1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поповски: Ќе бидам мегафон на граѓаните, а не на Владата

Катерина Блажевска26 март 2014

Не сакам да ме доживуваат ни како кавгаџија со Владата, ни како нејзин портпарол. Кога се загрозени основни човекови права, ќе реагирам без оглед на последиците, ветува претседателскиот кандидат на ГРОМ, Зоран Поповски

https://p.dw.com/p/1BVpe
Фотографија: MIA

Зад претседателскиот кандидат на Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), професорот д-р Зоран Поповски (08.09.1962), стои богата професионална биографија. Дипломирал на Природно-математичкиот факултет во Скопје, магистрирал биохемија, докторирал на Земјоделскиот факултет. Негов научен интерес е молекуларната биологија и генетското инженерство, за што има објавено над 100 научни публикации. Работи на Факултетот за земјоделски науки од 1992. година, но раководи и со Катедрата за биохемија и генетско инженерство, а предава и на Технолошко-металуршкиот и на Фармацевтскиот факултет. Работел како визитинг професор на универзитети, од кои дел се рангирани меѓу првите 50 во светот. Од 2002. до 2006. година беше Државен секретар за образование и наука, и е еден од креаторите на Националната програма за развој на образованието и на научноистражувачката дејност. Бил член и на Научниот комитет на НАТО. Активен е во јавноста со колумни во печатени и електронски медиуми, а автор е и на неколку тв-серии. Важи за голем љубител на животните, а во слободно време се занимава со спортска рекреација, музика, мотоциклизам и речна пловидба. Поповски е семеен човек, сопруг, и татко на две деца - ќерката Деспина, студент на IV година и на матурантот Томислав. Со кандидатурата за претседателската функција, пред него е предизвикот за грижа за големото македонско семејство со повеќе од два милиони жители. За неговите визии и ставови „без ракавици“ зборува во интервјуто за Дојче веле.

ДВ: Г-дине, Поповски, дали и како може Македонија да излезе од децениската стагнација во процесот на евроатлантски интеграции, односно, како според вас, може да се реши спорот за името, кој е една од пречките на тој пат?

Поповски: Проблемот ни е наметнат и е апсурден, ама како ште велите, ја кочи нашата интеграција во ЕУ и НАТО. Отстапување од името Македонија и од идентитетот на нејзините граѓани не смее да има. Но, има работи кои треба и ние да ги преземеме за да излеземе од овој ќорсокак. Прво, мора да престанеме да се занимаваме со историја и таа да им ја оставиме на историчарите, а ние да ја решаваме сегашноста и да гледаме во иднината. Понатаму, зад надворешната политика во Република Македонија мора да стои професионална дипломатија која нема да импровизира и таа мора да се темели на сериозни анализи и стратегиски планирања. Одлуката на Меѓународниот суд на правдата и признавањето од страна на 135 земји, се факти кои не смеат да се заборават. Останува да се договориме со нашиот јужен сосед како ќе се нарекуваме. Имам впечаток дека и меѓународната заедница почна да го губи трпението со овој проблем. Но, нема нерешлив проблем на Балканот. Ако Србија и Косово седнаа да преговараат, Србија и Хрватска си простуваат, а Словенија и Хрватска се договорија, зошто да не очекуваме решение на овој проблем. Најважно од се‘ е да си ја стокмиме државата однатре, а тогаш нема да бараме прием, туку ќе не‘ канат во ЕУ и НАТО.

ДВ: Во тој контекст, како ги оценувате односите со соседите и во која мера Македонија може да придонесе за нивно унапредување?

Поповски: За жал, односите се соседите не ни се на завидно ниво и тоа сериозно влијае на развојот на земјата. Но, соседите не можеме да си ги бираме и затоа имаме две можности: да направиме ѕидови и да не се гледаме или да комуницираме како цивилизирани луѓе. Јас не сум за правење ѕидови, туку сум за нивно рушење. Во односите со соседите можат да се поправат работите со мали чекори кои ќе водат до конечната цел. Прво, мора историјата и особено учебниците да се прочистат од тешки зборови кои создаваат лоши чувства кај новите генерации. Понатаму, не смееме взаемно да се провоцираме со именувања на историски настани и личности. Да пробаме да си ги решаваме билатералните проблеми околу името, црквата и јазикот со помирлив тон, но притоа не смееме да се обезличиме и главниот принцип да биде реципроцитетот. Би ги развивал односите помеѓу граѓаните од двете страни на границите со интензивнирање на заеднички активности во културата, спортот, новинарството и т.н. Еве ни можност да направиме и на тој план конкретни чекори: имено, во јуни на бараж натпревар доаѓа репрезентацијата на Грција за пласман на светското првенство во ракомет. Ајде да покажеме домаќинлак и достоинство при нивниот престој и верувам дека тоа нашите соседи ќе го ценат. Мора да излеземе од рововите и да почнеме да се однесуваме како вистински соседи. Во спротивно, работите ќе одат на полошо.

ДВ: Ако ја добиете довербата на граѓаните, како ќе ја извршувате таа функција во услови на силна партиска поделеност во државата, која е евидентна во сите сфери?

Поповски: Мој впечаток е дека и партиите на власта и опозициските претераа во взаемните обвинувања и препукувања за криминал. Од Македонија направивме бипартократска држава. На граѓаните им е преку глава од таквата состојба и сакаат да слушаат понуди за решавање на нивните проблеми, а криминалот треба да го решаваат судовите и полицијата, кои за жал, во моментот се длабоко партизирани. Престанавме да зборуваме за човечки маки и судбини, бидејќи во изминатите години партиите поклопија се. Имајќи го сето ова предвид, како претседател на Република Македонија планирам да бидам стожер на политичкиот дијалог кој нема да биде ни марионета на власта, ни продолжена рака на опозицијата. Не сакам да ме доживуваат ни како кавгаџија со Владата, а ни како нејзин портпарол. Во име на граѓаните ќе бидам на располагање за надминување на сите недоразбирања меѓу партиите, како оние од 24 декември 2012. година. За да покажам на дело дека навистина ми е важна внатрешната кохезија на политички план, во кабинетот ќе понудам неколку места и на позицијата и на опозицијата, за да можеме да почнеме да градиме консензус околу круцијалните интереси на државата. Секогаш кога ќе проценам дека се загрозени основните човекови права ќе реагирам независно од можните последици. Ќе бидам мегафон на граѓаните и за работи за кои претеседателот на државата нема уставна надлежност. Во буквална смисла сакам да функционирам како претседател на сите граѓани независно од нивната различност и припадност. На таков начин сакам да им понудам на граѓаните можност да гласаат за нешто, а не да гласаат против нешто, како што вообичаено се случува на досегашните избори во Македонија.

ДВ: Каков е вашиот став за трендот на големо социјално раслојување и кои се можностите тој да биде запрен со ефикасни социо-економски мерки?

Поповски: Овој проблем започна со несреќната приватизација која создаде моќни луѓе, кои, главно не го одржаа тоа што им беше дадено за малку пари. Но, тоа што остана за нив, убаво си го капитализираа. Тоа е првата група на олигарси кои со своето работење генерираа невработеност, бидејќи отпуштаа, создаваа стечајци и затвораа фирми. Подоцна се појави нова олигархиска структура која се изнедри од криминалното трошење на јавните пари, за што до денес има малку судски разрешници. Како растеа овие категории на богати луѓе, така се зголемуваше јазот со останатите граѓани кои кубурат со егзистенција. За жал, сето ова е длабоко поддржано од државните органи. Во однос на можните решенија, ГРОМ нуди нова филозофија која гласи: ’Повеќе пари за граѓаните и компаниите, а помалку пари за буџетот’. Државата е главен работодавач, а познато е дека тој што не ги заработува парите, лесно и безочно ги троши. Таков е случајот сега. Втора важна порака од ГРОМ кон граѓаните е процесот на дескопјеизација. Не може Скопје да расте и да се развива, а остатокот од Македонија да се гуши во сиромаштија. Таа неправдина мора веднаш да престане и да се запре безмилосното фрлање пари за ’разубавување’ на главниот град. Македонија мора да бара нови пазари за своите производи и да создава дистрибутивни центри во странство. Субвенциите во земјоделието треба од социјална мерка за купување гласови, да се претвори во активна мерка за зголемување на производството и намалување на цената на храната. И конечно, на Македонија и‘ е неопходна автохтона индустрија која ќе се заснова на технологии развиени од нашите научници. Сето ова треба да ја претвори Македонија во земја во која луѓето ќе се враќаат. А не се малку тие што заминаа во овие 20-ина години. Преку 300.000.

ДВ: Според вас, што е потребно за подобрување на меѓунационалните односи, кои се‘ уште се кревки, лесно кршливи и најчесто се колатерална жртва на тесните политички интереси?

Поповски: Многумина мислат дека етничката шареноликост во Македонија е наш хендикеп. Јас не мислам така. Напротив, мислам дека тоа треба да биде наша предност која треба да донесе просперитет и треба духовно да не‘ збогати независно од нашата различност. За жал, таа досега служеше само за покажување на мускули на грбот на граѓаните и за потребите на политичките елити и од македонската и од албанската и од турската, ромската, влашката, бошњачката или српската страна. Кој ќе биде поголем патриот, читај националист, и кој повеќе ќе лицитира со чувствата на своите сограѓани, заборавајќи на нивните секојдневни потреби - тој победуваше на избори! Јас сонувам за Македонија во која граѓаните од различна националност ќе живеат едни со други, а не едни покрај други. Како да го постигнеме тоа? Сигурно не со празни декларации, туку со конкретни и ефикасни чекори. Ајде да се запознаеме и да делиме исти вредности низ културата, уметноста, спортот, историјата, осознавањето на нашите религии. Колку повеќе се познаваме, толку повеќе ќе се почитуваме. Да не се тепаме и да не се навредуваме на спортските натпревари, туку да уживаме во нив. Ајде заедно да славиме празници и луѓе, наши луѓе, дејци наши, ваши и нивни. Да си одиме на гости за Велигден и за Курбан Бајрам, на Рамазан и на Божик. Да си се служиме со баклави и со пита и да си муабетиме за убави нешта. Не мора секогаш да се согласуваме, ама да се толерираме. Така прават цивилизираните и еманципираните луѓе.

ДВ: Како го оценувате степенот на демократија во Македонија, слободата на медиумите и генерално, слободата на изразување?

Поповски: Во моментот Македонија не е ни демократска и ни правна држава. Таа во 21. век има политички затвореници, има судство и медиуми под силно дејство на дневната политика. Во Македонија нема дебата за клучните прашања на државата. Брутално и преку ноќ се донесуваат закони кои не го подобруваат животот на граѓаните, туку ги нарушуваат правата на граѓаните без претходна дебата. Луѓето шепотат, се плашат да зборуваат на телефон, а апсурдно е што тоа го генерираат и владејачката и опозициската партија. Како да завладеа правилото ’ако си ја зел власта, си го зел камшикот’. Дури имам впечаток дека има договор Македонија да се развива само како бипартиска држава и дека секаква друга политичка понуда за граѓаните треба да се игнорира и навредува. За жал, тоа го прават и владејачките и опозициските партии во своите медиуми и портали. На 'воденицата' на големите партии им оди во прилог и пропорционалниот модел на избирање каде луѓето гласаат за партии, а не за личности. Впрочем, степенот на демократија во Македонија е лошо оценет и ниско рангиран. Мора да се случи револуционерен чекор напред кој ќе ја врати вербата кај граѓанинот во институциите на системот.

Во пресрет на претседателските избори во Македонија, Дојче веле објавува интервјуа со претседателските кандидати. Сите тие одговараат на прашања на исти теми, за кои редакцијата смета дека во моментов се најважни за државата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема