1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аферата со прислушувањето влегува во парламентот

Кај-Александер Шолц/бг5 мај 2015

Аферата со прислушувањето, во која е вмешана германската тајна служба БНД, неделава влегува на расправа во парламентот. Владата најавува офанзива, но се‘ погласни се и несогласувањата меѓу коалициските партнери

https://p.dw.com/p/1FKCt
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

И откако минаа првомајските празници, аферата БНД останува главна тема во Берлин. Изненадувачки, министерот за внатрешни работи Томас де Мезие искажа подготвеност в среда да одговара на прашањата на парламентарната комисија за контрола на работата на БНД. Де Мезие, практично, самиот се покани на состанокот, што им е дозволено на министрите, и на тој начин сака да прејде во офанзива и да ги отфрли „инсинуациите“ кои се вртат околу неговото име.
Основа на овие инсинуации е фактот дека Де Мезие во 2008 година, како шеф на кабинетот на канцеларката, а со тоа и одговорен за тајните служби, знаел за критикуваната соработка меѓу домашната служба БНД и американската НСА. Тој тоа го демантира. Конкретни сознанија за злоупотреби од НСА, во тоа време, немало, тврди министерот.
Според тврдењата кои првично ги објави магазинот Дер Шпигл, БНД и помагала на НСА во прислушкувањето на европски компании, како и на високи европски политичари. Покрај Де Мезие, пред парламентарната комисија ќе треба да се појави и тогашниот министер во кабинетот на Меркел, Петер Алтмајер. Но, освен оваа комисија, постои и уште една сцена на која ќе се дискутира за аферата со БНД- тоа е парламентарната истражна комисија за НСА. Во четврток пред неа како сведоци треба да се појават четворица функционери на БНД кои ќе одговараат на прашања за соработката со НСА, односно за ткн. „селектори“. Селектори се листи со теми за пребарување, како и телефонски броеви, географски локации и имејл адреси. Опозицијата бара да добие увид во „селекторите“, и на тој начин да дознае какви сѐ информации БНД и предавала на НСА. Дали тоа ќе се случи, е се уште неизвесно, затоа што, според владиниот портпарол Штефан Зајберт, за тие информации Германците мораат да бараат дозвола од Американците.
И канцеларката Ангела Меркел изрази подготвеност да се појави пред комисијата, доколку тоа од неа биде побарано. Засега тоа не е случај, но Меркел нема да може лесно да се изземе од скандалот.

Deutschland Symposium zu islamistischem Terrorismus in Europa
Томас де Мезие (прв од десно)Фотографија: AFP/Getty Images/J. Macdougall

Превирања во владината коалиција
Причината за тоа се и критиките кои пристигнуваат од самата владина коалиција на нејзина сметка. Министерот за економија и вице-канцелар, Зигмар Габриел, инаку претседател на СПД, во понеделникот директно ја нападна канцеларката: тој двапати ја прашал канцеларката дали имало економска шпионажа против германски фирми. „Во обата случаја канцеларката одговорила одречно“, изјави Габриел. Функционерите на СПД уште од минатата недела остро го критикуваат однесувањето на кабинетот на Меркел во скандалот.
Актуелната коалициска влада е на половината од мандатот. Притоа, и покрај тоа што владата на Меркел генерално спроведуваше социјалдемократски политики, СПД не успеа да профитира од тоа во анкетите на јавното мислење. Оттука, актуелната афера со тајните служби може да послужи за подобрување на рејтингот.

Дека аферата БНД е едно големо „буре барут“, во понеделникот покажа и третиот коалициски партнер, баварската ЦСУ. Тие го обвинуваат актуелниот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер дека е одговорен за скандалот. Договорите со НСА потекнуваат од времето кога Штајнмајер бил шеф на кабинетот на канцеларот, тврди внатрешно-политичкиот експерт на ЦСУ, Штефан Мајер, кој е и член на парламентарната комисија. Штајнмајер уште од 2002 година бил одговорен за интензивирањето на соработката со НСА.

Deutschland Konjunkturprognose 2015 Sigmar Gabriel
Зигмар ГабриелФотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Во соседна Франција, аферата БНД не игра никаква улога, и покрај тврдењата дека француските политичари и фирми биле прислушувани. Последниот телефонски разговор меѓу Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд, за време на викендот, се однесувал на украинската криза. И во француските медиуми темата ретко се споменува. Причината веројатно е во тоа што француската влада планира носење на построги анти-терористички закони, па не сака дополнително да ја алармира јавноста. Притоа, работата на тајните служби во Франција не е толку на удар на јавноста како во Германија, каде искуството од двете диктатури остави големи лузни.