1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со цената на нафтата, паѓа и рубљата

Андреј Гурков / Жана Ацеска11 ноември 2014

Руската валута бележи голем пад на вредноста, Централната банка во Москва веќе не сака да ја поддржува. Очигледно, руската зависност од извозот на нафта е поголема од кога било.

https://p.dw.com/p/1DlBD
Фотографија: DW/E. Danejko

Кошмарот на сите Руси стана стварност: падна цената на нафтата - за неколку месеци дури за 30 проценти. Она што на западните возачи и потрошувачи на нафта за греење им изгледа како благослов, за над 135 милиони жители на земјата - трет по големина светски производител на нафта е сериозна закана за нивниот стандард. Зашто, нафтата е најважниот извор на приходи на руската држава, а како „подмачкувач“ меѓу инвестициите и потрошувачката, многу поважна од гасот, иако тој стои во центарот на медиумското внимание. А сега, по падот на цената на нафтата и гасот ќе поевтини, поради тоа што во најголем дел од извозните договори на Гаспром нивната цена е врзана.

Централната банка се откажа од поддршката

Дека најважниот извозен продукт губи на вредноста, Русите не дознаваат само од вестите и се‘ позагрижените дискусии во медиумите, туку и од секојдневниот поглед врз менувачките курсеви на валутите во бројните менувачници во големите градови.

Зашто, рубљата оваа година загуби на вредност во однос на доларот и еврото меѓу 30 и 40 проценти, при што распродажбата на домашната валута на крајот на октомври и почетокот на ноември доби речиси панични димензии. Така, Централната банка, која претходно потроши повеќе милијарди за поддршка на вредноста на валутата, од 10 ноември се откажа од тоа и курсот на рубљата го остави целосно слободен, иако тоа планираше да го направи дури на крајот на годината.

Последните шпекулативни колебања на рускиот девизен пазар немаат апсолутно ништо со „фундаменталните економски причини и фактори“, ги убедуваше рускиот претседател Владимир Путин своите колеги на самитот Азија-Пацифик вчера (10.11) во Пекинг. Експертите имаат сосема поинаква оценка. Тие укажуваат првенствено на драстичното забавување на економскиот развој, кој почна во 2013 година и годинава ја доведе Русија речиси на работ на рецесија, укажуваат на големиот одлив на капиталот, на падот на странските инвестиции и се разбира, на намалувањето на цените на нафтата, што води до помали девизни приходи.

Russland Währung Rubel Kurs Jahrestief Kurstafel in Moskau
Фотографија: Reuters/M. Shemetov

Корелација меѓу стопанството и цената на нафтата

Освен цената на нафата, сите други проблеми се од домашно производство.

„Основните причини се што во последните 10 години фактички во земјата не се спроведени никакви реформи. Денес го гледаме резултатот на оваа политика“, вели за Дојче веле Михаил Касјанов, руски премиер од 2000 до 2004 година, а денес опозициски политичар. Тој наведува и две политички причини за слабеењето на рубљата: „Агресијата на Русија против Украина и санкциите на Западот што следеа“.

Наспроти него, професор Максим Миронов кој предава финансии на Бизнис школата во Мадрид, смета дека анексијата на Крим и „другите резултати на политиката на Путин“ играат второстепена улога, решавачка е цената на нафтата.

„Развојот во 2000-те години беше производ на корелацијата меѓу руската економија и цената на нафтата, обезвреднувањето последните месеци е последица исто така на овие корелации“, напиша експертот во познатиот московски стопански весник „Ведомости“.

За да го поткрепи своето мислење, Миронов како мерна единица за платите и цените во Русија користи еден барел. Просечната плата на еден Русин изнесува околу 10 барела, вели тој. Кога нафтата чинеше 10 долари, луѓето заработуваа 100 долари, кога цената на барел нафта стигна до 100 долари, платите стигнаа до 1000 долари. Од јули годинава во просек Русите се посиромашни за 30 проценти, зашто толку се намалија и цените на нафтата.

Russland Wirtschaft eine Handvoll Rubel Geldscheine
Фотографија: Reuters

Губење на куповната моќ и инфлација

Сметките на експертите не мора да се сфатат буквално, но тие го илустрираат губењето на актуелната куповна моќ на луѓето во земја која, како што вели Миронов, „извезува нафта и други суровини, а се‘ друго увезува“.

На големата извозна зависност на Русија за Дојче веле укажува и Андреј Нечајев, министер за финансии во Русија за време на реформската влада на почетокот на 1990-те години.

„Зависно од пазарниот сегмент, уделот на увезени стоки изнесува меѓу 20 и 100 проценти“. Значи, ако рубљата падне во однос на еврото за над 25 проценти, автоматски и увезените стоки од еврозоната ќе бидат поскапи за над 25 проценти.

За руските потрошувачи, кои и онака страдаат од речиси деветпроцентна инфлација, сегашниот пад на рубљата е дотолку потежок удар. Но, не како за државниот буџет. Рускиот министер за финансии Антон Силуанов пресмета: намалувањето на цената на нафтата од еден долар значи 70 милијарди рубљи помали приходи, додека порастот на курсот на доларот за една рубља донесува дополнителни 180-200 милијарди рубљи во државните каси.

Значи, можно е Русија оваа година, и покрај падот на цената на нафтата, формално да ја заврши со значителен плус во буџетот. Тоа што зголемените приходи се должат на обезвреднетата и од инфлацијата погодена рубља, е другата страна на медалот. Но, руската влада, како и големите руски нафтени компании, со сигурност ќе имаат помалку девизи. А западните извозници, кои досега полагаа големи надежи во рускиот пазар, тоа болно ќе го почувствуваат.