1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бархман: Грција воопшто не е подготвена да разговара!

Силвера Падори-Кленке31 јули 2014

Според искуството на пратеникот Хајнц-Јоахим Бархман (СПД) Грција не е подготвена да разговара и го игнорира она што го бараат европските земји – спорот околу името да заврши и Македонија да го продолжи европскиот пат.

https://p.dw.com/p/1CmLo
Фотографија: DW/S. Padori - Klenke

„Многу би ме радувало доколку посетата на Нимиц на Скопје и Атина донесеше нешто ново! Но, моето искуство од разговорите кои ги имав во текот на престој во Атина со претставници на владата (посетата беше во март годинава, н.з.), е дека Грција воопшто не е подготвена да разговара и дека го игнорира она што го бараат европските земји - расправијата околу Македонија да заврши, со што земјата ќе може да го продолжи чекорењето по европскиот пат. Јас не видов никакво раздвижување во Грција“, е коментарот на социјалдемократот Хајнц-Јоахим Бархман (на насловната фотографија), вицепретседател на Комисијата за европски прашања во германскиот Бундестаг.

Иако како и целиот Бундестаг и Бархман е на летен одмор, сепак неделава неговото внимание е повторно насочено кон Македонија и Грција, поточно кон разговорите околу спорот со името во Скопје и Атина на посредникот на ОН Метју Нимиц. На прашањето на ДВ - до кога може да егзистираат ваквите „рутински“ посети, од кои Македонија нема голема добивка, Бархман одговара:

„Не знам! Но, треба да се има предвид дека Нимиц веќе 20 години го има статусот на специјален ополномоштеник на ОН за решение на името, што е државен проблем. Тој работата ја започна во 1994-тата и според мене 20 години би требало да бидат доволни. Можеби навистина се труди, но главно е дека - нема напредок“, забележува Бархман.

Повторно актуелизирање на македонскиот проблем

Македонија од пред две недели повторно доби на актуелност во германската надворешна политика, конкретно по гостувањето на канцеларката Ангела Меркел на самитот на лидерите на земјите од Западен Балкан во Дубровник и нејзините изнесени ставови околу Македонија, како и по традиционалната средба со акредитираните новинари во Берлин. Тогаш Меркел кажа дека нејзините разговори околу името се доверливи, но подвлече дека „ќе дојде момент кога лично ќе се заложи“. ДВ го праша Бархман: дали и како конкретно може да помогне Германија?

Mazedonien Nimetz Ivanov Poposki in Ohrid 2012
Две децении без успешен епилог во спорот со иметоФотографија: picture-alliance/dpa

„Мислам дека Германија може многу да направи околу расчистување на патот на преговорите. Заради тоа, мора да се разговара со Грција. Меркел тука може да помогне. Добро е што имаме ситуација во која сите партии се единствени дека расправијата околу Македонија мора да прекине. Значи се’ останува на преговорите. Сакам да кажам дека со притисоци и санкции нема да се случи ништо“, оценува Бархман.

Тврдата грчка позиција тој ја објаснува и со примерот на наменски доделените 100 милиони евра од Германија за малите претпријатија и отворање работни места за младите во Грција. Како што вели, многумина веројатно по ваквата помош, како гест на добра волја би очекувале дека „грчката држава ќе олабави по прашањето околу името“. „Но чесно кажано, не гледам никакво поместување“, констатира Бархман.

Од овој месец, па до крајот на годинава, Италија го има претседателството со Европскиот совет. Шефицата на италијанската дипломатија Фредерика Могерини најави дека Македонија може да смета на поддршката од Рим за започнувањето на пристапните преговори. Може ли ова да биде сигнал дека Македонија ќе ги стартува пристапните преговори со ЕУ во текот на италијанското претседателство?

„Реално кажано - не верувам. Жалам што сум вака негативен, но секогаш сум реален. Сметам дека е разумно да се оцени до каде се работите и како понатаму. Ова е мое лично искуство. Како што кажав, бев во Грција и не видов ниту еден чекор нанапред“, одговара за ДВ Хајнц-Јоахим Бархман (СПД), пратеник и вицепретседател на Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг.