1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барселона доби забрана за купување играчи

БГ/афп20 август 2014

Комисијата за жалби на Светската фудбалска организација - ФИФА денеска ја одби жалбата на Барселона на забраната за трансфери во следните два преодни рокa, поради кршење на правилата.

https://p.dw.com/p/1Cy2S
Фотографија: picture-alliance/dpa

Фудбалскиот клуб Барселона нема да смее да потпишува договори со нови играчи до јануари 2016 година, откако ФИФА ја отфрли жалбата на славниот шпански клуб.

ФИФА ги истражуваше трансферите на младите играчи во Барселона реализирани помеѓу 2009 и 2013 година и заклучи дека при доведувањето на 10 млади играчи биле прекршени правилата за заштита на малолетниците, па оттука и казната.

Каталонскиот гигант се жалеше, но жалбата е одбиена, па доколку не успее да ја преиначи одлуката пред Судот за спортска арбитража во Лозана, нема да смее да учествува на трансфер-пазарот во следните два преодни рока.

Барселона е казнета и со 450 илјади швајцарски франци и има рок од 90 дена да ја „регулира ситуацијата со малолетните играчи“.

Казнет е и фудбалскиот сојуз на Шпанија со 500 илјади швајцарски франци поради тоа што не го регулирал системот за трансфер на малолетни играчи.

Трансферите на малолетните играчи можат да се реализираат само доколку нивните родители се доселат во земјата од „нефудбалски причини“. Фудбалерите на возраст меѓу 16 и 18 години можат да играат во Европа доколку се исполнат одредени стандарди за образование и услови за живот.