1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полициски станици во Украина заземени на јуриш

ЖА/дпа/афп/миа/ртре13 април 2014

Додека во источна Украина нередите се разгоруваат, тонот меѓу Москва и Вашингтон се заострува. Владата во Киев најави антитерористички операции во Славјанск.

https://p.dw.com/p/1Bh9r
Фотографија: Reuters

САД и‘ се заканија на Русија со натамошни консеквенци поради најновиот развој на ситуацијата во источна Украина. Министерот за надворешни работи Џон Кери во телефонски разговор со својот руски колега Сергеј Лавров предупредил поради координираните акции на парамилитанти во источна Украина, кои се вооружени со руско оружје. Кери повлекол паралели со настаните претходно на Крим, пред руската анексија на украинскиот полуостров и и‘ се заканил на Москва со натамошни последици ако не преземе чекори за деескалација на ситуацијата во источна Украина.

Лавров ги отфрлил обвинувањата, аргументирајќи дека кризата е последица на „неспособната влада“ во Киев.

Украинските сили за безбедност почнаа денеска акција против проруските групи кои во Славјанск на исток во државата, зазедоа згради на полицијата и Државната безбедност. Украинскиот претседател упати повик до жителите на градот да бидат подалеку од прозорците и балконите во домовите.

Министерот за внатрешни работи Арсени Аваков соопшти дека силите за безбедност почнале со „антитерористичка акција со цел прекин на активностите на сепаратистите“ во Славјанск.

„Со акцијата раководи антитерористичка единица на државната безбедносна служба“, напиша Аваков на својот Фејсбук профил.

Тој додава дека во Славјанск се испратени припадници од сите безбедносни единици од целата држава.

Pro-russische Proteste in Donezk Ukraine 11.4.2014
Фотографија: picture-alliance/dpa

Група од 20 вооружени лица вчера ја зазеде прво зградата на полицијата во Славјанск, а подоцна и зградата на Државната безбедност. Проруски демонстранти воспоставија контролни пунктови на патишта кои водат кон Славјанск. Тие се облечени во комбинација од цивилна облека и воени униформи и им вршат контрола на превозните средства пред да им дозволат минување преку пунктовите, кои всушност се барикади од автомобилски гуми, дрвени штици и вреќи со песок.

Судири започнаа и во неколку други градови во источниот дел на Украина, а претседателот Олександер Турчинов свика вонредна седница на Советот за национална безбедност и одбрана, соопшти украинскиот министер за внатрешни работи Арсени Аваков. На својот профил на Фејсбук, Аваков напиша дека станува збор за „агресија на Руската федерација“.

Проруски сили зазедоа зграда на полицијата во Краматорск, на исток во Украина, на што му претходеше оружен судир со полицијата која се обиде да го брани објектот, јавуваат руски медиуми.

Во регионот на Доњецк вчера беа заземени неколку згради на локалната администрација. На сајтот на Краматорск пишува дека напаѓачите дошле во градот со два автобуса синоќа околу 19 часот по локално време, и зазеле објект по куса престрелка со полицијата. Подоцна поставиле знаме на „Доњецка Република“. Нема жртви во нападот.