1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција и Русија: Најважно да се вртат рубљи

Томас Зајберт / Симе Недевски1 декември 2014

Анкара се надева дека посетата на Путин носи нови импулси за билатералната трговија. Русија и Турција различно гледаат на многу светски и регионални политички проблеми, но настојуваат тоа да не го расипе нивниот однос.

https://p.dw.com/p/1DxGH
Фотографија: Reuters

Барем на хартија, односите меѓу Анкара и Москва се на многу високо ниво. Рускиот претседател Владимир Путин патува (01.12.2014) на седница на Советот за билатерална соработка која е речиси на исто ниво како и заедничка седница на двете влади. Но, на овој состанок секако нема да бидат набројани само ставките во кои се согласуваат двете држави и важни сили во црноморскиот регион и на Блискиот исток. Русија и Турција често се среќаваат на регионални кризни жаришта, а таму следат најчесто спротивставени политички цели.

Така, кога станува збор за Сирија, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган бара Башар ал-Асад да замине од власт, додека Путин е еден од најважните сојузници на шефот на сириската држава. Што се однесува до Украина, Турција ја критикуваше анексијата на Крим, полуостров на кој живее и народот Татари кои им се блиски на Турците. На Кавказ, во конфликтот околу Нагорно Карабах, ерменска енклава во Азербеџан, Турција е на страна на државата и смета дека Русија не врши доволен притисок врз Ерменците.

Treffen Vladimir Putin Tayyip Erdogan St. Petersburg
Фотографија: Reuters

Треба ли да се очекуваат остри зборови?

Посетата на Путин нема да го приближи решението за ниту еден од овие проблеми, вели за ДВ стручњакот за Русија и заменик шеф на трустот на мозоци УСАК во Анкара, Камер Касим: „Позициите на двете страни се непроменети“. Тој додава дека дури и во билатералната трговија има проблеми. Додека Турција во Русија купува пред се’ природен гас со кој покрива 65 насто од своите потреби за гас, турскиот извоз во Русија постојано опаѓа - неговиот обем од 5,1 милијарди долари во 2013. се намали на 4,5 милијарди во истиот период годинава. Се’ поголема е разликата меѓу извозот во Русија и увозот од таа земја.

Од политичари како што се Ердоган и Путин може да се очекува дека за такви проблеми зборуваат остро. Меѓутоа, тоа не е така. „И покрај сите проблеми, двете страни се трудат да одржат мирен тон“, вели Касим. Иако не се согласуваат во многу работи, двете земји се решени тие проблеми да ги стават во заграда и да ја унапредат соработката каде и да е можно тоа. Рускиот државен концерн Росатом во Акуја гради прва турска нуклеарна централа која би требало да почне со работа наредната деценија. А руските туристи на турскиот брег оставаат милијарди.

Турција не учествува во санкциите против Русија

Освен тоа, Турција има теоретска шанса својот извоз, кој трпи штета поради немирите на Блискиот исток, да го подобри со пренасочување на рускиот пазар, вели Оркан Гафарли од Центарот за стратешки студии на нова Турција во Анкара. Тој додава оти Анкара притоа се движи по необичен пат. Во разговорот за ДВ, Гафарли укажува дека Турција не се придружи кон санкциите на Западот против Русија поради кризата во Украина. Од владини кругови стигна соопштение оти Анкара не смета дека со тие санкции може нешто да се постигне. Истовремено, се размислува за тоа во билатералната трговија да се повлече американскиот долар како средство за плаќање и тој да се замени со рубљата и со турската лира.

Putin und Erdogan Sotschi
Фотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

Москва со големо внимание ги следеше и во дел многу острите антизападни изјави на Ердоган, вели стручњакот за Русија Гафарли. Тој додава оти на руското раководство му е јасно дека Турција како членка на НАТО и претендент за членство во ЕУ му припаѓа на Запад, но оти Москва и покрај тоа настојува „во што е можно поголема мерка да ја привлече Туција на своја страна“. Во тоа спаѓа и дискусијата за пристапување на Турција во организацијата „Шангајска петка“, која моментално ја сочинуваат Кина, Русија, Казахстан, Узбекистан, Киргистан и Таџикистан. Ердоган во минатото повеќепати гласно размислуваше за вртење грб на ЕУ и пристапување кон „Шангајската петка“. Од 2012. година Турција е и официјален партнер на таа организација.