1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повик за мировни маршеви во Русија

Андреј Калих / Елизабета М. Фиданоска21 септември 2014

Опозицијата во Русија, првпат по половина година, денеска има намера да протестира против политиката на Кремљ кон Украина и неговата пропагандна машинерија. Набљудувачите проценуваат колкав е потенцијалот на протестите.

https://p.dw.com/p/1DFjn
Мировен марш во Москва во март 2014Фотографија: DW/K.Kaminski

За денеска (21.09) во Москва и други големи градови во Русија се планирани мировни маршеви. Во Москва се најавени 50.000 учесници. Не може да се предвиди колку луѓе навистина ќе се соберат. Тоа треба да се први масовни протести на претставниците на опозицијата и цивилното општество против мешањето на нивната земја во конфликтот во Украина во последната половина година. Во март годинава десетици илјади луѓе излегоа на улиците во целата земја поради т.н. „референдум“ на Крим околу припојување на полуостровот кон Русија. Тогаш демонстрантите протестираа под мотото „Рацете настрана од Украина“.

Актуелните анкети, меѓутоа, покажуваат дека големо мнозинство Руси и‘ дава и натаму поддршка на политиката на Кремљ кон Киев. Гласовите кои велат дека однесувањето на Москва е штетно не само за Украина, туку и за Русија, речиси и не се слушаат.

Пасивност и пропаганда

Според наводи на рускиот независен институт за истражување на јавното мислење „Левада-центар“, повеќе од 80% од Русите воопшто не би учествувале на масовни протести, дури и ако такви се одржуваат во нивните региони. Борците за човекови права и опозиционерите велат дека е тоа резултат на „успешна борба“ на државниот апарат против секаков вид протестни движења. Агресивната пропаганда на Кремљ обезбедува ваков „успех“.

Russland Moskau Flashmob Weisser Ring
Борис Немцов: Политичките активисти и оние кои размислуваат поинаку од Кремљ се прогласени за предавници на земјатаФотографија: DW

„Народот се манипулира со помош на агитација и пропаганда. Во врска со конфликтот во Украина на земјата и‘ е наметната воена хистерија“, вели рускиот опозиционен политичар Борис Немцов во разговор за ДВ.

Кон тоа треба да се додаде „фашизоидирањето“ на јавното мислење. „Против политичките активисти и оние кои размислуваат поинаку се применуваат одвратни методи на прогон и пропаганда на лаги. Тие се обвинуваат за сите смртни гревови и се прогласуваат за предавници на земјата“, нагласува Немцов.

Слабостите на цивилното општество

Сергеј Смирнов, уредник на интернет страницата „Човекови права во Русија“ вели дека цивилното општество во Русија е слабо и неразвиено. Тоа е главната причина за тоа што во Русија нема протести. „И во 21 век ние се‘ уште немаме ефективна можност да влијаеме врз одлуките од кои зависи нашата лична судбина, но и судбината на нашето општество и нашата земја“, вели тој за ДВ. „Каде се нашите институти од цивилното општество кои треба да го вклучат алармот кога и само ќе се навести некава опасност за човековите права, а особено во случаи кога веќе има мртви?“

Според Смирнов, невладините организации со месеци се ставени под зголемен притисок од страна на властите. „Има обиди да бидат претставени како ’петта колона’ или ’странски агенти’. Така е оквалификувана дури и организацијата на мајките на војниците“, објаснува тој налутено. Тој е на мислење дека со тоа се сака на Русите да им се стави до знаење дека е бесмислено и штетно да се изнесува личното мислење јавно и консеквентно.

Авганистан како споредба

Рускиот опозиционен политичар Владимир Ришков верува дека протестното движење во Русија е слабо поради тоа што повеќето од луѓето не гледаат неопходност да трагаат по објективни информации. „Русите преку телевизијата, како медиум за широките народни маси, веќе една година се подложени на голема пропаганда, а тие претпочитаат да ја следат“, нагласува Ришков за ДВ.

Russland Demonstration gegen Zensur 13.4.2014
Протест на опозицијата во април 2014 во Москва против цензурата во руските медиумиФотографија: DW/A. Khan

На прашањето што би морало да се случи за да се промени фокусот на руската јавност околу руското воено учество во конфликтот во Украина, Ришков прави историска споредба: „Се‘ уште добро се сеќавам на војната во Авганистан, која траеше 10 години. На почетокот немаше вознемиреност меѓу граѓаните на Советскиот сојуз. До губење на довербата во советското раководство дојде дури откако војниците веќе не се враќаа живи во СССР, а од тоа беа погодени илјадници советски семејства.“

Економски последици

Можен фактор кој евентуално би довел до попуштање на поддршката за политиката кон Украина што ја води Кремљ е економијата, оценува Ришков. „Каква цена ќе плати Русија за својата антиукраинска политика ќе се сфаќа постепено, кога ќе се зголемуваат економските проблеми како падот на вредноста на рубљата, невработенста, порастот на цените и дефицитите на прехранбени намирници“, вели политичарот.

Немцов е убеден дека состојбата ќе се промени тогаш, кога луѓето во Русија ќе добијат вистински информации. „На истокот на Украина не владее граѓанска војна, туку таму Русија се бори против Украина. На руските граѓани ќе мора да им се покажат голем број докази дека на истокот на Украина се борат руски војници. Ако јавноста добие објективни информации за оваа војна, тогаш антивоеното движење ќе добие на динамика“, убеден е Немцов.