1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Урошевиќ и Плевнеш единствени македонски претставници во Лајпциг!

Силвера Падори-Кленке15 март 2014

Македонија и годинава нема свој штанд на саемот на книгата во Лајпциг. Дека земјата постои на литературниот глобус слушнаа само оние кои присуствуваа на вчерашните претставувања на Влада Урошевиќ и Јордан Плевнеш.

https://p.dw.com/p/1BQ9d
Фотографија: picture-alliance/dpa

Саемот на книгата во Лајпциг не е само изложба за најновите трендови и изданија од светот на литературата, туку и во вистински збор презентација на секоја земја, јазик, книжевност и духовна култура. Особено за земјите од Источна и Југоисточна Европа. Поради ова, тука од четврокот (13.03), па до утре (16.03) на свои штандови годишната литературна продукција ја претставуваат сите балкански држави, со исклучок на Македонија. Дека постои македонскиот јазик и литература, вчера попладне имаа можбност да слушнат оние кои случајно или целно се најдоа на Форумот за Југоисточна Европа на преведувачката мрежа Традуки, која ги организираше претставувањата на Влада Урошевиќ и Јордан Плевнеш. Двајцата писатели и творци за отсуството на Македонија во Лајпциг коментираат:

„Не можам да сфатам зошто е така! Мислам дека нашите надлежни во министертвото би требало да ги имаат информациите дека саемот е особено свртен кон истокот и кон југоисточна Европа и прават напори да ги доближат литературите на нашите балкански словенски народи до нивниот книжевен пазар. Голема штета е што нема македонски штанд“, вели Влада Урошевиќ, чиј превод на германски на неговиот роман „Мојата родинан Емилија“ беше претставен во рамките на програмата „Два големи раскажувачи: Една северно-јужна литературна средба“ (заедно со шведскиот автор Рихард Шварц).

И Јордан Плевнеш, кој првпат како писател беше претставен пред германската публика со дел од романот „Осмото светско чудо“ (превод на Вил Фирт) за Дојче Веле подвлекува дека многу жали што Македонија нема свој штанд. Вели дека ќе ја исползува неговата духовна поврзаност со Германија и родниот град на Бах, за идна поголема присутност. „Благодарение на овој превод ја чувствувам мојата присутност на германскиот простор како вековна поврзаност на германскиот и македонскиот идеализам со најзначајните имиња на германската култура“, појаснува Плевнеш.

Задоволство од реализираното!

И претставниците на преведувачката мрежа Традуки, но и самиот Влада Урошевиќ, кој првпат пред три години беше претставен во Лајпциг, не го кријат задоволството што конечно од минатиот декември романот „Мојата роднина Емилија“ (во превод на Бенјамин Лангер) е достапен до читачката публика.

Leipziger Buchmesse 2014
Традуки задоволен од постигнатата цел - романот на Влада Уршевиќ во превод на Бенјамин Лангер го најде патот до читателитеФотографија: DW/S. Padori-Klenke

„За Влада Урошевиќ сите во Традуки сме горди, зашто со него ни успеа она што е наша цел: да ги донесеме авторите во Лајпциг, да ги претставиме пред да имаат преведена книга на германски. Пред три години Урошевиќ беше наш гостин. Сакавме да го свртиме вниманието на издавачите. Со Влада Урошевиќ ова ни успеа, иако така не е секогаш“, вели за ДВ Алида Бремер од Традуки, која појаснува дека авторката и писателката Елке Шмит, која го водела разговорот, била воодушевена од творештвото на Урошевиќ, по што бил најден и издавач. Годинава Урошевиќ бил поканет за да се прослави најголемиот успех - по едно читање и претставување еден автор да се пробие. Традуки се надева дека ова ќе се повтори и со „Осмото светско чудо“ на Јордан Плевнеш чиј дел пробно преведе Вил Фирт.

Инаку, во списанието за литература и општество „БЕТОН Интернационал“ чие предсаемско издание беше посветено на 100-годишнината од Првата светска војна, се претставува Никола Гелевски, чиј есеј е посветен на Балканските војни (Граници, линии на поделба, фронтови - Македонија пред 2014).

Поблиску до германската публика

За секој збор од „Мојата роднина Емилија“ кој допира до германската читачка публика, како што кажа и модераторот на претставувањето Херман Валман, „е одговорен“ преведувачот Бенјамин Лангер. Влада Урошевиќ не го крие задоволството што неговиот пишан збор и мисла можат да го проследат и германските читатели. Кажува дека луѓето од издавачката куќа му подготвиле вистинско досие за реакциите на романот. До сега имало над 20 критички одгласи во различни весници и списанија. И сите се позитивни, што кажува дека книгата се чита и добро се продава. Со „првенчето“ се чини е пробиен мразот и е отворен патот до срцето на германскиот читател. Дали Урошевиќ подготвува уште нешто за ова публика?

Leipziger Buchmesse 2014
Јордан Плевнеш му го довери преводот на „Осмото светско чудо“ на Вил ФиртФотографија: DW/S. Padori-Klenke

„Се обидувам уште еден мој роман тука да биде преведен и издаден. Станува збор за ‘Дива лига’. Тоа е роман кој во Македонија е објавен пред неколку години. Дејството и сега е особено актуелно. Се зборува за односот археологија - политика. Археологија - црн бизнис, диви копачи, препродавачи на антиквитети. Не знам колку ќе биде инетресно за странските читатели, но се обидов да дадам некои ситуации, т.н. слики од тајниот живот на предметите“, вели Влада Урошевиќ.

За судбината на јазикот

Дел од „Осмото светско чудио“ на Јордан Плевнеш пробно преведе Вил Фирт кој забележува дека јазикот сам по себе не е проблем, но тешко било да се доближи драматичноста на Плевнеш во форма на роман до германската публика. Зашто ова дело е нешто меѓу типичен роман и драма. Засега се бара издавач, но Фирт е оптимист зашто има заинтересирани!

Плевнеш кој пред публиката во Лајпциг говореше за тоа како е создаден романот, инспирацијата од градежната традиција во Македонија, приказната која се случува во „3,3 секунди“, но и за утопијата и магијата во која живее главниот јунак Александер Симсар. Драматичноста и фантазијата на една прикаска или бајка, е секако фасцинацијата со која Плевнеш ќе се обиде да ја освои германската публика. Го прашуваме: дали присуството на двајца автори во Лајпциг, а отсуство на вистинско презентирање на земјата со свој штанд и претставување на годишната литературна продукција нема негативно да влијае за запознавањето и прифаќањето на македонскиот јазик и книжевност?
„Има многу јазици во Европа кои доживувале различни судбини во текот на последните века. Ќе го цитирам францускиот автор Клод Дунетон кој ја напишал книгат Смртта на францускиот јазик, каде вели дека за неколку децении тој ќе исчезне. Во тој иделизам вели дека сите ние ќе умреме со чувство дека некој од нашите јазички постамени, мали или големи јазици ќе исченат. Во таа смисла и драмата на македонскиот јазик е таква и јас не сум оптоварен. Македонскиот е еден прекрасен јазик , базиран на сите тие векови во кои од почетокот на творештвото на Кирил и Методиј и 11 векови подоцна многу фработи се смениле. Тогаш меѓу Солун и Владивосток бил само еден јазик, а сега има 33 словенски јазици. Македонскиот е еден од тие процеси на етаблирањето на словенските јазици и можеби некој го негира, друг го признава, некој го смета како дел од својата судбина, како мене и како многу други големи македонски автори. Сите тие влегоа во она што Гете го нарекуваше Улица на светската литератута на еден јазик, каде се доживува европската судбина. Зашто во 1905 година Ибзен бил теран да се откаже од норвешкиот јазик , зашто јазикот не бил признат. Тој нормално не се откажал со образложение дека духовната судбина на неговите дела е врзана за тој јазик. Има голем број такви примери во евроспката и светската литература“, констатира за ДВ Јордан Плевнеш.