1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трансатлантската трговија повторно оживеа

Антје Пасенхајм / Александар Методијев24 март 2014

Еден победник во кризата во Крим веќе е познат - трансатлантското партнерство. Ретко кога Вашингтон и ЕУ имаат зборувано со еден глас. Сега Договорот за слободна трговија ТТИП повторно има шанса.

https://p.dw.com/p/1BUpC
Фотографија: Sunny studio - Fotolia

Во сенка на украинската дебата, една од топ темите во Брисел е планираниот Договор за слободна трговија меѓу САД и ЕУ. Трансатлантскиот договор е позначаен од кога било претходно, смета републиканскиот конгресмен Чарлс Дент.

„Сметам дека ние треба да го искористиме овој момент за агресивно да се залагаме за Договорот за слободна тгровија и да се усогласиме“, вели републиканецот. Значајно е да се зајакне економскиот сојуз во ова критично време. „Поблиската економска поврзаност може да и‘ користи на нашата безбедносна стратегија и економски ќе го изолира господинот Путин“, смета Дент.

Од минатото лето САД и ЕУ преговараат за отстранување на царините и останатите трговски бариери. Целта на Трансатлантското трговско и инвестициско партнерство (ТТИП) е создавање на економски простор со повеќе од 800 милиони потрошувачи и половина од глобалното економско постигнување, а на тој начин ќе се создаде најголемиот простор за слободна трговија во светот. Една третина од светските трговски текови отпаѓаат на САД и ЕУ. Експертите проценуваат дека Договорот за слободна трговија ќе го зголемува БДП-то на Европската унија за половина процент годишно, а спротивно на тоа, БДП на САД нема толку да се зголемува.

Symbolbild Genfood Mais Labor
Во Европа постои страв од гентски модификуваната хранаФотографија: Fotolia/igor

Грижите на Европа

Но, пред да дојде до тоа мора патот да се расчисти од камења. Во минатите месеци растеше сомнежот и отпорот од двете страни на Атлантикот. Критичарите забележуваат дека преговорите не се доволно транспарентни. Заштитниците на животната средина и на потрошувачите во Европа стравуваат за стандардите. Тие зе загрижени за американското месо со хормони, генетски модификуваните прехранбени производи и пилешкото месо со хлор од САД. Различни гледишта има и за темите заштита на податоци, заштита на инвестициите, регулативите на државата.

„Не е едноставно овие регулативи да се поврзат меѓусебно“, смета германскиот амбасадор во Вашингтон Петер Амон. „За одредени работи имаме различни желби и претстави“, додава амбасадорот.

Американците инсистираат на слободен пристап за нивните земјоделски продукти на пазарот на земјите-членки на ЕУ: „Имате луѓе, како Французите или Италијанците, кои сакаат да си ги заштитат локалните специјалитети. Тоа се прехранбени производи како кашкавалот пармезан или болоњските колбаси. Во овие случаи тие многу инсистираат на своите локални продукти“.

Grüne Woche Antibiotika Hähnchen Bildergalerie
Дали европското пилешко месо е подобро од американското?Фотографија: picture-alliance/dpa

Евтините копии „Made in USA“ не треба да го носат името на оригиналните европски произвори, сметаат Европејците. По последната рунда преговори многумина се фрустрирани. Се чини дека Американците сакаат да отстранат помалку трговски бариери отколку што постоеше надеж. Тие притискаат да се заобиколи темата гас.

„Мораме да зборуваме за извозите на американскиот гас кон Европа“, смета Дент. Американците мораат да и’ помогнат на Европа во нејзината независност од рускиот гас. Посебно меѓу републиканците расте барањето до претседателот Обама конечно да дозволи одобрение за избрадба на извозни терминали, кои ги нема во доволен број. Според важечкиот закон, САД смеат своите нафта и гас да ги испорачуваат само во земјите со кои се поврзани во слободна трговска зона. ТТИП треба тоа да го овозможи.

Пречка - аферата со НСА

Една пречка од минатите недели треба во секој случај да се најде на маса во Брисел, смета Дент и додава: „Мора да зборуваме за НСА и злоупотребите кои веројатно се направени“. Но, што може уште за тоа да се каже, се прашуваат многумина во Вашингтон. На маса очигледно не е договорот за нешпионирање, којшто го побара Берлин по откривањето дека и мобилниот телефон на канцеларката Меркел бил прислушуван.

Сепак, амбасадорот Амон смета дека стратешкото значење на Договорот за слободна трговија, во време на украинската криза, е посебно значајно. И експертите за тајните служби во САД се сигурни дека, благодарение на интервенцијата на Путин, аферата со НСА веќе не е причина за поделеност.