1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аплауз и чукање по рамо за Порошенко

Миодраг Шориќ / Превод: ЕМФ19 септември 2014

Киев презеде голем ризик со својот курс на вртење грб на Русија и чекореше во насока на ЕУ. САД сега не би требало да ги разочараат Украинците, оценува Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/1DFTr
Фотографија: Reuters

Вашингтон му наздравува на украинскиот претседател. Петро Порошенко одржа впечатлив, борбен говор во американскиот Конгрес. Тој е еден од малкутемина странци кои смееле да зборуваат на ова, за Американците, многу важно место. Од страна на САД му е укажана особена чест. Тој на Американците им се обрати од срце кога зборуваше за правото на слобода и самоопределување. Пратениците на неговата молба: „Не оставајте ја Украина сама“, одговорија со долг аплауз.

Каде и да се појави украинскиот претседател - во Конгресот, Белата куќа, во различни фондации, насекаде има црвен тепих. Му се укажува чест, политичарите го чукаат по рамо. Значи, на прв поглед успешна посета на претседателот во главниот град на САД. Сепак, немаше вистинско славеничко расположение, и тоа од добра причина.

Петро Порошенко е исцрпен. Москва го анектираше Крим и и натаму го контролира истокот на Украина. Економијата на земјата е пред колапс. Невработеноста расте. Русија го затвори својот пазар за украински производи. Некогаш толку спорниот Договор за асоцијација со ЕУ стапува целосно во сила дури на крајот на 2015 година. На Киев му се неопходни пари за да ги плати долговите за гас кои ги има кон Кремљ. Москва полека но сигурно ја затвора славината за гас. Радијаторите во Л’вов, Одеса или Киев во наредните месеци можеби ќе останат студени. Нема сомневање - Украинците плаќаат висока цена за новата насока на нивната политика - вртење грб на Москва, чекорење во правец на Западот.

Како гласи американскиот одговор на молбата на Порошенко за пари и оружје? На украинската армија и‘ е неопходно оружје за да го брани истокот на земјата. На владата и‘ се неопходни пари за да ги „протурка“ некако 47-те милиони граѓани низ зимата која доаѓа. Или со зборовите на Порошенко речено: само со ќебиња не се добива војна, а уште помалку се чува мирот.

Досега Американците одбиваат доставување оружје. Претседателот Путин не би требало да биде провоциран. Освен тоа, конфликтот не може да се реши воено, се вели во Вашингтон. Така реагираше и претседателот Џорџ Буш во 2008 година. Тој исто така одби да и‘ доставува оружје на Грузија кога таа земја се бореше против Русија.

Miodrag Soric
Миодраг Шориќ, дописник на ДВ од ВашингтонФотографија: privat

Порошенко не добива ниту свежи апри. Зашто, Америка е во изборна борба. Затоа пратенците не даваат дозвола за подароци од милијарди долари на држави за кои голем дел од Американците немаат којзнае какви познавања. Зад кулисите политичарите во Вашингтон укажуваат и на широко распространетата корупција во Украина - којзнае каде ќе заврши помошта? Политичарите затоа велат дека помош треба да даде Европа и Меѓународниот монетарен фонд.

Оној кој буди лажни надежи, жнее вистински разочарувања, рече еднаш поранешниот американски министер за надворешни работи Хенри Кисинџер. САД со години се бореа за наклонетоста на Украинците, ги охрабруваа да се оддалечат од Русија. Сега, кога Украина зачекори на тој пат, Вашингтон има одговорност. Одговорноста нема да може да се реализира ако Американците си го држат паричникот и натаму затворен.