1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По билатералните следат клучните разговори на четворката!

Катерина Блажевска10 јуни 2015

„Ќе се преговара додека се преговара“, велат извори упатени во денешниот план за разговори. На средбата присуствува и известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл

https://p.dw.com/p/1FeUC
Фотографија: MIA

Петтата лидерска средба на македонската четворка во Брисел засега тече според договорената дневна агенда. Како што објави Дојче веле, денешната рунда разговори во Брисел под медијаторство на комесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, беше планирана и започна со заедничка, воведна средба со четворката во зградата „Берлемонт“ на Европската Комисија во Брисел. На средбата присуствува и известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл. По завршувањето на одвоените билатералните средби меѓу еврокомесарот Јоханес Хан со лидерот на СДСМ Зоран Заев и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во формат „еден плус еден“, од 13 до 14 часот е предвидено време ручек на делегациите. Потоа ќе следува половина час за консултации и драфтирање на темите кои лидерите ќе разговараат на заедничка средба. Таа средба, според распоредот, треба да започне во 14 и 30 и да трае до 16 часот, но ограничувањето е формално.

Во пресрет на средбата на политичките лидери во Македонија претседателот на ДУИ, Али Ахмети, се сретнал со Ален Ле Роа, генералниот секретар на Службата за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија, соопшти ДУИ. Како што се наведува во соопштението, срдечната средба на двајцата стари пријатели била со цел да се надмине политичката криза во земјата. Ахмети истакнал дека ДУИ сака да придонесе на решение за тешката политичка ситуација во земјата и се надева дека сите лидери ќе го почитуваат договорот на 2 јуни, и се обврзуваат за успешно спроведување.

„Ќе се преговара додека се преговара“, велат извори упатени во денешниот план за разговори. Разговорите попладнето ќе се одвиваат во комплетен состав и во присуство на амбасадорите на ЕУ и САД во Скопје, Аиво Орав и Џес Бејли, кои на досегашните лидерски средби беа во својство на набљудувачи.

На денешните разговори Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи треба да зборуваат за една од најжешките теми - составот на владата што треба да ја стабилизира европската иднина на Македонија во транзицискиот период до предвремените избори во април 2016 година. На 2 јуни во Скопје четворицата лидери на средба со Хан потпишаа условен договор за одржување предвремени парламентарни избори до април следната година, а во транзицискиот период дотогаш да решат важни прашања поврзани со изборното законодавство и со реформи што произлегуваат од поглавјата 23 и 24 - владеење на правото, независно судство, медиумска слобода, човекови права...
Според дипломатски извори на денешната рунда нема да се разговара за детали, туку за клучните принципи врз кои треба да функционира владата во транзицискиот период.

Во зависност од (не)напредокот во денешните разговори, не е исклучено дека со медијаторска помош може да се вклучи и некој дипломатски „тешкаш“.