1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Археолози против криминалци

Ф. Хофлинг/Б. Георгиевски24 ноември 2014

Бугарија има богато археолошко наследство кое е честопати цел на организираните банди, за кои ограбувањето на историското богатство стана важна стопанска гранка, веднаш по трговијата со дрога и проституцијата

https://p.dw.com/p/1DijF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Без разлика дали се работи за Акропол, Римскиот форум или Колосеумот, историските споменици најчесто ги сместуваме во Италија или Грција. Но вистинските познавачи многу добро знаат дека во Бугарија исто така се крие големо богатство на предмети - сведоци на илјадагодишни цивилизации.

Перперикон во југоисточна Бугарија е најважно наоѓалиште за археолозите, но и сон на секој ограбувач на историски ископини. Тука има артефакти кои потекнуваат од каменото доба, па до Средниот век. Со помош на ангажираните жители на селото, научникот и археолог Николај Овчаров тука работи под голем притисок: сезоната за ископувања во планинскиот предел е кратка. Но, исто толку е важно и да биде побрз од илегалната конкуренција.

„Ископувањата под контрола на државата се единствената можност да се спречат дивите археолози“, вели Овчаров.

Сѐ до 15. век жителите во овој регион ги закопувале починатите во саркофази. Мртовецот број 158 е тукушто откриен. „Ова е христијанско погребување, затоа што рацете се прекрстени преку градите“, објаснува Овчаров. Млада жена од 13. век.

Кај еден од ископаните гробови се огласи детекторот за метал: пронајдена е метална монета - венецијанска, исто така од 13. век.

„Среброто е многу вредно. Овие пари, како и еврото денес, биле „тврда“ валута. Поради тоа има толку многу венецијански монети“, вели Овчаров.

Токму ваквите артефакти ги привлекуваат крадците. Десетици илјади крадци редовно ги ограбуваат античките наоѓалишта во Бугарија.

Залудна борба

Археологот Маргарита Ваклинова со години се бори за државата, конечно, нешто да превземе против хордите ограбувачи. Досега залудно: „Почнувам да мислам дека половина Бугарија има детектори за метал и не знам кој ја има контролата врз сите тие кои како реки одат натаму“.

Ausgrabungsstätte Perperikon
ПерпериконФотографија: picture-alliance/HB-Verlag

По добиена дојава, на 200 километри од Периперикон сфаќаме на што мислела Ваклинова: во шумата во близина на едно планинско село се наоѓаат остатоци на римска базилика од 4. век.

Меѓу античките столбови и искршените камења, наоѓаме свежо ископани гробови: вака изгледа античко наоѓалиште по посетата од крадци на ископини: искршени и без пиетет расфрлени човечки коски и еден череп.

Избројавме десетина вакви јами, некои од нив ископани пред неколку недели, други пред неколку часови. Парчиња од искршен саркофаг, штотуку ограбен, коските фрлени на страна, а камениот ковчег од римско време засекогаш уништен. Со скриена камера се одвезовме до блиското село во потрага по луѓето кои тајно копаат: „Одвај да сум се качила да видам каде се наоѓаат гробовите“. Крадци? - Тука видов само неколку градежни работници“.

„Тоа се од северна Бугарија, од Шумен, Нови Пазар“, вели локалните жители. Но, најчесто се токму жителите од селото тие кои овде ограбуваат, а потоа им го продаваат пленот на организирани трговци и на оние кои стојат зад нив, пред сѐ во Австрија и во Германија.

За крадците речиси и не постои опасност да бидат фатени, затоа што Бугарија, за разлика од Грција, нема специјална единица која ги гони. „Специјализирана полиција, во која би работеле само специјалисти школувани за тоа - таква полиција би била ефикасна“, вели Ваклинова.

Политиката против археологијата

Но, едно сомнително лоби на трговци и политичари досега успешно спречуваше такво нешто во Бугарија. Ако некаде сепак бидат пронајдени украдени артефакти, тие на крајот завршуваат тука: во Националниот историски музеј.

Bulgarien Ausgrabungen in Sofia
Археолошки наоѓалишта во БугаријаФотографија: BGNES

„Во моментов поседуваме околу 60 илјади такви предмети, од кои мнозинството се вратени од странство“, објаснува директорот на музејот, Божидар Димитров.

Конкретно, кога се во прашање вакви парчиња накит, Бугарија повеќе се потпира на успехот на иследниците во странство, наместо да го сосече злото во корен. Цената на таквиот однос е што артефактите запленети далеку од нивното наоѓалиште веќе не можат да раскажуваат за нивната историја.

„Во тој случај ние сме оштетени оти голем дел од информацијата, која е поврзана со нив, е категорично загубена за историјата“, вели Гаврил Лазов од Националниот историски музеј.

За археолозите како Николај Овчаров тоа е национална трагедија. Тој може да врши ископувања во Перперикон, но историското наследство од стотици ограбени локалитети во Бугарија, веројатно е засекош загубено.