. Германија треба да размисли за тоа пред следниот пат да ја критикува Франција.

Улрике Геро е политички научник во Иницијативата отворено општество за Европа, насочена на европската демократија.