1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аргентина во грч пред банкрот

ЕМФ/дв/епд30 јули 2014

Часовникот отчукува: на Аргентина и‘ остануваат само неколку часа да избегне банкрот. Министерот за економија на оваа држава изненадувачки се појави во Њујрок, пред посредник во спорот со американските хеџ-фондови.

https://p.dw.com/p/1CmDa
Фотографија: picture-alliance/G Richardson/Robert Harding

На само неколку часа пред истекот на рокот поставен во спорот меѓу Аргентина и два американски хеџ-фонда, претставниците на двете страни првпат се сретнаа на директни разговори. Но, на средбата во Њујорк не е постигната согласност, соопшти посредникот во спорот поставен од страна на еден американски суд, Даниел Полак.

Претходно, во напорите за наоѓање решение на спорот се вклучи и аргентинскиот министер за економија Аксел Кисилоф. Тој неочекувано пристигна во Њујрок и се појави пред канцеларијата на посредникот Полак. Според негови наводи, ќе има уште една средба меѓу спротивставените страни. Други детали министерот не наведе.

Axel Kicillof Argentinien Finanzminister 25.06.2014
Аксел Кисилоф, министер за економија на АргентинаФотографија: AFP/Getty Images

Аргентина мора до истекот на денешниот ден (30.07) на меѓународните инвеститори да им исплати околу 540 милиони евра за покривање државни долгови. Со одлука на еден американски сојузен суд, меѓутоа, Аргентина претходно треба на двата хеџ-фонда - НМЛ Капитал и Аурелиус, да им исплати 1,33 милијарди долари (990 милиони евра) плус камати. Дури откако ќе биде покриен тој долг, земјата смее да ги покрие задолжувањата кај другите инвеститори. Владата во Буенос Аирес се спротивставува на тоа. Аргентина ги обвинува двата хеџ-фонда дека сакале да профитираат од незавидната финансиска состојба на земјата и дека наместо да учествуваат во резот на долгови за во долари издадените обврзници на земјата, поднесле тужба. На тој начин сега им се „смешка“ капитална добивка од 1680 проценти.

Доколку двете страни не најдат заеднички јазик до истекот на овој ден, Аргентина од утре е практично во технички банкрот, но за разлика од 2002 година, кога земјата банкротираше по економската криза, по што избија внатрешнополитички немири, сега ситуацијата е поинаква и може да се помине полесно. Имено, Аргентина е веќе отсечена од меѓунaродните пазари на капитал. Сепак, во случај на банкрот, уште повеќе би можела да се зголеми галопирачката инфлација во земјата.