1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија во германскиот печат

Избор: Зоран Јордановски15 мај 2015

Во Скопје и во Белград - авторитарни режими. Западен Балкан заборавен и запоставен во сенка на светските кризи. Во екстремни општествени состојби луѓето се подложни на екстремистички идеи. - Избор од германскиот печат.

https://p.dw.com/p/1FQCx
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

„Паѓање на Македонија во хаос. Можно е антитерористичката акција да е инсценирана“ - со ваков наслов и поднаслов „Зиддојче цајтунг“ известува за случувањата во Македонија. На почетокот станува збор за обелоденувањето на снимките од прислушувањата и за нивната содржина, со констатација дека „владата до денес одбива да ги испита снимките“, но „неколкумина од жртвите (...) ја потврдија вистинитоста. (...) Владината партија ги демантира сите префрлувања, но наидува на се’ помалку внимание. Премиерот Груевски, откако во 2006. година ја презеде владата, стана автократ. (...) Македонски експерти во април предупредија дека владата, која е под притисок, за да се одржи на власт би можела да инсценира инциденти, па се’ до наводен терор“. По описот на настаните во Куманово и оцените на домашни експерти за нив, во прилогот се вели: „Амбасадорите на Германија, САД, ЕУ, Англија, Франција и Италија по средбата со премиерот и со шефот на опозицијата со ниеден збор не го споменаа наводниот ’терор‘, туку само зборуваа за ’трагедија‘ и потврдија дека владата не направи никаков напредок во расчистувањето ’на многуте тврдења за злоупотреба од страна на владата‘“.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува за „Кризната средба во Македонија“. Весникот всушност само пренесува кратка вест на агенцијата ДПА за случувањата во земјата - патем, и со неточна информација дека оставка поднесол и државниот обвинител.

Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Игра со оган може да води до опустошувачка стихија

Многу подолг напис објавува „тац.ди тагесцајтунг“ од Берлин. Авторот Андреј Ивањи настаните во Македонија ги става во регионален контекст. Откако информира за настаните во Куманово, тој ја отвора дилемата „Беше ли тоа изолиран феномен или најава за нови оружени судири на Западен Балкан, заборавен и запоставен во сенката на ЕУ-кризата, Украина и Исламската држава?“ Понатаму се вели дека „веројатно најголемиот дел од луѓето во тој етнички мешан и поделен регион крворполевањето не го гледаат како пресметка на полицијата со илегална трупа, туку како судир на словенско-православните Македонци со Албанците. Се’ едно што фактички се случи или ќе се случи, Србите по сила на околностите негуваат симпатии за православните македонски браќа и одбивност спрема Албанците. И обратно, Албанците од Косово и Албанија а приори ќе се стават на страната на сонародниците расеани во Србија, Македонија, Грција и Црна Гора. Националното чувство стои над секоја идеологија“.

Крвопролевањето не го изненади никого, кој ги има предвид регионалните проблеми. Невработеноста во регионот изнесува помеѓу 30 и 90 проценти, се вели во „тац.ди тагесцајтунг“. Животот, првенствено на младите, во „сиромаштија, бесперспективност, безнадежност предизвикува големи фрустрации и огромно незадоволство, но и поради корупцијата, нерешените етнички и државни односи. Во екстремни општествени состојби луѓето се подложни на екстремистички идеи“. Анализирајќи ги состојбите во поединечните земји за Македонија се вели: „Во Скопје, сосем како и во Белград, се етаблира еден авторитарен, автократски режим, кој ја одржува формата на демократија, но во суштина ја задушува идејата за слободно, граѓанско општество со независни медиуми и правосудство, и ги злоуоптребува полицијата и тајните служби“.

Mazedonien nach den Kämpfen in Kumanovo Trauer
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Историска поука е дека од околности како сегашните на Балканот „не може да произлезе ништо добро. Свеста дека социјално и економски ништо нема да се подобри се шири незадржливо - и со тоа и нестрпливоста. Исчезнува верувањето во ЕУ. На сите регионални властодршци, како и на оние кои сакаат да станат тоа, при рака им е познатата мостра за одржување на власт: вината за сопствената мизерија да и’ се префрли на друга нација, да се збијат сопствените редови со националистички повик на борба. Познато е: дури и ако желбата не е да се предизвика поголем конфликт, играта со огнот на теренот на општата фрустрација лесно бега од контрола и се претвора во опустошувачка огнена стихија“.

Авторот Ивањи се задржува и на големоалбанските идеи и изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за обединување на Албанија и Косово, а текстот го завршува вака:

„Претставете си во Берлин или Париз во престрелка со терористи од негерманско или нефранцуско потекло да бидат убиени осуммина полицајци. Целиот западен свет би се кренал на нозе. Но, тоа се случи во Македонија, многу оддалечена од јадрото на Европа, таму, каде веќе двеипол децении никако да се врати мирот. ЕУ, САД, ОБСЕ и така натаму ги повикаа сите таму долу да се воздржат и да се толерираат“.

Алсат М - телевизија за сите етникуми

Конечно, во овој преглед, и за прилогот на радиото Дојчландфунк во рубриката „Европа денес“ посветен на партнерот на ДВ на македонски - Алсат М. „Посебното кај оваа телевизија, за која Фондацијата Конрад Аденауер вели дека ги застапува чисто албанските интереси, е дека Алсат М е двојазична - интернет-страницата, некои емисии и вестите, и дека е тоа целно посакувано“.

Цитиран е уредникот Јусуф Садриу дека целта е „подобро запознавање меѓу етничките Албанци и Македонците, да се даде меѓусебна можност за поглед во културата на другиот“. Наведено е дека содржината и на информативните емисии се преведува од албански на македонски или обратно. Посебно е издвоен примерот на Иван Блажевски, кој студирал албански и води емисии на албански јазик, а во тој контекст е спомената и соработката меѓу Алсат М и Дојче веле. Обајцата - Садриу и Блажевски - нагласиле дека „нема етнички конфликти во 100-члениот тим на телевизијата“ и дека „соработката функционира перфектно“. Авторот Штефан Ошват наведува дека е мешан албанско-македонски и составот на раководството, како и на уредниците и репортерите на телевизијата, па го поставува прашањето дали „Алсат М е модел за Македонија?“. Во секој случај, како што е цитиран Иван Блажевски, „во тој поглед Алсат М е сигурно единствен пример не само во Македонија, туку и во регионот и има влијание“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема