1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО: Украина самата да реши за членство

Бернд Ригерт/бг3 декември 2014

НАТО и‘ дава поддршка на Украина во конфликтот со Русија. Засега Киев ќе добие само пари, но подоцнежно членство не се исклучува. Тоа сепак ќе зависи од желбата на Киев.

https://p.dw.com/p/1DyVc
Фотографија: DW/B. Riegert

„Одлучивме дека вратата е отворена и дека Украина ќе биде членка на НАТО“, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки во Брисел. Притоа, тој не говореше за актуелен заклучок на 28-те министри, туку потсети на одлуката на НАТО од април 2008 година на самитот во Букурешт. Во тоа време, Столтенберг беше норвешки премиер. Во 2008. тогашниот американски претседател Џорџ Буш сакаше во најкус рок да ги вклучи Украина и Грузија во Алијансата. Рускиот претседател Владимир Путин, кој присуствуваше на самитот, остро протестираше. Со покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел дојде до компромис: Украина и Грузија ќе станат членки кога тоа ќе го сакаат и кога ќе ги исполнат условите за членство.

Во август 2008 дојде до куса војна меѓу Русија и Грузија. Во 2010 година, новиот претседател на Украина Виктор Јанукович го промени курсот на земјата. Тој најави дека земјата ќе остане надвор од блоковите и не сака да биде членка на НАТО. Но, новиот украински претседател Петро Порошенко повторно го менува курсот. Тој сака членство во НАТО, но доколку граѓаните го одобрат тоа на референдум.

НАТО ќе продолжи политички и финансиски да ја поддржува Украина во конфликтот со Русија, но по прашањето на членството сака да остане неутрален. „Украина е независна и суверена држава и не сакам да се мешам во нејзините одлуки. Почитувам доколку донесат одлука за членство, но и доколку не донесат таква одлука. Тоа е слободен процес“, рече Столтенберг.

NATO-Generalsekretär Stoltenberg beim Außenministertreffen in Brüssel 02.12.2014
Јенс СтолтенбергФотографија: Reuters/Y. Herman

Некои членки на НАТО, меѓу нив и Германија, не се најсреќни поради дебатата за членството на Украина. Со оглед на судирите со Русија, тие најави се случуваат во невреме, велат НАТО-дипломати. Русија тоа ќе го смета за натамошна провокација и ќе го искористи за сопствената пропаганда.

„Треба да се внимава, со некои одлуки да не се долева масло на огнот“, изјави шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер. Неговиот украински колега Павло Климкин преку видеоконференција им се обрати на министрите од Киев, во обид да ги смири тензиите. Барањето за членство нема да се случи толку бргу, рече тој. „Нема да донесуваме ирационални одлуки, во ситуација кога се‘ уште не сме подготвени“, рече тој. Во секој случај, пред 2020 година никој во Брисел не смета дека Украина може да се подготви за членство.

Воена комуникација со Русија

На заедничкиот состанок НАТО и Украина уште еднаш ја осудија руската агресија врз Крим и врз источна Украина и побараа почитување на договорот за примирје од Минск. Иако некои министри го сметаат договорот за мртов, Штајнмајер апелираше да се инсистира и натаму на негово почитување. „Нема ниту еден основ за оптимизам. Ризикот од ескалација е постојано присутен. Сепак, апелирам и натаму да се инсистира на почитување на Договорот од Минск и да се продолжи со политичкиот притисок“.

Außenminister Frank-Walter Steinmeier
Франк-Валтер ШтајнмајерФотографија: picture-alliance/dpa

Министрите го договорија и формирањето на трупите за брза интервенција на НАТО кои би можеле во кус рок да бидат распоредени на источните граници на алијансата кон Русија. Во текот на 2015 година треба да се зголеми борбената готовност на германско-холандскиот баталјон во Минстер. Од почетокот на 2016 година, трупите со околу 5 илјади луѓе треба да бидат подготвени за одбрана на балтичките земји од Русија. Трупите ќе бидат пополнувани со кадри од големите НАТО членки. Во Полска, Романија и Бугарија треба да бидат изградени бази за опрема и логистика. Како одговор на оваа тактика на НАТО, Русија за летото 2015 година веќе најави воени вежби на својата западна граница.