1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу светлина, ама и по некоја сенка во грчкиот туризам

Такис Цафос/ дпа/ Симе Недевски13 август 2014

Грција веќе сега e најголемиот добитник во годинешната летна сезона. Туризмот цвета, но вработените имаат малку полза од тоа. Некои туристички работници платите би требало да ги добијат дури на зима.

https://p.dw.com/p/1Ct6e
Фотографија: Reuters

Дури и старите, искусни хотелиери се согласуваат со оценката дека досега никогаш Грција не ја преплавиле толку голем број туристи како оваа година. И премиерот на земјата е воодушевен, Андонис Самарас најави дека до крајот на годината Грција би требало да ја посетат вкупно 20 милиони туристи. Со овој бран, на директен или индиректен начин, е „погоден“ дури секој четврти жител на земјата. Ако се полни хотелите, полни се и рестораните, кафулињата и баровите, а заработуваат и работниците во сите други бранши. За грчката економија која веќе со години се наоѓа во длабока криза, овој раст секако буди нови надежи и оптимизам за во иднина.

Што се однесува до цените, тие во однос на 2009. година паднаа за околу 30 проценти. Дури и во Атина каде до пред неколку години не можеше да се најде пристојна хотелска соба за помалку од 70 евра, денес се плаќа 40 евра. А на полуостровот Пелопонез како и на помалите, не толку познати острови, соба со поглед на море може да се добие во просек за 30 евра.

Griechenland Mykonos
МиконосФотографија: picture-alliance/Rainer Hackenberg

Наместо во Луксор- на Родос

Меѓутоа, цените не се намалени баш секаде. На пример на Миконос, традиционалната дестинација на богатите и на оние кои така се чувствуваат, цените останаа исти или дури пораснаа. Славниот шпански пејач Хулио Иглесијас наводно за своето друштво, за една вечер во бар на овој остров, морал да плати 2,5 милиони евра. Но, очигледно цените не ги уплашија туристите од оваа класа. Напротив, Миконос и оваа година дочека многу богати Арапи, турски претприемачи, фудбалери, ѕвезди и ѕвездички...

Многу поефтино поминауваат оние кои се одлучуваат да летуваат на Крит, Родос, Кос или Лезбос. Таму и оваа година важи познатиот, традиционален, грчки слоган: „гостинот е крал“, што очигледно и овој пат се исплатува. „Поради еден незадоволен гостин друг пат ќе ни дојдат 10 луѓе помалку. Тоа е правилото до кое се придржуваме“, вели Христос Пилатакис, директор на хотел во местото Линдос на Родос.

Но, од друга страна, треба да се спомене дека туристите во Грција сепак не нагрнаа само поради познатото гостопримство на домаќините. И Египќаните се познати по љубезноста, па сепак нивните туристички места оваа година останаа полупразни. Причина за тоа е фактот дека околу 15 милиони туристи оваа година, поради безбедносни причини, порадо својот летен одмор го поминаа на некоја дестинација на југот на Европа, велат во туристичките агенции во Германија.

Griechenland Malia Tourismus Strand mit Touristen auf Kreta
КритФотографија: picture-alliance/dpa

Каде има светлина има и темнина

Но, каде има светлина, вели народната поговорка, има и темнина- така е и во Грција. Синдикатите на туристички работници неодамна протестираа на Родос поради доцнење со исплатување на платите. Платите, имено, доцнат два до три месеца. На Родос со тоа се погодени 12.000 од вкупно 17.000 работници. Хотелиерите тоа го негираат и наведуваат дека никако не станува збор за вообичаена пракса туку за исклучоци. „Голем број хотелиери велат дека ќе не исплатат дури на крајот на сезоната. За среќа, гостите ни оставаат напојници“, вели на пример еден рецепционер во хотел во гратчето Патрас. Еден хотелиер пак наводно им понудил на своите собарки бесплатни оброци во хотелот, а како плата- само напојниците од гостите.

Инаку, во грчките туристички агенции велат дека би имало повеќе гости и резервации да не избиеше кризата меѓу Русија и ЕУ. Многу руски туристички агенции во меѓувреме пријавија банкрот, а со самото тоа и гостите го откажаа доаѓањето во Грција. И покрај се’, во Грција се повеќе од задоволни од оваа сезона. „Така било секогаш и така ќе остане- туризмот е главна економска гранка на нашата земја“, вели хотелиерот Димитрис Скалидис.