1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегајќи од смртта, стигнавме во пеколот

Јулијане Мецкер-Арсал/бг18 декември 2014

Учесниците на конференцијата за Сирија, која денеска почнува во Берлин, мораат да ја земат предвид судбината на илјадници бегалци. Посетивме еден камп во Либан и се уверивме во неподносливите услови во кои живеат.

https://p.dw.com/p/1E6Py
Фотографија: Reuters

Во малото либанско градче Арсал, во близина на границата со Сирија, е живо како во кошница. Постојано се туркаат безбројни „Тојоти“ со затемнети стакла, големи теренски возила и бучни моторцикли низ лавиринтите на тесните улички и итаат по неасфалтираните патишта.

Дел од возилата имаат либански, но мнозинството сириски регистерски таблички. Причината е едноставна: од почетокот на војната во Сирија повеќе од 100 илјади Сиријци побегнаа во Арсал, а секојдневно пристигнуваат илјадници нови. Бројот на жителите-Либанци е за половина помал од бројот на бегалците, а куќите на староседелците речиси и не можат да се видат во морето бегалски шатори.

Die Lage der Flüchtlinge in Arsal
Деца во камп во АрсалФотографија: Jamil Itani

Нема веќе надеж

Во еден од тие кампови живее и Мустафа. Тој побегнал од разорениот Хомс во Либан. Кога 27-годишникот пристигнал тука, мислел дека најлошото е зад него. Добил шатор за него и за неговото петчлено семејство и добивал помош од УНХЦР. Не било многу, но доволно за да преживее.

Денес, една година откако е дојден, загубил секаква надеж. Во меѓувреме, повторно загубил сѐ што поседувал. Пролетта на ридовите околу Арсал дошле борци на сирискиот Нусра-фронт и на Исламската држава, а веќе во август започнале борби со либанската војска, кои се прошириле до центарот на Арсал.

Бегалците од Сирија повторно се нашле меѓу два огна: „Се пукаше врз нашиот логор и моравме да бегаме за да се спасиме. Од далечина гледавме како горат нашите шатори“, вели Мустафа. Тој и неговото семејство повторно останале без покрив над главите, но овојпат било уште полошо. Можел да добие нов шатор, но само доколку плати 120 евра - недостижен износ за Мустафа. На крајот му помогнала либанска невладина организација, па повторно успеал да се смести во логор.

Од УНХЦР нема ни трага

УНХЦР, хуманитарната организација на ОН, како и сите други меѓународни организации, во меѓувреме, практично исчезнаа од Арсал по борбите.

Die Lage der Flüchtlinge in Arsal
Бегалски кампови во АрсалФотографија: Juliane Metzker

„Не знам како ќе ја преживееме зимата? Немаме бензин за печката, немаме храна, покривки, килими, чевли за децата“, се жали Самар, жителка на логорот. И нејзината пријателка Иман е исплашена: „За нас и за децата Арсал е всушност голем затвор на отворено. Не можеме да се вратиме во Сирија, ниту можеме да отидеме на друго место во Либан. Сите ќе пцовисаме тука“, вели Иман.

Во шатор до нивниот, Абу Ахмад клечи на подот. Итно му е потребна лекарска помош, бидејќи овој 47-годишник речиси целосно ја загуби способноста за говор. Неговиот сосед Мустафа мора да ни ги преведува и објаснува зборовите на Ахмад, кој одвај говори.

Абу Ахмад е од Кусаира во Сирија, некогашно упориште на бунтовниците и на Армијата на слободна Сирија. Пред година ипол армијата на Асад го освоила градот, а Абу Ахмад бил заробен. Зошто, ни самиот не знае. Тврди дека немал никаква врска со сириската опозиција. Ја отвора устата и ни ја покажува вилицата на која се нишаат уште два заба. Забите му ги извадиле за време на мачењето, му ги гореле рацете и го измачувале со електро-шокови. Седум месеци го мачеле. А потоа едноставно го пуштиле на слобода во близина на границата со Либан. „Во затворот се разболел и оттогаш одвај зборува“, ни објаснува Мустафа.

Абу Ахмад и останатите бегалци и во Арсал повторно се чувствуваат како во затвор. Доколку пак избувнат борби, тој и илјадници други бегалци се наоѓаат во замка. Нивните шатори не се никаква заштита од куршуми, ракети и гранати.

„Побегнавме од Сирија поради војната, но војната постојано ни е зад петиците“, вели Мустафа.