1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авторитарните тенденции водат кон подгревање на ситуацијата

Зоран Јордановски5 март 2015

Државите на ЕУ по прашањето на Македонија се вртат во круг. Ситуацијата во земјата е сериозна, оценува во интервју за Дојче веле Севим Дагделен, пратеник во Бундестагот од Партијата на Левицата.

https://p.dw.com/p/1ElIg
Фотографија: DW/K. Blazevska

ДВ: Госпоѓо Дагделен, како ја оценувате актуелната ситуација во Македонија? Какви сознанија произлегоа од седницата на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот?

С. Дагделен: „Ситуацијата во Поранешната Југословенска Република Македонија е сериозна. Таму имаме работа со една националконзервативна влада која ја прислушкува опозицијата на земјата, како и правосудството и медиумите и се обидува на медиумите да им пропише што смеат да известуваат. Но, се чини дека ни опозицијата во ништо не заостанува. Авторитарните тенденции сега водат кон ситуација која натамошно се подгрева, во кој шефот на опозицијата објавува наводни тонски снимки на официјални владини лица, а владата нему му префрлува за обид за пуч и му го одзема пасошот.

Земјата има енормни економски проблеми, повторно расте напнатоста меѓу македонското мнозинско и албанското малцинско население. Токму Западот се чини дека е слеп во однос на опасноста која произлегува од великоалбанските националисти за територијалниот интегритет на Македонија. Кога се слуша како Министерството за надворешни работи од големата коалиција се обидува да ги минимизира великоалбанските стремежи, на човека му станува непријатно. А тука ни ЕУ не е на помош. За да се потисне некое наводно руско влијание, очигледно постои готовност ситуацијата натамошно да се заострува или барем само да се набљудува при ескалација.

Германската сојузна влада сега би сакала да го реши спорот со Грција околу името, за да може Македонија брзо да ја води во ЕУ. Но, врз основа на и натаму непомирливите позиции на двете страни, ми се чини дека тоа не е стратегија што ветува успех.“

Sevim Dagdelen Abgeordnete Die Linke
Севим ДагделенФотографија: imago

ДВ: Дали, според Ваше мислење, сегашната криза ја загрозува интеграцијата на земјата во ЕУ или пак тој развој токму е последица на блокираниот процес поради грчкото вето? Потребно ли е сега некакво брзо решение, за да бидат создадени мотиви за натамошна демократизација на земјата?

С. Дагделен: „Државите на ЕУ по прашањето на Македонија се вртат во круг. Не може да се забележи вистинско залагање за демократизација и за територијалниот интегритет на Македонија и подготвеност за преземање посредничка улога во конфликтите со вклучување и на Русија.

Националистичките игри и авантури се водат врз грбот на обичните луѓе. Од пред повеќе од 15 години една третина од македонското население е невработена. На Македонија и’ треба економска перспектива, која ќе биде од полза за широки маси од населението. Кина на големо инвестира во македонската железничка и патна инфраструктура, Русија сака да ја поврзе Македонија на својата гасоводна мрежа. ЕУ, со оглед на големата сиромаштија, не презема ништо. Ако ЕУ и натаму полага само врз приватизација и дерегулација, социјалните проблеми само ќе се влошат.“

ДВ: Може ли воопшто Македонија со свои сили да најде излез од кризата? Кој може тука да помогне?

С. Дагделен: „Се надевам дека Македонија ќе најде свој сопствен пат за излез од кризата. Во него, се разбира, мора да бидат вклучени сите политички групи во земјата, а и малцинствата исто така. Притоа, предусловите не се лоши. Така, албанското малцинство во Македонија има права за кои рускоговорните малцинства во Естонија, Летонија и Литванија, или и во Украина, можат само да сонуваат. Но, мора неодложно да биде прекинато надворешното мешање во полза на владата или и за некаков преврат на опозицијата, инаку на Македонија и’ се заканува натамошно заострување на конфликтот. Како што реков, кога сите страни би биле согласни, тогаш би можеле на пример ЕУ, Русија и соседните земји таму да формираат некоја контакт-група, за да бара излез од ќорсокакот.“