1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анджеј Дуда - од извидник до претседател на држава

Елжбиета Стасик25 мај 2015

Новиот полски претседател Анджеј Дуда важи за мудар, динамичен и вешт. Како функционер на Партијата за право и правда важеше за штитеник на шефот на таа партија Јарослав Качински.

https://p.dw.com/p/1FW1X
Фотографија: Reuters

Веќе првата назнака во биографијата на Дуда звучи необично: „Во 1984 година станав член на извидниците во Краков, а по неколку години и водач на група.“ Таа повеќегодишна извидничка епизода Дуда ја споменува често и со гордост. Убаво, но дали тоа е толку важно за еден политичар? Во Полска - да! Поимот скаут, не само во конзервативните кругови на државата, е мит кој се изедначува со поимите „патриотски“, „искрено“, „пожртвувано“. Извидниците, меѓу кои многумина биле уште деца, се бореле и гинеле во Варшавското востание во 1944 година, што е симбол на полскиот патриотизам. Тој мит на херојска Полска се одржа до денес. Дуда на рафиниран начин го вплете во својата преизборна кампања и тоа со успех. Неговите избирачи бараа патриот кој ќе се грижи за нив, кој ќе биде подготвен да направи се‘ - за нив и за Полска.

Polen Wahl 2015 Komorowski
Поразениот Бронислав КоморовскиФотографија: Reuters/S. Kaminski

Метеорски подем

Во политиката 43-годишниот правник влезе неупадливо. На почетокот на 2000-те тој се ангажираше во либералната партија Унија на слободата, но тешко е да се најдат траги од тој ангажман. Полски „Њусвик“ дури пишува и дека Дуда го крие своето минато во таа партија.

А, потоа дојде 2005 година, кога Дуда докторираше во Краков, отвори своја адвокатска канцеларија и одеднаш стана не само член на национално-конзеравативната Партија за право и правда, која победи на парламентарните избори во септември 2005-та, туку стана и правен стручњак на нејзиниот пратенички клуб. Потоа се‘ се одвиваше многу брзо. Прво стана заменик министер за правда, па државен секретар во кабинетот на претседателот Лех Качински. Функциите само се менуваат. Една година овде, два месеца таму... Вистински метеорски подем, и тоа под закрила на претседателот. Додека претседателот Лех Качински не загина во авионска несреќа кај Смоленск во 2010...

Flugzeugabsturz Smolensk Lech Kaczynski Präsident Polen Jaroslaw
Јарослав Качински при одбележувањето на првата годишнина од трагедијата во СмоленскФотографија: Wojtek Radwanski/AFP/Getty Images

Откако за нов претседател е избран Бронислав Коморовски, Дуда се повлече и замина дома, во Краков. Се‘ уште беше пратеник и портпарол на Партијата за право и правда, но никој веќе не му обрнуваше внимание. Исто така тивко минуваше и неговата кариера во Европскиот парламент, во пратеничкиот клуб на конзервативците и реформистите, додека во 2014 година не одекна бомба: Јарослав Качински објави дека Дуда ќе биде претседателски кандидат на партијата. Дури и самиот претседател на партијата остана во сенка, а Дуда најавува наголемо дека ќе го преземе неговото наследство.

Големи ветувања

Партијата на право и правда, која од 2007 година е најсилна опозициона партија во Полска, ја основаа браќата Качински во 2001 година. Таа себеси се смета за заштитничка на Полска, застапник и бранител на „малиот човек“ во борбата против „самоволијата на владата“, како и претставник на католичките доблести: чесност, љубов кон татковината, но и отвореност кон светот - се‘ додека тоа не и‘ штети на татковината. Партијата се залага за „столбовите на здраво општество“: семејство, работа, безбедност. Сето тоа се вредности кои Дуда ги тематизираше во својата предизборна кампања. „Полска не смее да се дели на богати и сиромашни“, велеше тој. Изговараше и големи ветувања: дека ќе ја реиндустријализира Полска, дека ќе го зајакне земјоделството и ќе воведе социјална правда, дека сака на „луѓето да им ги врати достоинството и самодовербата“. Но даваше и помали ветувања, како на пример дека градинките ќе бидат бесплатни и дека ќе ја укине претплатата за радио и телевизија. Многу повнимателно зборуваше за темите кои се чувствителни за неговата партија, на пример за хомосексуалните бракови или вештачкото оплодување.

Polen: Wahlsieger Andrzej Duda mit Familie nach seinem Triumph
Анджеј Дуда со сопругата и ќеркатаФотографија: Reuters

Дуда им пристапи рафинирано и на европските теми. Така, тој рече дека еврото во Полска ќе биде воведено „дури кога сите Полјаци ќе заработуваат колку и луѓето на Запад“. Тој внимателно избегнува директни напади врз ЕУ, против која всушност нема ништо против се‘ додека Полјаците се „силна, способна држава во центарот на обединета Европа“.

Извидничка заклетва

Големи зборови, големи ветувања. Притоа, Дуда секогаш се повикува на својот збор. „Мојот збор ми е светост“, рече на крајот на предизборната кампања. Не без причина и во извидничката заклетва се наоѓаат зборови како што се „служење на мојата земја“ и „помагање на другите“, пишува Партијата за право и правда на својата интернет страница, притоа фалејќи го извидничкото минато на Дуда.

И сопругата на Дуда, Агата, нагласува дека врз него човек може да се потпре. Двајцата се во брак 20 години и се родители на 20-годишна ќерка. Се запознале во краковското училиште во кое Агата Дуда и денес држи настава по германски јазик. Пред претседателските избори во Полска познат беше само таткото на Агата, поетот и наставник Јулијан Корнхаузер. Но и Анджеј Дуда има што да понуди од своето семејно стебло. Тука е пред се‘ неговиот дедо, „припадник на коњицата, кој во 1920 година јавал против Русите, а во 1939 година против Германците“, напиша „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Во тој венсик може да с е прочита и дека Дуда е „човек со конзервативна биографија за пример“.