1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичката нестабилност го забавува бизнисот

Костадин Делимитов12 февруари 2015

Неизвесност и многу дилеми предизвикува актуелната политичка криза генерирана од скандалот со прислушување што го обелодени опозициската СДСМ. Во грч се не само политичарите туку и бизнисмените.

https://p.dw.com/p/1EZsx
Фотографија: DW/K. Blazevska

Влошениот политички амбиент и дилемите околу големината на кризата и нејзиниот евентуален конечен ефект предизвикуваат вознемиреност и нервоза. Стопанствениците коментираат дека никој не може во овој момент да ја процени големината на кризата но кога се случуваат турбуленции од ваков вид, кога опозицијата и власта влегуваат во директна конфронтација со меѓусебни кривични пријави тоа е индикатор дека треба да се забавува економска активност:

„Компаниите не се чувствуваат комфорно во еден таков амбиент не заради тоа што фаќаат страна, туку едноставно заради тоа што по правило бизнисот е најплашливата страна на ваквите настани, прв се повлекува. Тоа е абецеда. Ако имале идеја за некој проект ќе го одложат за после настанот, ако може да се стопира ќе се стопира, се додека не се расчисти ситуацијата. Без разлика кој е во право а кој не. Овдека не се работи за страна туку за политичка нестабилност која веќе подолг период ни се случува, а за добар економски амбиент потребна е и политичка стабилност. Имаме сепак добра монетарна стабилност, имаме стабилни параметри на раст, но она што сега се случува ќе предизвика краткорочен застој за некои проекти кои би можеле да се пролонгираат. Никој нема информации точно, за мене ова е ново, но клучно е што има многу дилеми на кои нема одговор или барем засега не може да се прогнозира како ќе завршат. Дали ќе има судска разврска, избори или слично. Секоја политичка нестабилност ја забавува економската активност и затоа е потребно да се создаваат максимално стабилни политички услови. Нема посебно дефиниции, кој е крив кој е прав. За нас е важно дека сите сега ќе бидат малку конзервативни во носењето драматични одлуки. Затоа треба да се внимава во оценките“, коментира Антони Пешев, претседавач со собранието на Стопанската комора на Македонија.

Во германската комора не регистрирале проблеми

Воздржаност но и доза на нелагодност е присутна и кај странските бизнисмени што работат во земјава. Јавно никој од нив не сака да коментира ништо, иако предупредуваат дека долгорочната стабилност е клучниот предуслов за долгорочна реализација на проектите. Упатените коментираат дека сепак она што се случува на терен барем засега нема да се одрази врз работењето на странските инвеститори, посебно на оние што работат во зоните и исклучиво за извоз.

„Кај делот на странските инвеститори веројатно тоа помалку ќе се одрази со оглед дека се работи за долгорочни договори, сите оние компании што имаат динамика на тајминг план, се разбира ако кризата не потрае подолго од половина година нема да се одрази драматично, а евентуално ако продолжи подолго тогаш може да биде проблематично. Но тие си работат, не го интересира никој што се случува во моментов бидејќи никој не може да им го прекине договорот. Тие делуваат некако екстериторијално во слободните зони“, коментира бизнисмен кој активно е вклучен во стратегијата и соработката со странски компании што работат во Македонија.

Од унијата на германските комори која обединува над 100 компании во земјава за Дојче веле коментираат дека засега не регистрираат нервоза или проблеми кај нивните членки. Клучниот фокус на фирмите што работат, или се во подготовки да стартуваат со бизнис во Македонија се насочени кон обезбедување добра локација, работна сила и услови за стабилно производство, велат оттаму.

Studentenproteste in Skopje, Mazedonien
Студентски протести во СкопјеФотографија: DW/P. Stojanovski

Како реагираат граѓаните?

Дел од експертите предупредуваат дека ваквата состојба сигурно ќе влијае и врз обичните граѓани, врз конзумот, потрошувачката што може да предизвика длабоки последици. Социолозите предупредуваат дека ваквата состојба е нормална последица не само на актуелниот страв или неизвесност околу аферата со прислушување, бомбите, туку на низа случувања во изминативе години:

„Постои во литературата истражувања потреси од ваков тип особено во услови на една медиумска кампањска жестока политичка состојба на предавници- патриоти, поделба на ткивото по сите основи што е актуелно кај нас. Тоа делува на однесувањето на луѓето. Тие почнуваат да штедат ирационално, почнуваат да се однесуваат неодредено, како велиме како лет на муви лево десно, се бараат во таа ситуација, се преиспитуваат зошто ова се случува. Тоа се ментални потреси. А тоа го овозможува и самата оваа културна комуникација на медиумите. Ние се уште не знаеме во која насока ова ќе оди, но едно е сигурно во многу нешта Македонија не е она што била вчера. Се акумулира една чудна негативна енергија и тоа воопшто не е добро. Влијае врз здравјето на луѓето, врз нивното секојдневие, на пример обичен човек што живее од својот труд некој многу не размислува но е принуден сега тоа да го прави, во тоа е целиот проблем. Едноставно никој не може да застане и да каже доста е, нема таква сила“, коментира социологот Илија Ацевски.

Во услови на криза или очекување на некои позначајни периоди во кои се очекуваат одредени политички потреси или промени од каков било вид, развиениот свет ја користи алатката “доверба на потрошувачите“. Станува збор за статистички показател кој се мери и е силен индикатор за расположението на потрошувачите. Такво нешто во Македонија се уште нема, иако дел од експертската и бизнис јавноста подолг период тоа го заговара.