1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средношколци бојкотираат настава

Катерина Блажевска6 април 2015

Со Декларaцијата за права на средношколците на ОБЕССУ од 2006 година, тие имаат право на собир, штрајк и демонстрации без санкции, потсетува Националниот младински совет на Македонија

https://p.dw.com/p/1F33i
Фотографија: Petr Stojanovski

Средношколците од денеска ги радикализираат мерките и активностите за стопирање на лошите реформи во образованието - почнуваат бојкот на наставата во средните училишта. Бојкотот ќе трае сѐ додека Министерството за образование не го исполни даденото ветување дека со нив ќе седне на задничка маса, за да разговараат за враќање на стариот концепт за полагање државна матура, но и за укинување на екстерното тестирање за учениците.

„Под радикализација подразбираме отпочнување на бојкот на наставата во средните училишта. До ваква форма на изразување на незадоволството дојде по таканаречената последна опомена која им ја дадовме на надлежните институции, и недобивањето одговор и повратна информација од нивна страна, и покрај нашите макотрпни обиди да биде слушнат нашиот глас и да стапиме во контакт со институциите, за кои сметаме дека си поиграа со нас и ја изневерија нашата доверба. Ја користиме оваа можност, повторно да го повикаме министерот Адеми, да ги прими претставниците на Средношколскиот пленум на средба и преговори, бидејќи во спротивно, ќе продолжиме со нашите активности за изразување на незадоволството и револтот кој е предизвикан кај учениците“, соопшти Средношколскиот пленум.

Оттаму нагласуваат дека бојкотот не подразбира безделничење и неодење во училиште, но дека присуствувањето на тестови и испрашувања е - слободен избор.

По најавите за бојкот, министерот за образование Абдулаким Адеми вети дека во текот на неделава ќе се сретне со Средношколскиот пленум.

Schüler protestieren gegen Reformen des mazedonischen Bildungssystems
Фотографија: Petr Stojanovski

„Јас изјавив дека сум отворен за средби и идната недела во зависност од агендата и нашите активности кои ги имаме, ќе може да одредиме време за средби со сите заинтересирани и засегнати страни“, рече Адеми.

Тој апелираше да не се користат учениците за политички цели и по тој повод го повика и Народниот правобранител да излезе со свој став за заштита на учениците од политички злоупотреби.

СОНК ќе тужи!

Паралелно со најавата на средношколците за бојкот на наставата, Советот на Синдикатот за образование наука и култура (СОНК) донел заклучок да ги тужи оние кои делуваат против синдикатот: „Се задолжува највисокото раководство на СОНК да покрене соодветни судски постапки преку адвокатската канцеларија против сите поединци или групи од Наставничкиот пленум и од Мултиетничкиот синдикат за образование, за кои постојат докази дека направиле незаконски дејствија против СОНК и неговото раководство, со цел и на овој начин нашата организација да биде заштитена од ваквите незаконски дејствувања против неа, а исто така да се утврди и штетата што е нанесена врз СОНК со таквото нивно дејствување“.

Од Наставничкиот пленум (НП) велат дека дека со ваквата одлука СОНК само може да загуби голем дел од членството.

„Дали ова е најава на претседателот на СОНК, на раководството на СОНК или на членството на СОНК? Не за друго, туку заради тоа што најголем дел членови на НП се истовремено членови на СОНК. Ваквиот атак значи само психолошки притисок и мобинг врз своето членство. Да потсетиме дека СОНК не е претседателот, туку СОНК сме сите ние наставниците, кои секој месец издвојуваме по 1% од нашите примања за тој да ги штити нашите права и интереси. Но, дали тоа е така? Очигледно некој таму во СОНК кој преговарал не ја прочитал црната книга на македонското образование, содржана во анализата изготвена од наставници - практичари. Настапите во јавните медиуми на членството на СОНК и НП беа начин да се изрази револтот и игнорантскиот однос, пред сé од страна на МОН, но и револт заради неставање на аргументите пред надлежните од страна на претседателот на СОНК“, соопшти Наставничкиот пленум.

Schüler protestieren gegen Reformen des mazedonischen Bildungssystems
Фотографија: Petr Stojanovski

Ваквите и слични најави, не ги предомислија членовите на Средношколскиот пленум.

„И покрај гласините за изрекување парични казни за родителите и за професорите, нашиот бојкот сепак ќе започне. Виновникот за овој бојкот е Министерството за образование и наука, кое остана глуво на нашите повици за средба. Според Законот за средно образование, глоба плаќа само оној ученик кој континуирано 25 дена отсуствувал од наставата. Сакаме да им порачаме на нашите соученици да не ги земаат за сериозно најавите на Средношколската Унија, затоа што тие дезинформираат, не се запознаени со правото и имаат повеќегодишен статус на неактивност“ изјави Исток Улчар од Средношколскиот пленум.

Право на собир

Унијата на средношколци пред четири дена го повика Средношколскиот пленум да не манипулира со средношколците и најави дека ќе поднесе претставки против него пред Народниот правобранител и пред Првата детска амбасада „Меѓаши“. Од Средношколскиот пленум одговорија дека Унијата на средношколци нема правен статус и не функционира од 2013 година. Првата детската амбасада „Меѓаши“, до која стигна претставка од Средношколската унија, смета дека е потребен партнерски разговор за излез од состојбата.

„Сметаме дека е важно Унијата и Пленумот да разговараат и да изнајдат заедничко решение за излез од состојбата која доколку не се реши навреме може да ескалира со несакани последици или пак да резултира со гаснење на надежта кај младите дека се можни промени“, се вели во соопштението на „Меѓаши“.

За последните случувањата се огласи и Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), најголема чадор организација во Македонија во чиј фокус се младинските прашања и политики.

„НМСМ дава целосна поддршка на барањата на Средношколскиот пленум и апелира до институциите да ги земат предвид нивните барања преку форма на дијалог и целосна вклученост во процесите на креирање политики. НМСМ изразува длабоко разочарување за начинот на кој беа предложени и донесени измените во законот за средното образование и недостигот на суштинска и опсежна консултација со средношколците кои се најзасегната страна. Според Европската повелба за учество на младите во локалниот и регионалниот живот, властите мора да обезбедат простор за формирање на самостојни, независни здруженија на ученици и студенти, кои ќе имаат целосно право да учествуваат во одлучувањата за училишниот живот и ќе бидат континуирано консултирани за локални и национални политики кои се од интерес за нив и кои навлегуваат во нивните права“, се вели во соопштението.

НМСМ потсетува на Декларцијата за права на средношколците, усвоена во 2006 од ОБЕССУ (The Organising Bureau of European School Student Unions - OBESSU), во која се наведува: „Средношколците мора да имаат право на собир, штрајк, демонстрации и изразување на мислењето во и надвор од училиштето. За сето тоа мора да се даде слобода без последователни санкции“.

Организацијата потенцира дека со своето искуство им стои на располагање на сите средношколци и млади за совет, поддршка и консултација, но и на надлежните институции - со цел да се обезбеди простор за дијалог, соработка и инклузивност на сите засегнати страни.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема