1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хонорарците меѓу прекаријат и нов удар врз џебот

Катерина Блажевска5 ноември 2014

Новите дополнителни придонеси за пензиско и здравствено осигурување ќе ги „стопат“ хонорарите, но не е сигурно дали ќе ги наполнат фондовите, велат соговорниците на ДВ

https://p.dw.com/p/1DgvI
Фотографија: DW/A.Dimitrievska

Нов удар врз џебот на граѓаните, кој најтешко ќе го почувствуваат хонорарците. Вака се доживуваат законските измени кои ќе стапат во сила од 1 јануари 2015 година, а на голем број граѓани ќе им донесат 25 отсто помали приходи. Измените беа донесени летото, во шпицот на летните одмори, па најголемиот дел од јавност со новините се запознава дури сега, кога часовникот одбројува ситно до нивната имплементација.

Оние кои добиваат приходи врз основа на договори на дело и авторски договори, освен персоналниот данок што го плаќаа досега, од своите хонорари ќе треба да одвојуваат и средства за придонеси за пензиско - инвалидско и здравствено осигурување. Заедно со персоналниот данок од 10 отсто, оптоварувањето ќе изнесува над 35 отсто од сумата на хонорарите. Придонеси ќе се плаќаат само за хонорари кои го надминуваат износот на минималната плата од 9.590 денари. За да се воведе ваквата новина, изменети се пет закони - за работни односи, за придонеси од социјално осигурување, за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување и Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Постојат надежи дека извесен позитивен ефект се очекува кај работодавачите кои со договори за дела и авторски договори досега во суштина покриваа класичен работен однос. Сега, кога мора да плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување, дел од хонорарците се надеваат дека ќе бидат редовно вработени.

(Не)одржливи фондови

Но, одредени нелогичности и непрецизности во законот го намалуваат тој оптимизам. Мартин Краљевски од левичарско движење „Солидарност“ смета дека измените на законот само делумно ќе го решат статусот на таргетираната категорија работници.

Nikola Gruevski Premierminister Mazedoniens 19.06.2014
Државните функционери се изземени од новиот законФотографија: MIA

„И покрај декларираната интенција на Владата, овој закон има свои недоречености и нелогичности. Такво е прашањето со оние кои се веќе вработени и плаќаат придонеси, а со тоа што дополнително ќе изработат нешто врз основа на посебен договор, повторно ќе бидат обврзани да ги извршат истите уплати. Придонесите за пензиско и инвалидско осигурување ќе влезат во пресметката на пензиската основица, но се поставува прашањето кој ќе ги користи бенефитите од придонесите од здравственото осигурување? Тоa во прв план го става сомнежот околу одржливоста на социјалните фондови, односно дали со оваа мерка Владата сака да ја пополни се поголемата дупка во нив. Втор проблем е можноста работодавачите да ја намалат висината на хонорарите под износот на минималната плата за 2015 година од 9.590 денари, бидејќи само во таков случај тие се ослободени од плаќање на придонесите од задолжителното социјално осигурување. Но, дури и да не се случи ваквото сценарио, приходите на работниците ќе се намалат за цели 24,9% колку што изнесува збирниот процент на двата вида придонеси“, укажува Краљевски.

Во однос на задолжителните придонеси, како правно нелогично се смета и израмнувањето на авторските и на договорите за дело со договорите за вработување. Имено, првите два вида договори по својата природа му припаѓаат на договорното, облигационо право и не обезбедуваат право на годишен одмор, платена прекувремена работа, заштита при работа и други права кои ги гарантира договорот за вработување, па голем дел од работниците ги става во понеповолна положба во однос на своите колеги.

Функционерите повластени

Затоа, пак, во најповолна положба ќе бидат функционерите. Наплатата на придонеси од договори на дело и авторски договори не важи за избрани и именувани функционери- пратеници, советници, судии, поротници, вештаци, стечајни управници, како и за волонтери, професионални спортисти, стипендисти, пензионери... Новинарот Даут Даути, кој е член на Комисијата за верификација на факти, смета дека позитивната дискриминација повеќе им е потребна на други категории граѓани, отколку на функционерите.

„Како носител на јавна функција, оваа 'позитивна дискриминација' би требало да ми годи, бидејќи ме става во поповластена состојба од останатите 'обични работници', од чии хонорари ќе се одземат дополнителни проценти. Но, јас сум бил и останувам човек кој хонорарите ги обезбедува од своето перо, преку професионалниот ангажман како долгогодишен новинар, колумнист, публицист и автор на многу литературни дела. Затоа, попрво би го поддржал творештвото, интелектуалниот ангажман и творечкиот труд. Сметам дека со дополнителни зафати не смее да се загрози трудот на творците, но и на останатите категории кои во разни форми добиваат хонорари, а кои се непостојани и мали за наши прилики. За разлика од нив, носителите на јавните функции по разни основи ем се подобро материјално наградени, ем имаат постојан ангажман со врменска рамка преку своите мандати. Ако некој требаше да биде позитивно дискриминиран, тоа не треба да бидат функционерите, туку другите категории граѓани“, укажува Даути.

Медиумите на удар

Во сферата на медиумите овие измени се доживуваат како темен облак надвиснат над малкуте слободни медиуми и невладини организации кои не се под контрола на власта, а се со слаба финансиска кондиција. Таков е впечатокот и на новинарот Ерол Ризаов: „Блиску до здравиот разум е дека Владата кога ги подготвувала овие измени го имала ова предвид. Здружението на новинари и некои медиуми навреме алармираа за последиците од најновиот даночен намет, кој ги има сите елементи на казнена политика и нова глоба за слободата“.

Protest von Journalisten in Mazedonien
Новинарите ќе бидат тешко погодени од променитеФотографија: DW/F. Musliu

Состојбата со медиумите во Македонија доживеа големи критики во Извештајот на Европската Комисија, а извесно дека може и дополнително да се влоши под товарот на новите давачки. Голем број новинари може да останат без ангажман, под притисок на голата егзистенцијата слободата ќе стане уште поскапа, но во власта и натаму не покажуваат никаква загриженост за таквите предупредувања.

Тамара Чаусидис, претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, вели дека во принцип ниту еден синдикат не може да биде против зголемување на правата на работници, но проблемот е што со овие измени кои се претставени како подобрување на положбата на хонорарно ангажираните, всушност се добива спротивен ефект.

„Ако досега хонорарниот ангажман беше незаконски и трудовата инспекција можеше да го санкционира, сега тој е легализиран. Познавајќи ја состојбата во медиумската индустрија и бескрупулозната трка на сопствениците по профит, навистина е тешко да поверуваме дека тие во иднина воопшто ќе вработуваат, ако можат легално да ангажираат хонорарци, без страв дека инспекцијата ќе ги казни. Но, можат и да ги отпуштат хонорарците кога ќе посакаат, без непријатни и долги процедури кои важат за вработените. Со ова практично се легализира прекарната, неформална работа, која и без тоа е рак-рана на професијата. Според наши сознанија, една третина од медиумските работници се всушност прекарни работници - со привремена или повремена ангажираност. Немам дилеми и дека сопствениците нема да ја сменат сумата наменета за хонорарците, само што нетото кое ќе отиде во нивни раце ќе биде за 35% помало. Притоа, кој ќе си дозволи да даде отказ на хонорарниот ангажман ако знае дека шансите за вработување во друг медиум се речиси никакви? Цената на трудот со овие измени дополнително ќе се намали“, констатира Чусидис.

Таа го потенцира и начинот на кој се донесени измените на петте закони: среде годишни одмори и по скратена постапка, што е доволно да ги разбуди сомнежите дека нешто не е во ред со таквата намера. Фактот дека на овие измени им претходеше некаков „дијалог“ на економско-социјалниот совет, а членовите на истиот тој совет денес „не знаат“ дека од измените се изземени функционери и судии, според Чаусидис, исто така фрла сомнеж во добрите намери на предлагачот. ССНМ испрати и формално барање за средба со министерот за труд и социјална политика за да разговара за овие измени кои ќе засегнат добар дел од неговите членови.

Кусок во касата

Сомнежите дека целта на овие измени е да се пополнат дупките во фондовите, не се без основа. Дека во пензиската каса има се' помалку пари покажа и ланскиот ревизорски извештај, според кој кусокот изнесува околу 22 отсто од вкупниот буџет на Фондот. Втор сигнал е фактот дека во Собранието влезе предлог, според кој, висината на стапката на пензиски придонес за вработените нема да се менува во наредните три и пол години. Иако според владините проекции тој придонес во 2015 година требаше да се намали на 17, 6 отсто, висината на пензиското осигурување останува замрзната на 18 отсто до јули 2018 година. Ова е второ одложување на намалувањето на стапката на социјалните придонеси во последните две години.
Според податоците, денес еден пензионер го издржуваат 1,8 вработени, односно 526.000 работници работат за пензиите на 290.000 пензионери.