1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американски ученички запрени на пат кон Сирија

У. Кваст (дпа, афп, ап)/ А.Трајковска22 октомври 2014

Илјадници граѓани од западните држави веќе се приклучија кон ИД. На аеродромот во Франкфурт три девојчиња од САД беа стопирани од полицијата. Се претпоставува дека сакале да им се приклучат на џихадистите во Сирија.

https://p.dw.com/p/1DZbz
Фотографија: picture-alliance/dpa

На аеродромот во Франкфурт на Мајна германската полиција приведе три малолетни девојчиња. Оттаму тие во неделата биле вратени во Денвер во сојузната држава Колорадо кај нивните родители, соопшти портпаролка на ФБИ.

Според информациите во американските медиуми станувало збор веројатно за симпатизерки на терористичките милиции Исламска држава, две сестри на возраст од 15 и 17 години како и уште едно 16 годишно девојче од друго семејство. Две од нив мамеле дека се болни, не отишле на училиште, од родителите земале 2000 долари и си заминале. Родителите ја алармирале полицијата, кога забележале дека недостасуваат пари и пасошите.

Американските медиуми известуваат дека семејството на двете сестри потекнувало од Сомалија, додека семејството на третото девојче во САД дошло од Сомалија. Дали трите девојчиња имале контакт лице во ИД, засега не се знае.

Петмина Британци секоја недела се приклучуваат кон џихадистите

Според британската полиција, секоја недела во просек кон Сирија или Ирак заминуваат пет Британци, за таму да им се приклучат на самоименуваните Божји воини на ИД. Пет регрути неделно можеби се чинат малку, но ако се пресмета на годишно ниво тоа е сепак голем број, појасни шефот на полицијата Бернард Хоган-Хоув. Освен тоа вистинската бројка би можела да биде уште повисока, бидејќи многумина преку други земји влегуваат во Сирија или Ирак.

Според истражувањата на британските власти досега околу 500 Британци се приклучиле кон борбата на Исламската држава. Можното е враќање на борците со „воено исклуство“ во нивната татковина шефот на полицијата го оцени како „ризик“.

Експертите сметаат дека околу 12.000 борци од повеќе од 70 земји, меѓу нив од многу западни држави отпатувале во Сирија или Ирак за таму да се приклучат кон Исламската држава или други екстремистички групи. Во редовите на терористичката група Исламска држава, според инфорамциите на германските власти се борат и повеќе стотина исламисти од Германија, меѓу нив голем број млади.