1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без дискриминација за болните од сида!

АТ/ кна/ дпа/ епд25 јули 2014

Епидемијата на сидата во светот во голем дел е под контрoла. Тоа е позитивната вест од годинешната светска конференција за борба против сидата, која заврши во Mелбурн. Сепак дискриминацијата се испречува пред успесите.

https://p.dw.com/p/1CiuY
Фотографија: picture-alliance/dpa

Учесниците на 20. меѓународна конференција за борба против сидата повикаа на помош без предрасуди за инфицираните од ХИВ. Владите би морале да донесат закони, за заболените да не бидат дискриминирани и стигматизирани, се вели во т.н. Декларација од Мелбурн, која беше објавена на крајот на конференцијата. Инфицираните од ХИВ би требало да добијат неограничен пристап до медицинската грижа, при што би се почитувало достоинството на секој поединечно.

Во повеќе од 80 земји во светот луѓето се казнуваат поради својата сексуална ориентација, се вели во декларацијата. Погодени се пред сѐ хомосексуалците, сексуалните работници, корисниците на дрога и транссексуалците. Ова ги терало луѓето да се повлечат во подземјето со што се отежнува борбата против ХИВ инфекциите, кои доколку не се третираат медицински, предизвикуваат смрт.

Декларацијата од Мелбурн ја потпишаа околу 3.800 луѓе и голем број организации.

Во целиот свет според проценките има повеќе од 35 милиони луѓе со ХИВ и сида, но речиси половината од нив не знаат дека се инфицирани. Организацијата на ОН за борба против сидата UNAIDS на почетокот на конференцијата наведе визија, до 2030 година да се стави крај на епидемијата со сида.

Лекари, научници, активисти во борба против сидата и претставници на фармацевтските компании и владите во Мелбурн во Австралија одржаа петдневна конференција на која дебатираа за стретегиите за борбата против ХИ вирусот во светот.

Наредната светска конференција за борба против сидата ќе се одржи во 2016 година во Дурбан во Јужноафриканската Република.