1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авионската катастрофа - самоубиство на копилотот?

З. Јордановски26 март 2015

Копилотот намерно го насочил авионот кон уривање - ова произлегува од анализата на снимките на разговорите во кабината. Копилотот ја затворил вратата и не му дозволил на капетанот да се врати во кабината.

https://p.dw.com/p/1Ext1
Фотографија: Reuters

Падот на авионот на германската компанија Џерманвингс, во кој загинаа 150 луѓе, е намерно предизвикан од страна на копилотот, објави денеска на прес-конференција Брис Робен, јавен обвинител од Марсеј, кој ја води истрагата. Во моментот на катастрофата копилотот бил сам во кабината, рече тој, со што ја потврди претходната информација што ја објави американскиот весник „Њујорк Тајмс“. Копилотот, 28-годишниот Андреас Лубиц, Германец по националност, свесно го насочил авионот кон спуштање. Тој ја затворил вратата и не му дозволил на претходно излезениот капетан да се врати во пилотската кабина. Тоа може да се интерпретира како „волја да се уништи авионот“, рече францускиот обвинител. Патниците во авионот дури во последните моменти пред катастрофата станале свесни што се случува.

Тој се повикува на анализата на податоците од војс-рекордерот, како што се вика црната кутија која ги снима разговорите во пилотската кабина. Целосна слика ќе се добие откако ќе бидат анализирани и податоците од флајт-рекордерот, втората црна кутија која ги бележи сите технички параметри на летот.

Според обвинителот, засега нема никакви миндиции за можен терористички акт, оти нема никакви докази за врски на 28-годишниот копилот со терористичката сцена. Во Џерманвингс копилотот бил од 2013 година и до трагичниот лет имал 650 часови лет. Пред да биде вработен во германската воздухопловна компанија, копилотот завршил пилотска школа на Луфтханза во Бремен.