1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија во внатрешно-политички хаос

Б. Георгиевски/дпа4 март 2015

ЕУ и НАТО кандидатот Македонија со месеци е во состојба на хаос. Фронтовите меѓу владата и опозицијата се безнадежно оддалечени, анализа на германската новинска агенција ДПА

https://p.dw.com/p/1Ekpk
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Со години, единствено кавгата со соседот Грција околу името, ја оддалечуваше државата кандидат за ЕУ и НАТО од приближување кон Западот. Но, во меѓувреме состојбата и внатрешно-политички се заострува. Владата и опозицијата, која веќе една година поради обвинувања за лажирани избори го бојкотира парламентот, се препукуваат со најостри обвинувања.

Опозицијата обвинува дека Владата на Груевски е длабоко корумпирана и криминализирана. Владата одговара дека опозицијата планирала државен удар и сака, со помош на странска служба, да предизвика хаос во државата. Интелектуалците верни на владата во изминатите недели организираа собири низ целата земја на кои лидерот на опозицијата Зоран Заев се претставува како „типичен велепредавник“.

Од почетокот на февруари, Заев објавува прислушкувани телефонски разговори, за кои тврди дека ги добил од домашни безбедносни служби кои се дистанцирале од владата.

„Од разговорите станува јасно дека ние сме заложници во сопствената држава, во која нема правосудство, полиција и воопшто некаков систем“, ги коментира Заев спектакуларните откритија. Груевски од своја страна одговара дека со „сценариото“ за пуч на опозицијата „се зема како заложник целата земја“.

Kombobild Zoran Zaev und Nikola Gruevski
Зоран Заев и Никола Груевски

Бројката на прислушкувани разговори е огромна. Владата во изминатите години нелегално прислушкувала 20 илјади од вкупно 2 милиони жители на државата, меѓу нив и повеќе од 100 новинари. Водечките функционери делеле функции во правосудниот апарат според сопствена желба, и го наместиле апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, како и подоцнежната осумгодишна затворска казна. Самиот Груевски во 2011 година наредувал да се урне објектот „Космос“ и на негово место да се изгради „еден убав парк“. Космос му припаѓал на неговиот некогашен политички сојузник Фијат Цаноски, кој финансиски ја поддржувал критички настроената телевизија А1. Владата ја затвори телевизијата. Нејзиниот сопственик Велија Рамковски, поради наводно даночно затајување заврши во затвор. Притоа беа затворени и неговите три весника.

Атмосферата меѓу ривалите е затруена. Персоналниот анимозитет меѓу Груевски и Заев дополнително ја влошува состојбата. Владата уште пред еден месец најави дека е подигнато обвинение против пет лица, меѓу нив и против Заев. Но, сѐ до пред еден ден кога падна пресудата за еден од обвинетите, ништо не се случуваше. Од друга страна, Јавното обвинителство веќе една година не ги истражува обвинувањата на опозицијата дека Груевски при продажбата на Македонска банка пред 11 години, добил мито од 2,4 милиони евра.

„Алармантната состојба во државата“ може да се реши само низ „брза и директна интервенција на Брисел“, тврди Али Ахмети, претседател на албанската владејачка партија ДУИ, без која Груевски нема мнозинство во парламентот. Европската Комисија и Европскиот парламент треба да испратат експерти и политичари како „непартиски личности“, предложи тој кон средината на февруари за време на средбата со комесарот за проширување Јоханес Хан во Скопје“, пишува германската агенција ДПА.