1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вџашеност, тага и неверување

Феликс Штајнер Превод: С.Недевски25 март 2015

Ретко толку многу луѓе го следат напливот на вести, како сега за падот на авионот на Џерманвингс во јужна Франција. Вестите не допираат толку многу, бидејќи секој од нас можело да седи во авионот, смета Феликс Штајнер

https://p.dw.com/p/1ExBi
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Christiansen

Летањето со авион за многу Европејци во меѓувреме стана нешто сосем подразбирливо. Пред 40-50 години, патувањето со авион сѐ уште беше мал луксуз. Денес човек не мора врвно да заработува за да си го дозволи летот на одмор еднаш во годината, а не мора да биде ни топ менаџер за да лета во странство на работен состанок. Летањето одамна е нормална работа дел од нашето секојдневие.

Европа е најбезбедниот регион за летање во светот

Токму поради оваа причина толку многу шокира веста за падот на авионот на Џерманвингс среде Европа. Авионска катастрофа тука, среде Европа? Авион на германска компанија? Тоа би можело да го погоди секого од нас! Вчера тоа ги погоди 150 луѓе на пат од Барселона до Диселдорф. Меѓу нив, на пример една група од 16 гимназијалци со нивните наставници, кои се враќаа дома од Каталонија каде престојуваа во рамките на една размена на ученици. И мојата ќерка веќе има патувано на училишна размена! Затоа вестите од југот на Франција допираат до чувствата на толку многу луѓе и затоа цела Германија, исто како и цела Шпанија тагуваат за жртвите и сочувствуваат со нивните семејства.

Felix Steiner
Феликс Штајнер, автор на коментаротФотографија: DW/M.Müller

Покрај тагата, како и утехата и помошта за семејствата на жртвите во преден план се поставува се разбира и прашањето за причините за несреќата. Меѓутоа без разлика што ќе се утврди порано или подоцна, речиси никој нема да ги промени своите планови и својот начин на живот. Летањето практично за сите кои досега летале со авион и натаму ќе биде составен дел од животот. Да- ќе се фатиме како размислуваме: Сакам ли навистина да летам со Џерманвингс? Во кој тип на авион штотуку влегувам? Далие е тоа можеби Ербас А320? Да - непријатното чувство, кое и без тоа многумина го имаат при летање, пред сѐ во наредните денови ќе биде значително посилно од вообичаено. Но и натаму ќе влегуваме во авион, ќе полетуваме и по правило и повторно безбедно ќе слетуваме.

Возењето автомобил поопасно од летањето

Зашто, дури и ако некому, кој вчера загубил свој љубен и близок, можеби ќе му звучи многу цинично: летањето е , а и натаму останува најбезбеден начин да се минат далечни растојанија од А до Б. Авионските несреќи, постојано привлекуваат големо медиумско внимание, пред сѐ затоа што во нив најчесто животот го губат животот, односно чекорот до катастрофата е многу краток. На жртвите на патниот сообраќај не им се посветува волкаво внимание затоа што несреќите во кои загинуваат се случуваат на многу различни места.

Во патниот сообраќај бројот на загинати во изминатата година во споредба со 1970 е намален на само 15 проценти- и покрај тоа што густината на сообраќајот оттогаш наваму е повеќекратно зголемена. Во воздушниот сообраќај вакво значително намалување досега е приближно остварено само еден единствен пат, во 2013 година. Значи целта мора да биде, летањето во основа да се направи уште побезбедно. Тоа не е задача само за експертите за одбрана од тероризам, туку пред сѐ и за инженерите и воздухопловните техничари, кај производителите на авиони како и кај авионските компании. Ова е опомената на жртвите од летот 4У9525 на Џерманвингс: без оглед која е причината за катастрофата.