1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без пресврт во бегалската политика на ЕУ

Бернд Ригерт/превод:БГ24 април 2015

Лидерите на ЕУ го сторија првиот чекор на вонредниот самит посветен на кризата со бегалците во Средоземјето. Но ќе биде потребно многу повеќе, затоа што вистинските проблеми остануваат нерешени, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1FEAr
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со едноминутно молчење претседателите на држави и влади на ЕУ на вонредниот состанок во Брисел им оддадоа почит на стотиците луѓе кои последниве денови ги загубија животите покрај брегот на Либија. За разлика од многу африкански држави, ЕУ барем се обидува да преземе дел од одговорноста. Тоа значи дека агенцијата за заштита на границите Фронтекс ќе добие тројно поголем буџет за подобро да ги заштити границите на Италија и Малта и поактивно да бара шверцерски бродови и преживеани.

Ова е единствената конкретна одлука која беше донесена на изненадувачки долгата средба во Брисел. Тоа не беше никакво пресврт во бегалската политика на ЕУ и покрај драматичните случувања на Медитеранот.

ЕУ си го спасува образот

Интересите на ЕУ-државите се премногу различни. Единствено големиот притисок од јавноста придонесе да се зголеми буџетот за мисијата Тритон. Лидерите на ЕУ не сакаат да остават впечаток дека се нехумани. Канцеларката Ангела Меркел искажа загриженост за основните вредности на ЕУ и човековите права, кои се доведени под прашање. Германија, Белгија, Велика Британија и други ќе испратат дополнителни бродови и персонал за барем да ги спречат најголемите кризи.

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд Ригерт

Но, во суштина задачите на Тритон не беа експлицитно проширени. Останува прашањето дали Фронтекс, во соработка со италијанската морнарица, навистина ќе биде во состојба да пронајде најголем дел од бродоломците. Но, не станува збор само за спасување на кутрите бегалци, туку и на образот на ЕУ, која сега инма намера да издвојува по 9 милиони евра месечно за Тритон.

Тоа е, помалку или повеќе, истата сума колку што чинеше претходната италијанска мисија Маре Нострум. Во суштина тие го враќаат старото статус-кво и индиректно признаваат дека окончувањето на Маре Нострум беше грешка. Но, вистина исто така е и дека Италија не и’ стави крај на Маре Нострум поради трошоците, туку поради десно-популистичкиот министер за внатрешни работи Анџелино Алфано, кој повеќе не можеше или не сакаше да ги прима бегалците во земјата.

Основниот проблем нерешен

Клучниот проблем останува нерешен, дури и по вонредната средба во Брисел. Што да се прави со бегалците, барателите на азил и економските мигранти? ЕУ не можеше да се усогласи за квоти за распределба на бегалците. За реформирање на Даблинскиот договор, според кој за бегалците треба да се грижи земјата на ЕУ во која тие прво стигнале, допрва ќе се размислува. Британскиот премиер Дејвид Камерон го повтори она, што и многу други земји го мислат: тој е подготвен да ги спасува бегалците, но не сака да преземе ниту еден од нив, туку директно да и’ ги испорача на Италија.

Сега ЕУ сака да провери дали бродовите на трговците со луѓе можат да бидат идентификувани пред да ги преземат бегалците и да бидат уништени со воздушни напади. Тоа веројатно ќе биде ќорсокак од повеќе правни и практични причини. Да се испрати воена мисија на ЕУ во Либија не доаѓа предвид.

ЕУ-лидерите не решија дали ќе бидат понудени легални патишта кон Унијата и какви би биле тие, за да се спречи бизнис-моделот на организациите кои шверцуваат луѓе. За тоа најверојатно ќе биде дискутирано со години на многу натамошни самити. Следниот вонреден самит е веќе испланиран - овојпат на Малта со присуство на африканските и блискоисточните транзитни- и земји на потекло. Ќе мора да се работи заедно со овие земји и да се осигура дека тие нема да ја избегнат одговорноста.