1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Автомобил од 3-Д печатач

М. Мејер/бг21 јануари 2015

На автомобилскиот саем во Детроит две американски фирми го претставија првиот автомобил чија каросерија е испечатена. Тоа го овозможува новата 3-Д технологија. Но, за произведителите ова не е само игра.

https://p.dw.com/p/1ENhm
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Johnstone

Автомобил од 3-Д печатач

Кај ваквото возило штетите на лимаријата се исклучени. Каросеријата, целосно од пластика, се прави на 3-Д печатач. Дел по дел, раката на роботот го пополнува вештачкиот материјал. Севкупно, потребни се 44 часа за да се заврши каросеријата.

„Кој можеше да замисли пред само пет години дека 3-Д автомобил ќе биде испечатен, формиран, составен и возен на тлото на овој саем. Тоа е апсолутно неверојатно“, вели Скот Фалон од компанијата Сабик Иноватив Пластик, која го произведува ова возило.

Моторот, светлата и гумите не се печатат и дополнително се вградуваат. „Страти“ е името на моделот кој се грижи и за животната околина: го придвижува електромотор, а материјалот целосно се рециклира. Но, тоа го прави подложен и на временските услови како сонцето и дождот.

„Доколку го оставите надвор на милост на времето, веројатно ќе издржи 5-6 години. Но, доколку се чува во гаража и се користи како секој нормален автомобил, тогаш ќе издржи подолго“, вели Џеј Роџерс, директор на компанијата Локал Моторс.

Автомобилот произведен на печатач уште годинава треба да се најде во продажба, а ќе чини меѓу 18 и 30 илјади долари. „Страти“ за почеток ќе биде алтернатива само за велосипед: двоседот, имено, може да мине само 40 километри.

Автомобил од 3-Д печатач