1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска не доаѓа посредник од ЕУ

Катерина Блажевска26 мај 2015

Надежите дека Брисел брзо ќе делегира посредник во разговорите меѓу власта и опозицијата, се зголемија по средбата Груевски-Заев минатата недела во Стразбур. Но, засега се уште не е избрана личноста која ќе посредува

https://p.dw.com/p/1FWMP
Фотографија: Amalia Oganjanyan

Заев, Груевски, Ахмети и Тачи, на денешната трета по ред лидерска средба, сами треба да бараат решение за излез од кризата, во присуство на амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, кои имаат само улога на набљудувачи. Европската унија, според партиски извори, денеска нема да испрати свој претставник на средбата на лидерската четворка. Надежите дека Брисел брзо ќе делегира посредник во разговорите меѓу власта и опозицијата, се зголемија по средбата Груевски-Заев минатата недела во Стразбур. Извори од Брисел потврдија дека Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) ја разгледува можноста да испрати Специјален претставник на ЕУ во Македонија, кој директно би учествувал во преговорите за излез од политичката криза. Висок претставник на Европската комисија, за МИА потврдил дека во ЕЕАС веќе се работи на таков избор: се прави филтер на можни кандидати кои ја познаваат ситуацијата во Македонија, а кои не би имале судир на интереси, односно да не се припадници на социјалдемократската или на демохристијанската опција. Поради безбедносните импликации по настаните во Куманово, во Брисел доминирал ставот дека нивниот пратеник треба да има пошироки овластувања, односно да добие мандат на Специјален претставник за Македонија. Последен таков претставник на ЕУ во Македонија беше Французинот Ален Ле Роа, во периодот по конфликтот од 2001 година. Денес, овој француски дипломат е на функцијата прв оперативец на европската дипломатија, односно генерален секретар токму на ЕЕАС, службата која треба да регрутира Специјален претставник на ЕУ во Македонија.

Профил на посредникот

Според дипломатски извори, процесот на именување специјален претставник, не е ни брз ни лесен. Прво, преку селекција треба да се идентификува таков кадар, да постои широка согласност за тој избор и да се прецизира неговиот мандат. Сето тоа предвидува сет од постапки и процедури, бара време и многу внимателност. Поширoката јавност во Македонија не е запознаена со тие процедури, а единствено што очекува е - „тој“ што поскоро да дојде во Македонија. Кој е „тој“? На какво посредништво, во кој формат и од каков политички „габарит“ може да се надева Македонија, со оглед дека разговорите меѓу домашните лидери засега не бележат напредок? Ни претставници на стручната јавност немаат „фоторобот“ или прецизиран „профил“ на потенцијалниот посредник. Но некои од нив ги идентификуваат земјите од кои би било најдобро да пристигне помошта за наоѓање на решението. Поранешниот министер за надворшени работи, Љубомир Фрчкоски, смета дека кога ќе се истрошат разговорите во сегашниот формат, неопходно е во јуни Вашингтон и Берлин да се вклучат со посредништво во разговори за формирање преодна влада.

„Тие разговори треба за завршат со обзнана за формирање преодна влада, што значи оставка на Груевски. Во текот на летото треба да се направи договор за составот и за мандатот на таа влада, што е мошне деликатно. 'Црно сценарио' би била слаба и блокирана преодна влада, на која зад грбот ќе и работи компромитираното јадро - Груевски, Мијалков, Јанкулоска и други. Затоа е неопходен силен персонален состав на таа преодна влада и со луѓе од опозицијата, ново обвинителство и обвинувања за прислушкувањето“, вели Фрчкоски.

China Peking Besuch Federica Mogherini
Федерика МогериниФотографија: Reuters/Kim Kyung-Hoon

На последната среба на лидерската четворка во Скопје, разговорите не стигнаа до фаза во која би се разговарало за барањата на која било од партиите, бидејќи не биле дефинирани основните принципи на рамката за почеток на политичкиот дијалог.

„Се уште се разговара за принципите при влез во евентуални преговори, за рамноправноста на сите во тие преговори, за гаранција за чесен пристап и фер однос на сите и за гаранција за спроведување на она што евентуално би се договорило“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по средбата.

Како протекторат

Во јавноста нема големи очекувања ни од денешната рунда разговори, а кај дел од неа ни големи очекувања од европско посредништво. Според амбасадорот Ристо Никовски, на европското инволвирање во македонската криза мора да се гледа од повеќе aспекти.
„Прво, на Унијата мора јасно да и се стави на знаење, дека заради нејзината неразумна и силеџиска политика на блокада и уцена која ја спроведува осум години кон Македонија, носи голема одговорност за настаните во земјата. Второ, нашето искуство со нивни специјални пратеници од 2001 година е исклучително негативно и со трајни последици. Трето, жално е што опозицијата, свесна дека нема поширока поддршка од народот, постојано бара некој од надвор да ни ги средува работите. Свесни или не, тие директно покажуваат дека не сме кадарни да имаме држава. На иста линија се и албанските партии, што не зачудува, бидејќи дел од нивните лидери имаат свои комбинаторики, погубни за државата. Четврто, кога некои политички сили без скрупули и без избори се обидуваат да дојдат на власт, странската интервенција е неизбежна. Петто, кога јавно демонстрираме некадарност да ја водиме државата бидејќи една сериозна политичка сила ја бојкотира и работи против нејзините фундаментални интереси, ангажирање на странците мора да се гледа и од позитивна призма. Меѓутоа, кој и да дојде, нема да поаѓа од интересите на Македонија туку од инструкциите од Брисел, кои се базирани на нивната ултимативна политика кон земјата - прво името, потоа членство. Ќе не третираат како протекторат, ама сами си го баравме тоа. Да се надеваме дека сега нема од кризата да излеземе сите поразени, како во 2001 година“, предупредува Никовски.

Prof. Dr. Ljubomir Frckoski
Љубомир ФрчкоскиФотографија: Petr Stojanovski

Седмата сила

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на вчерашната дебата „Каква Македонија сакаме“ најави дека денеска нема да ги почне разговорите, ако на сите присутни новинари не им биде дозволен влез во Клубот на пратениците.

„Додека моите асистенти не ми дадат сигнал дека сите новинари се пуштени внатре, јас разговори не почнувам. Политичарите мора да дозволат прашања и да одговараат. Не можеме да велиме дека седмата сила е совеста во општество, ако таа не смее да поставува прашања“, рече Заев.

На втората лидерска средба, не му беше доволен влез во Клубот на новинарот Саше Ивановски, откако по завршувањето на првата средба тој го „бомбардираше“ премиерот со прашања за новиот „мерцедес“ од 600.000 евра и кога ќе поднесе оставка. Пред четири дена Ивановски беше нападнат од непознати лица, кои со метални шипки му нанесоа повреди на главата.