1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австриските муслимани огорчени поради законот за исламот

Емир Нумановиќ / Елизабета М. Фиданоска18 октомври 2014

Австрија подготви нов предлог закон за исламот. Тој е многу критикуван од страна на Исламската заедница. Најголем проблем е забраната за финансирање на исламските здруженија од странство и за вработување странски имами.

https://p.dw.com/p/1DQFm
Фотографија: picture-alliance/dpa

Освен што во јавноста е претставен во отсуство на претставниците на Исламската заедница во Австрија, новиот предлог закон за исламот донесе и една голема и неочекувана новина - здруженијата со исламски предзнак во иднина нема да смеат да се финансираат од странство, како што ниту имамите кои служат во џамиите во Австрија нема да можат веќе да се плаќаат од буџетите на други држави. Оваа одлука во прв ред ги погаѓа турските здруженија - 65 имами кои се на служба во турските здруженија ширум Австрија плати добиваат од Министерството за надворешни работи на Турција и се под директна ингеренција на владата во Анкара.

Останатите делови од новиот предлог закон веќе од порано и‘ беа познати на јавноста во Австрија и ги регулираат исламските празници, веронауката во училиштата, образувањето на имамите и вероучителите, различните верски обреди, како и исламската социјална служба во болниците и старечките домови. Законот генерално се толкува и како голем чекор во стремежите на австриските муслимани и официјално да станат дел од демократската, плуралистичка и секуларна австриска држава, со сите права и обврски кои граѓаните на таква демократска заедница треба да ги имаат и почитуваат.

Сепак, новиот предлог закон наиде и на остри критки и неодобрување од страна на претставници на Исламската верска заедница во Австрија. Портпаролката на заедницата Карла Амина Багајати за ДВ оценува дека се стекнува впечаток како врз внесувањето на неочекувани промени во предлог законот, кој долго време се договара, да влијаела актуелната атмосфера во општеството, во која муслиманите се гледаат како нешто опасно и негативно. „Неколку пати е повторено, а тоа стои и во текстот на предлог законот, дека австриските закони се над исламските закони и обичаи и дека исламското учење не смее да се коси со демократските принципи. Кога нешто се презентира на овој начин, тогаш се стекнува впечаток дека се очекува муслиманите да прават повеќе прекршоци од останатите, што кај нас создава горчина. Во предлог законот се најдоа и работи за кои воопшто не сме расправале, иако за тој закон водиме преговори долга низа години“, истакнува Багајати.

Neues Islamgesetz in Österreich
Карла Амина БагајатиФотографија: DW/E. Numanovic

Прашања на надлежност

Претставниците на Исламската заедница се изненадени и од забраната за финансирање од странство на здруженијата со исламски предзнак. Освен на имамите од Турција, оваа одлука ќе се одрази и на работењето на Меѓународниот исламски центар во 21. виенски округ со најголемата џамија во Австрија. Тој центар го изградија и финансираа шеици од Либија и Саудиска Арабија, а последните месеци тој често беше во ценатрот на медиумското внимание поради заминувањето на одреден број австриски радикални исламисти на боиштата во Сирија. Дел од нив наведоа дека своите идеолошки ставови ги изградиле токму во тој центар. Некогашниот ополномоштеник на Исламската заедница за прашања на интеграција, а денес пратеник од редовите на виенските социјалдемократи, Омар ал Рави, изјави дека во таа џамија, доколку се усвои предлог законот, наскоро нема да има пари ниту да се плати греењето.

Neues Islamgesetz in Österreich
Меѓународниот исламски центар во ВиенаФотографија: DW/E. Numanovic

Во поголемиот дел од босанскохерцеговските здруженија во Австрија велат дека новиот предлог закон сепак е голем напредок. Абдулмеџид Сијамхоџиќ, имам на џамија во едно од босанскохерецговските здруженија и заменик на генералниот секретар на исламското собрание, истакнува дека стариот закон за исламот од 1912 година имал само неколку параграфи и не бил во духот на денешното време. Новиот закон, според Сијамхоџиќ, дефинира многу работи кои се важни за секојдневниот живот на муслиманите во Австрија. Тој вели дека многу се зборува за забрана на финансирањето од други земји, но босанскохерцеговските џемати од тоа главно не се погодени, зашто тие се финансираат од членарина и доброволни прилози. „Во законот сепак се зборува за редовно финансирање и се остава можност за еднократна помош од странство. Значи и тоа не ми се чини ригорозно, зашто кое било здружение може да основа фондација и во нејзе може секој да уплаќа пари“, нагласува Сијамхоџиќ.

Што се однесува до намерата во Австрија во иднина да не се вработуваат имами кои на служба доаѓаат директно од странство, Сијамхоџиќ се надева дека тој дел од законот нема веднаш да стапи во сила. „Мислам дека тоа и не е можно, зашто тоа ќе значи дека сите имами кои се вработени во Австрија тука завршиле и теолошки факултат. Во Австрија меѓутоа не постои исламски теолошки факултет, така што во преодниот период луѓето сигурно ќе доаѓаат однадвор, Но, новиот закон вели дека таков факултет на универзитетот во Виена е планиран за 2016 година, така што и таа одлука во принцип е сосема во ред“, додава Сијамхоџиќ.

Муслиманите под контрола?

Поголемиот дел од членовите во здружението во кое Сијамхоџиќ е на служба не го анализирале детално новиот предлог закон, но на поединци сепак не им се допаѓа начинот на кој тој е претставен во јавноста. Нечат Ѓул, студент по право во Виена, има чувство дека претставување на законот било сигнал до јавноста дека австриските власти ги држат муслиманите под контрола. „Ние се надевавме дека по овој закон навистина ќе можеме да кажеме дека сме горди и како муслимани и како Австријци. На овој начин само ни се наметнува диктат и тоа за мене е чист популизам“, вели Нечат.

Neues Islamgesetz in Österreich
Абдулмеџид СијамхоџиќФотографија: DW/E. Numanovic

Салих Сеферовиќ, студент по ориенталистика, вели дека повторно со некои одлуки муслиманите не се ставаат на исто ниво со другите верски заедници. „Одлуката да се забрани финансирање од странство е прилично тешка. Еврејската заедница, на пример, ја финансираат Израел и САД. Зошто тоа не смее да биде случај и со исламската заедница? Навистина се стекнува впечаток дека муслиманите во земјата треба да се стават под некаква контрола, што не‘ навредува“, нагласува Сеферовиќ.

Предлог законот сега оди во процедура, а во сила би можел да стапи на почетокот на наредната година.