1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аларм во Формула 1: банкрот лебди над светот на гламурот

К. Стим/ П. Шторцер/ З. Јордановски28 октомври 2014

Започна со Кетерхем, се надоврза Марусиа - кој нареден тим од Формула 1 ќе прогласи банкрот? Многу тимови веќе не можат да си дозволат учество во милионскиот спектакл - светското првенство во автомобилизам - Формула 1.

https://p.dw.com/p/1Dcny
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/I. Sekretarev

Над Формула 1, гламурозниот свет на сјај, кружи сеништето на банкротот. Кетерхем и Марусиа, екипи од задните редови, одамна се наоѓаат на работ на амбисот, но се’ повеќе и тимови како Заубер, Форс Индија и Лотуса стенкаат под товарот на енормните трошоци во „кралската класа“ на автомобилскиот спорт. Притоа, проблемите се одамна познати и не се предизвикани однадвор.

„Ако продолжиме вака, ќе останеме и без други тимови. Да ги имавме под контрола трошоците и да имавме поправедна распределба на парите за награди, веројатно немаше да ги загубиме Кетерхем и Марусиа“, вели Роберт Фирнли, заменик-шеф на тимот Форс Индија и прецизно го лоцира проблемот: „Само пет тимови имаат право на збор во Формула 1“. Остатокот мора да види како да се снаоѓа.

Неправедна распределба на парите

Со години тимовите зборуваат за тоа дека сакаат некако да ги намалат огромните трошоци. Но, досега тие не успеаа да се усогласат за ставање горна граница на буџетот на тимовите. За ограничување на своите буџети не се заинтересирани особено големите и богати тимови како Ред бул или Ферари, кај кои парите не играат никаква улога.

На ова се надоврзува и неправедната распределба на парите за награди од страна на главниот промотер Берни Еклстоун, таканаречените „Берни мани“ („парите од Берни“). Не е поточно познат клучот според кој се распределуваат околу 500 милиони евра годишно, но е јасно дека силните добиваат натпросечен дел и со тоа стануваат уште посилни. За Формула 1 е туѓа некаква барем делумно солидарна распределба на приходите, како на пример во фудбалската Бундеслига. Затоа најголемиот дел од тимовите всушност веќе не можат да си го дозволат учеството во милионскиот спектакл.

Formel 1 Grand Prix in Sotschi Russland Nico Rosberg Mercedes
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/L. Bruno

Се разретчува колоната во Ф1

„Не верувам дека на долг рок приватните тимови ќе можат да преживеат. Овој спорт е соочен со проблеми. Многу тимови ќе ја делат судбината на Катерехем“, вели поранешниот шеф на тој тим Тони Фернандес (бизнисмен од Малезија, н.з.). На наредната трка за Големата награда на САД во Остин (Тексас) од финансиски причини, покрај Кетерхем, нема да учествува ни Марусиа. Со тоа стартната постава со најмал број учесници од 2005 година наваму, ќе претставува тажна слика.

Марусиа вчера објави дека побара отворање стечајна постапка. И покрај сите напори да се обезбеди иднината на тимот, за таквиот чекор „немало алтернатива“, се вели во соопштението. Досега уште не е никој отпуштен од работа и сите соработници добиле целосна плата до крајот на октомври. Се настојува со придобивање нови партнери да се спаси тимот од распуштање. „И натаму целата стратегија ни се потпира врз вклучување на заинтересираните партнери“, вели стечајниот управник Џеф Роули.

„Ф1 не е за ситни риби“

Сепак постои мала надеж за краткорочен спас. Тимот на Марусиа би можел да добие финансиски шприц од околу 70 милиони евра. Англискиот весник „Телеграф“ известува дека британско-индиското претприемничко дуо, браќата Балџиндер Сохи и Сони Каушал, чија дејност е во индустријата за челик, покажале интерес за тимот кој е заглавен во фиунансиски проблеми. „Многу сме блиску до договор, но цената мора да ни одговара. Ние поднесовме сериозна понуда и сега чекаме да видиме што ќе се случи“, изјави Сохи.

Но, со тоа не би се решиле фактичкиот проблем на Формула 1. „За ситните риби Формула 1 е прескапа и целосно неприфатлива“, вели Нарајан Картикејан, според кого голем дел од добивката оди кај ионака богатите тимови. А тој добро знае за што зборува - во 2011 и 2012 година беше возач во Фрмула 1, потоа неговиот тим ХРТ (Хиспаниа рејсинг тим, н.з.) банкротира.