1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партократијата - најголема „инвестиција“ во Македонија

Катерина Блажевска15 април 2015

Во ВМРО-ДПМНЕ подолг период се недостапни за објаснување на спроведените партократски практики. Неизвесно е дали повеќе одговори ќе дадат на денешните разговори со парламентарната тројка во Брисел

https://p.dw.com/p/1F8bv
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Дваесеттата „бомба“ на опозицијата посветена на партиските вработувања, предизвика бројни рекции во македонската јавност. Во земјата со највисок процент на невработеност во Европа, во која власта постојано се повикува на строги критериуми и чесни процедури, аудио-снимките индицираат дека вработувањата сепак се реализирале според еден критериум - партиска припадност. Лекарка, која деновиве ги пакува куферите да замине на работа во странство, во еден од разговорите препознава зошто останала без работа.

„Ваквите постапки на неколку конкурси ги почувствував на сопствена кожа, исто и во жалбените постапки, но немав претстава колкави грандиозни димензии добиле. Немам против да бидат вработени 'нивните', но ако ги исполнуваат и клучните, стручни критериуми, а не само партиските. За жал, засега е обратно. Кога директно ќе слушнеш како се договараат некој неопределен да отпадне во корист на 'нивните', ти велат - оди си! Еве, си одам. Како што и други планираат да заминат. Тажно е што граѓаните треба да добиваат услуги од партиски војници, а не од лекари. Овие од власта немаат проблем со тоа - и онака за своите здравствени потреби одат во странство“, вели нашата соговорничка. Таа е згрозена од фактот што меѓу „изборот“ Воена болница да остане без специјалисти во три одделенија или да се вработат партиски членови, премиерот се одлучил за првата варијанта.

„Ако ги прими тие нашите пет, ми се чини три одделенија нема да му функционираат бидејќи нема доволен број на лекари специјалисти. Да му го предложам следното: да ги прими сега нашите што се од листата, а по изборите да му дадеме согласност и за oвие пет“, вели гласот за кој опозицијата тврди дека е на премиерот Груевски.

Вршат кривично дело

Жарко Трајаноски, магистер по човекови права, вели дека со одземањето и ограничувањето на правото на вработување на политички „неподобни“ лица, како и со давањето повластици при вработување на партиски „подобни“, се врши повреда на рамноправноста на граѓаните. Тоа е кривично дело за кое е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години, за службени лица во вршење на службата.

„Ако се утврди автентичноста на објавените снимки помеѓу Груевски и Јанкуловска, треба да се истражат сериозните индиции дека премиерот и министерката за внатрешни работи биле лично вмешани во кривично дело повреда на рамноправноста на граѓаните, со давање на инструкции да се примат партиски подобни градежни инженери, економисти во Управата за јавни приходи, па дури и лекари во Воена болница. Ако се утврди автентичноста на објавената снимка помеѓу Гордана Јанкулоска и Влатко Илиевски, треба да се истражат сериозните индиции дека министерката била лично вмешана во кривично дело повреда на рамноправноста на граѓаните, со давање на инструкции да се примат на работа медицински лица во Градска болница од партиска листа и упатување на закана кон директорот: „Или да најде начин да го испочитува списокот што ние сме му го дале или да го смениме него“. Ваквиот бескрупулозен партиски упад во здравствените институции и привилегирањето на партиската подобност, наместо медицинската стручност, драстично го намалува капацитетот на јавните здравствени установи и ја подрива довербата кај пациентите, граѓаните и медицинските професионалци во јавното здравство“, укажува Трајаноски.

Но, „бомбата“ откри индиции и за упад во универзитетската автономија. Разговорот на Јанкулоска со поранешниот министер за образование, Панче Кралев, сведочи дека проблем се дури и вработувања на асистенти кои се идентификувани како „неопределени“.

Mazedonische Innenministerin Gordana Jankuloska
Гордана ЈанкулоскаФотографија: MIA

Професори од Правниот факултет на УКИМ тврдат дека токму минатата недела бил направен „агресивен обид“, со минимум гласови да се вработи како наставно-научен соработник, кадар кој како „експерт“ јавно ги промовира и брани владините ставови. Седница завршила со тоа што

професорите во знак на протест ја напуштиле седницата на која се вршел изборот.

И Ушковски фатен во „увото“

Она што ја загрижува јавноста е дека дури и по објавувањето на претходните разговори кои сведочат за наводно местење на избори на судии и обвинители, власта и натаму продолжила со истата практика. Една од снимките индицира дека по партиски клуч е избран и новиот претседател на Судскиот совет, Бранко Ушковски. Гласот за кој опозицијата тврди дека е на претседателот Трајко Вељаноски, вели: „Абе не да го поминав (на собраниска седница), уште ќе не тепаат. Како да кажам...Нема ништо врска со судството, а го ставаме во Судски совет.“

Ушковски, кој на таа функција беше избран на 13 март годинава, веднаш по изборот изјави дека во судството нема партиско и политичко влијание. Она што привлече вниманието е дека од лист хартија ги читаше одговорите на новинарските прашања. Претпоставувал што ќе го прашуваат, па однапред ги подготвил. Ни тој, ни обвинителката Гешковска вчера не беа достапни да дадат одговор за нивниот договорен избор на позиции во судството и обвинителството.

Во еден од наводните разговори меѓу Мијалков и Јанкулоска, се открива и дека се дадени многу пари за набавка на опрема за МВР, а новите вработувања на нивни кадри се потребни, бидејќи нема кој да „ги работи ни камерите, ни другите работи...“

„Ние вложивме толку пари во опрема, и ако немаш луѓе, џабе ја имаш опремата“, вели наводно Јанкулоска.

Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ веќе подолг период се недостапни за објаснување на ваквите партократски практики. Наместо одговор до граѓаните, тие во партиското соопштение се обраќаат исклучиво до лидерот на СДСМ, обвинувајќи го дека уште еднаш докажал оти негова крајна цел е дестабилизација и обид за внесување криза.

„Токму затоа омилената тема на Заев е темата за безбедносниот систем, и затоа денес недозволиво откриваше информации за капацитетот на безбедносните служби, обидувајќи се да го загрози неговото функционирање. Не водејќи сметка за државните интереси разоткриваше информации за кадровското доекипирање на службите за безбедност и зголемување на нивната оперативност. Тоа е класично антидржавно однесување и граѓаните тоа го препознаваат и затоа не го подржуваат. Освен тоа, Заев е и крајно лицимерен. Од една страна невешто сака да се престави себе си како загрижен за состојбата со вработувањата, а од друга страна, самиот тој на јавни политички настапи зборуваше дека во општината Струмица и во останатите институции каде што е на власт СДСМ, за сите вработувања одлучува партиската кадровска комисија на СДСМ, и дека масовно ќе се бркале луѓе од работа ако СДСМ дојде на власт“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Mazedonien Wahlen Gruevski Sieg 28.04.2014
Никола ГруевскиФотографија: picture alliance/AP Photo

Дипломатска офанизива

По ваквите целосно спротивставени ставови, неизвесно е дали може да дојде до некаква точка на приближување меѓу преговарачите на двете партии на денешната втора средба во Брисел. Она што е извесно е дека и оваа средба ќе се одржи во ист формат. Европската парламентарна тројка Вајгл - Кукан - Ховит прво ќе остварат одвоени средби со претставниците на двете партии, а на крај евентуално и заедничка. Опозицијата ја предводи заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, а во нејзиниот тим се професорката Рената Десковска и амбасадорот Виктор Габер. Во тимот на ВМРО-ДПМНЕ се министрите Никола Попоски и Никола Тодоров и пратеникот Илија Димовски.

На прашањето зошто за Груевски вели дека „е готов“, а сепак преговара со него во Брисел, Заев одговори дека СДСМ се обидува да најде начин власта да си замине по мирен пат.

„Се поставува прашањето кој е начинот што е најбезболен за Македонија, кој нема да биде кочница за иднината. Затоа мора да им дадеме шанса и на преговорите. Гневот кај граѓаните расте и никој не може да гарантира дека може тој гнев до крај да го исконтролира. Од тие причини искрено се надевам, и оптимист сум, дека преговорите ќе вродат со плод, ќе бидат успешни. Преку преодна влада ќе дојдеме до нормализација на институциите во Македонија, како и до гаранција за обезбедување фер и демократски избори“, рече Заев.

Во Брисел расте загриженоста за случувањата во земјава. Шефовите на дипломатиите на ЕУ идната недела се очекува да донесат заклучок за Македонија, со кој ќе изразат загриженост за политичката криза која станува се подлабока. Но, нема да изостанат и дипломатски разговори во Скопје. Во четврток во Македонија ќе допатува Хојт Ји, американскиот заменик-помошник државен секретар за европски прашања, кој за време на дводневниот престој ќе се сретне со премиерот Никола Груевски, со министерот за надворешни работи Никола Попоски и со лидери на партии. Во Скопје се очекува да допатува и амбасадорот на САД во ОБСЕ во Виена, Даниел Баер, а по 20 април и делегација на Ковеб групата (Coweb) во која учествуваат претставници на земјите-членки на ЕУ.