1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недостигот на возачи во Германија се зголемува

Клаус Дојзе
15 јуни 2022

Тримесечното намалување на данокот на минерални масла не носи олеснување за шпедитерите и компаниите за логистика во Германија. Ланците на снабдување сѐ уште некако се одржуваат, но недостигаат 80.000 возачи.

https://p.dw.com/p/4CiXT
Deutschland Lkws
Фотографија: Uwe Anspach/dpa/picture alliance

Критиките на сметка на компаниите за минерални масла се зголемуваат, бидејќи даночните олеснувања за горивата, за кои одлука донесе владата, не се забележуваат. Иако цената на литар дизел поради попустот треба да падне за 14 центи, цената на пумпите и натаму е околу две евра.

Постојано високите цени на горивата не само што ги погодуваат лицата чиј пат до работното место е поголем, туку ги оптоваруваат и средните претпријатија во транспортниот и логистичкиот сектор, чии камиони обезбедуваат одржување на синџирите на снабдување. Според Сојузот за патен транспорт, логистика и отстранување на отпад (БГЛ), некои компании веќе мораа да поднесат барање за стечај.

Според зборовите на портпаролот на раководството на БГЛ, Дирк Енгелхарт, не може да се зборува за олеснување преку намалувањето на данокот на минерални масла. „Од една страна, тоа го гледаме во сѐ уште екстремно високите цени на бензинските пумпи. Од друга страна, ова намалување и онака не е доволно за да го компензира огромното зголемување на трошоците на камионскиот транспорт.“

Според пресметките на сојузот, вкупните трошоци на компаниите-членки од јануари до март се зголемиле за 34 отсто. Зголемувања на трошоците има насекаде, од цените на дизелот до поскапувањата на новите камиони и гуми. Трошоци што 7.000 компании членки со околу 400.000 вработени мораа да ги пренесат на клиентите „бидејќи маржите во бизнисот со камионски транспорт се исклучително ниски“.

Frankreich | Tankstelle | Treibstoffkosten
Даночните олеснувања за горивата, за кои одлука донесе владата, не се забележуваатФотографија: Eric Gaillard/REUTERS

Експлодираа цените на течниот гас

На германските патишта секојдневно се околу 250.000 камиони. Тие доставуваат не само стока во супермаркетите, туку „нема бранша која може да излезе на крај без камионски транспорт, поради тоа што над 70% од стоките во Германија се транспортираат со камиони“, потенцира Енгелхарт.

БГЛ е сојуз каде што се организирани мали и средни претпријатија, со до 20 вработени. Тие постојано имаат проблеми не само поради високите цени на дизелот. Голем дел од нив инвестираа во возен парк со погон на течен гас (ЛНГ). Тие претпријатија „имаат најголеми проблеми, бидејќи цената на гасот е зголеми многу, многу повеќе од цената на дизелот“, вели Енгелхарт. Според БГЛ, од околу 90 центи за килограм во јануари минатата година, цената оваа пролет е зголемена на над 2,30 евра.

Намалувањето на данокот на минерални масла, кое важи од јуни до август, не ѝ пружа доволна поддршка на браншата, „затоа што привремен попуст во делот на данокот на енергија од неколку центи дава само мало олабавување со оглед на високите цени, а и не штити од натамошни скокови на цените“, согласен е и раководителот на Сојузот на шпедитери и логистика (ДСЛВ), Франк Хустер.

Deutschland, Koblenz | LKWs auf einem Autobahn-Rastplatz
Нема бранша која може да излезе на крај без камионски транспорт, поради тоа што над 70% од стоките во Германија се транспортираат со камиони, потенцира ЕнгелхартФотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopress/picture alliance

Цените за логистика ќе се зголемуваат и натаму

ДСЛВ ги застапува интересите на 3000 даватели на шпедитерски и логистички услуги со секаков вид на транспорт. Околу 70 отсто од компаниите-членки товарат во сопствени, како и туѓи домашни и странски камиони. Но, тие не се само на патиштата. Овие средни компании, објаснува раководителот Хустер, „обично генерираат приход и со поморски и воздушен транспорт, чии превознички стапки во моментов се на рекордно ниво“.

Годишниот обрт на компаниите организирани во ДСЛВ изнесува 113 милијарди евра. Дополнителниот промет во целиот сектор на патен транспорт изнесува околу 47 милијарди евра.

И покрај проблемите во глобалните ланци на снабдување и различните тесни грла, секторот за шпедиција и логистика сè уште може да обезбеди основно снабдување на трговијата и индустријата, вели Франк Хустер. Сепак, цените веројатно ќе продолжат да растат, потенцира тој и дава пример: „За резервација на место за контејнер на брод, и покрај напреднатата дигитализација, организациските напори на еден шпедитер се тројно зголемени во споредба со периодот пред кризата, поради целосното излегување од такт на распоредите за возење. Значи, тоа е уште една причина за големиот раст на цените за логистика во моментов.“

Во Германија недостигаат 80.000 возачи

Недостигаат околу 80.000 возачи

Сето тоа доведува до дополнително зголемување на цената на превезената стока. Со оглед на тоа што транспортните претпријатија вршат авансни плаќања, Енгелхарт се залага за привремено законско намалување на роковите за плаќање на две недели со цел да се зајакне ликвидноста.

А, кога станува збор за одржување на синџирите за снабдување, Енгелхарт укажува на добро познатиот проблем со возачите. Според БГЛ, во Германија сѐ уште има недостиг од 80.000 возачи. И тој јаз секоја година се зголемува за уште 15.000 возачи кои недостигаат. Затоа што, „околу 30.000 одат во пензија, но само 15.000 се обучуваат“, пресметува портпаролот на раководството на БГЛ. Ако ништо не се промени, тогаш, според зборовите на Енгелхарт, постои закана наскоро да завладее ситуација како во Велика Британија.