1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата им ги изми нозете на бегалци

СН/аш/дпа/лс25 март 2016

Додека некои политичари во Европа во бегалците едвам гледаат луѓе, папата Франциско во традиционален ритуал им миеше нозе на бегалците. Иако не се католици, тие се „наши браќа“, порача папата.

https://p.dw.com/p/1IJs4
Фотографија: Reuters

Исто како што Исус, како што пишува во Евангелието, ги миел нозете на своите ученици, така тоа go прави и папата во ритуалот на обележување на смртта и воскреснувањето на Велики Четврок. Папата Франциско оваа манифестација веќе редовно ја користи за да покаже оти улогата на Црквата не е во празните обреди, туку во чин на милосрдие кон ближните.

Тој во четвртокот (24.3.) го посети бегалскиот дом во Кастелнуово ди Порто и ритуално ги изми и бакна нозете на бегалците и на една вработена во домот. Она што беше посебно во овогодишниот обред беше тоа што- само неколкумина од нив беа католици, а тоа беа четворица бегалци од Нигерија. Покрај нив на обредот беа повикани и тројца муслимани од Мали, Пакистан и Сирија, еден хиндуистички верник од Индија.

Но папата објасни: „Сите ние заедно, муслимани, индуси, католици, копти и евангелисти, сите ние сме браќа, деца на еден ист Бог и сите сакаме да живееме во мир, заедно“, рече папата Франциско посветувајќи дел од обраќањето и на теророрт од Брисел. „Пред три дена се случи чин на војна и разорување во европски град и тоа го сторија луѓе кои не сакаат да живеат во мир. Зад тој чин стојат производителите на оружје, трговците на оружје кои сакаат крв, а не мир, кои сакаат војна, не братство.“

Анџело Чироцо го основаше овој бегалски дом во близината на Рим и за Радио Ватикан изјави дека бегалците се чуствуваат почестени оти се избрани за оваа церемонија: „Едно од момчињата, муслиман од Мали ми рече: ’Се чувствувам поважен од Обама. Папата, најважниот човек на светот, најдобриот човек на светот, сака да ги измие моите нозе’.“

И меѓу бегалците, посебно оние од муслиманска вероисповед, владее нелагодност и страв, што ќе се случи со нив по терористичкиот напад во Брисел кој злосторниците го сторија наводно во име на својата вера. Некои од бегалците од овој дом му пратија писмо на папата и како што пренесуваат италијанските медиуми, еден од нив објаснил што пишува во писмото: „Сакав да му кажам на папата дека муслиманите не се никакви терористи и оти ми е жал за тоа што се случи во Франција и Белгија“, вели Камасо Гуиро од Сенегал. „Долго време сакав да се сретнам со папата, иако сум муслиман. Сакам да му се заблагодарам за сето она што го прави за сиромашните и за мирот.“