1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ајкулата од Месина“ е победник на Тур де Франс

ЕМФ/дпа/дв28 јули 2014

Винченцо Нибали е победник на престижната велосипедска трка со завршница во Париз. Италијанецот восхитуваше со својата доминантност.

https://p.dw.com/p/1CjnL
Фотографија: Reuters

По 3660,5 минати километри Винченцо Нибали и‘ ја донесе на Италија првата победа на Тур де Франс по цели 16 години. Тој во текот на изминатите три недели покажа дека е во извонредна форма. „Мислам дека тајната е да се вози интелигентно и да се остане мирен. На тоа ме научи Иван Басо“, изјави Нибали за време на победничкиот круг низ Париз.

Нибали е роден во Месина, на североистокот на Сицилија, и затоа го носи прекарот „Ајкулата од Месина“. Кариерата ја почнал на велосипед кој самиот го составил. Првите успеси ги бележи во 2002 година, кога го освои првото место на јуниорското светско првенство. Сицилијанецот дефинитивно се вбрoјува во велосипедската елита во 2010 година, кога го освои третото место на Џиро д‘Италија и беше прв во Аргентина на Тур де Сан Луис. Во 2012 година, по три години отсуство од Тур де Франс, Нибали важеше за фаворит и на крајот заврши на третото место.

Во мај 2013 година триумфираше во својата татковина и по доминацијата на целата трка Џиро д‘Италија го освои првото место. „Нашиот велосипедски спорт конечно има шампион“, коментираше „Газето дело спорт“.

Винченцо Нибали на овој Тур де Франс му даде сосема свој печат. Се чинеше како да нема нешто што е неможно.

Но, оваа велосипедска трка беше голем успех и за германскиот тим. Покрај Марсел Кител, кој на почетокот на трката веднаш ја освои жолтата маичка, две дневни победи забележа Тони Мартин, а еднаш најдобар на денот беше Андре Грајпел.