1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проклетството и благословот на ниската цена на нафтата

Хенрик Беме / Превод: ЕМФ13 декември 2014

Падот на цената на нафтата добива драматични димензии. За многу земји производители на нафта тоа е вистински проблем, додека за земји како Германија е рамно на конјунктурна програма, оценува Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/1E3FW
Фотографија: ktsdesign/Fotolia.com

Старите правила на игра веќе не важат, барем не за цената на нафтата. Само до пред неколку години доволна беше експлозија на некој нафтовод во Нигерија за цената на „црното злато“ да скокне нагоре. Ако згора на тоа имаше и други кризни жаришта, аугурите (име на свештеници во римската религија кои имале задача да ја протолкуваат волјата на боговите врз основа на летот и однесувањето на птиците. н.з.) веднаш прогнозираа цена која веќе не паѓаше под 150 долари за барел, а брзо стигнуваше близу границата од 200 долари за барел. Во 2008 година за еден барел се плаќаа околу 100 долари за барел.

Во оваа 2014 година кризи има доволно. Цената на нафтата всушност досега мораше да го пробие плафонот, дотолку повеќе што кризни жаришта се токму земји производители на нафта, како Русија, Либија и Ирак. Но тоа не се случува. Напротив, од јуни наваму линијата на графиконот оди од лево горе кон десно долу. И, сите се прашуваат: уште колку ќе паѓа цената на нафтата? Никој не го знае одговорот.

Се разбира, земјите кои мора да купуваат нафта, како Германија, се на добитничката страна. За тоа годишно се трошат по 90 милијарди долари. Но годинава не е така. Слабото евро спречува поголеми заштеди, затоа што нафтата мора да се плаќа во долари. Истовремено, меѓутоа, актуелниот курс на размена им помага на германските и европските извозници да прават добри зделки. Сето тоа дава една убава конјунктурна програма, меѓу другото и затоа што луѓето парите, што инаку ги даваат за бензин и за масло за греење, ги трошат за други работи.

Кај земјите производители на нафта сликата е сосема поинаква. Во Русија алармот одамна е вклучен, иако Кремљ се однесува како да ја има ситуацијата под контрола. Падот на цената на нафтата во комбинација со санкциите од ЕУ создава опасен коктел за владетелите во Москва. Таков е случајот и со Венецуела. Онаму каде бензинот се продава речиси за бадијала, каде државниот буџет речиси исклучиво се потпира на приходите од нафтениот бизнис, ниските цени се како фитил на буре со барут. За претседателот Мадуро воздухот станува се‘ поредок.

Deutsche Welle Henrik Böhme Chefredaktion GLOBAL Wirtschaft
Хенрик БемеФотографија: DW

Се разбира, тука се веднаш теориите на заговор, како таа на иранскиот претседател Рохани. Тој смета дека станува збор за политички заговор на одредени земји против интересите на исламскиот свет. Други пак сметаат дека се работи за американска нафтена војна против Русија, за да биде казнет Путин. Трети под сомневање ги ставаат Саудијците, кои наводно сакаат да ја уништат фрекинг-конкуренцијата од САД.

Сето тоа е лук и вода. Зашто, нафтениот пазар за такво нешто е едноставно преголем и има премногу играчи. Работата е многу поедноставна. Откако САД се нов играч на пазарот, кој за разлика од досега кога само увезуваше огромни количества нафта, сега и самиот произведува нафта со фрекинг, црното злато на пазарот го има премногу. А побарувачката е во опаѓање. Најверојатно наскоро некој од играчите на овој пазар ќе крене раце, затоа што гигантските инвестиции веќе нема да се исплатат од извесна цена на нафатата надолу. Тоа може исто толку многу да ги погоди Американците, колку и Канаѓаните, кои со своите проекти со маслен песок веќе доживуваат неуспех. Можно е и да дојде до политички немири, на пример во Венецуела, кога цената на бензинот таму од смешните два цента за литар ќе мора да се зголеми на пет центи.

Порано, кога уште важеа старите правила на игра, во ваква ситуација се состануваше нафтениот картел ОПЕК, носеше заклучоци за намалување на производството на нафта и така се запираше падот на цената. Само што САД, па ни Русија, не седат на масата за договор. А дури и членките на ОПЕК не се држат до договорените количества нафта. Затоа и последната средба на ОПЕК, на крајот на ноември, беше фарса. Ништо поинаку нема да биде ниту во јуни 2015., ако дотогаш воопшто постои оваа институција која не служи за ништо.

Во моментов, меѓутоа, потрошувачите треба да и‘ бидат благодарни на ОПЕК поради нејзината неспособност за дејствување. Ваква конјунктурна програма ќе можеше да донесе ретко која влада во светот. 500 милијарди долари поголема куповна моќ за светот. Божик може да дојде!