1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Критики за Договорот за слободна трговија

М. Книге/И. Стојкова26 септември 2014

ТТИП-планираниот договор за слободна трговија помеѓу ЕУ и САД, повторно е тема на жестока дебата во германскиот парламент. Но и надвор од доменот на националните законодавци расте отпорот против договорот

https://p.dw.com/p/1DLf0
Фотографија: picture-alliance/dpa

Речиси 6,000 километри ги делат Борис Палмер и Вирџинија Лајонс. Тоа е разликата во далечина помеѓу градот Тубинген, во југозападниот дел на Германија, седиштето на еден од најстарите европски универзитети, каде Палмер е градоначалник и Монтпелје, главниот град на Вермонт, мала американска држава во Њу Ингланд, чиј сенатор е Лајонс.

Палмер и Лајонс никогаш не се сретнале, но ги мачи еден ист проблем. Тие се загрижени дека контроверзниот трансатлански договор за слободна трговија, за кој моментално се преговара помеѓу ЕУ и САД, ќе влијае врз извршувањето на нивната функција. Обајцата го критикуваат генералниот недостаток на транспарентност и непостоењето на партиципација на локалните и регионални власти во преговорите. Но, суштината на нивната критика може да се сведе на еден акроним: ИДРС.

ИДРС означува Инвеститор на Државата во Решавање на Спорови, што претставува многу спорен механизам, кој ќе им овозможи на корпорациите да ги стават владите пред арбритражните комисии, наместо да одат на воспоставените судови. Наместо барањата да бидат поставувани пред регуларните судови во ЕУ и САД, ќе бидат поднесувани и за нив ќе одлучува паралегална арбитражна комисија. Нејзините одлуки, вообичаено се обврзувачки и не може да бидат изведени пред суд.

Boris Palmer Oberbürgermeister Tübingen ARCHIV 2013
Борис Палмер, градоначалник на ТубингенФотографија: picture-alliance/dpa/Christoph Schmidt

Нелојален предизвик

„Стравуваме дека инвеститорите ќе не изведат пред арбритражна комисија и не ќе можеме да се браниме, бидејќи немаме доволно финансиски средства со кои ќе платиме адвокати кои сериозно ќе застанат во наша одбрана, при еден таков судски процес“, вели Палмер за ДВ, додавајќи дека невозможно е заедница од 85,000 жители, како што е Тубинген ги изведе пред суд мултинационалните корпорации, со милионски приходи на годишно ниво. „Одлучувањето на локално ниво е исклучително важно за перцепцијата на квалитетот на животот на луѓето“, вели сенаторката Лајонс за ДВ. „Процесот на решавање на спорови директно ги исклучува државните и локалните власти од секој разговор“.

Лајонс и Палмер стравуваат дека нивната должност за воспоставување правила и прописи за нивните градови и држави можно е да имаат негативен ефект па дури и да престанат со потенцијалните тужби од страна на корпорациите кои ќе тврдат дека овие правила ќе ги намалат нивните профити.

Закана за локалната власт

На пример, Лајонс, која копретседава со Вермонтската Комисија за Интернационална Трговија и Национален Суверенитет ги донесе законите кои ги надминуваат американските владини стандарди за забрана на отровни хемикалии во производите, наменети за потрошувачите, меѓу кои и децата. Таа се плаши дека тие стандарди можат потвторно да се најдат на критики од страна на големите корпорации, со тоа што ќе излезат со ставот дека вермонтските закони влијаат негативно на нивните профити и со тоа да ја изведат државата пред арбритражната комисија, при ИДРС.

Уште една област од локалната власт, која ќе се најде под влијание на ИДРС ќе биде и јавниот транспорт и домаќинството. Приватните корпорации, вели Палмер, можно е да се побунат дека субвенциите на фирмите за јавен превоз нема да бидат дозволени доколку не биде рекламирана понудата за договор на меѓународно ниво. „Имаме локални компании за автобуси и ако им бидат одземени субвенциите, нема да можат да опстојат повеќе“, вели Палмер, „што значи дека ќе ја изгубиме способноста да ги дефинираме стандардите и да им понудиме на граѓаните транспортни услуги во нашата заедница“.

Воспоставени правни системи

Засегнати може да бидат и државните станбени претпријатија, чии сопственици се голем број на германски заедници. „Ако компаниите во сопственост на локалните власти добиваат субвенции за изградба на нови згради, тогаш приватните компании би можеле да се побунат дека тоа влијае на намалувањето на нивните приходи и како резултат на тоа да бараат укинување на субвенциите“, вели Палмер.

Virginia “Ginny” Lyons Senator Vermont
Сенаторката Вирџинија ЛајонсФотографија: Virginia Lyons

Градоначалникот на Тубинген и сенаторот на Вермонт не сакаат таквите сценарија да се случат со ТТИП, бидејќи со тоа драстично ќе се намалат правата на локалните и регионалните заедници да си ги извршуваат своите должности, односно да работат за луѓето кои ги избрале. Покрај тоа, потенцира сенаторката Лајонс, нема причина САД и ЕУ да воспоставуваат надворешно правно тело. „Имаме судски систем и не разбирам зашто дозволуваме тројца од трибуналот да одлучуваат, кога тие се избрани од страна на корпорациите, на федерално ниво. Тоа е спротивно на локалните донесувачи на одлуки.“

Растечката опозиција

Лајонс и Палмер не се единствени кои стравуваат од ваквите можни ситуации. Иако досега локалните и регионалните власти останаа воздржани во однос на ТТИП, се чини дека таквата состојба се менува. Во САД законодавците од Њу Ингланд и Калифорнија го кренаа својот глас против договорот за слободна трговија. Во Европа, градоначалникот на Штутгарт, шестиот по ред најголем град во Германија и седиште на глобалните гиганти „Дајмлер“ и „Бош“, неодамна предупреди дека ТТИП може да ја потисне локалната власт. Сега и заштитната организација на локалните и регионалните власти во Европа, Советот на Европските Општини и Подрачја во Брисел, го разгледуваат прашањето. Ангелика Пот-Мегеле, политички директор на групата која ги застапува властите од вкупно 41 земја, за ДВ вели: „ Сметам дека помеѓу ЕУ и САД нема потреба од овој договор бидејќи веќе имаме постоечки правни системи, кои сосема добро функционираат. Дефинитивно за нашите членови е важно да ги нема нив во договорот“.

Пот-Мегеле, исто како и Лајонс и Палмер, потенцира дека таа не го дискредитира во целост трансатланскиот договор, туку само правилата на ИРДС: „Европа треба да заземе јасен став дека ги одбива тие правила и истите нема да бидат вклучени во договорот“. И се чини дека без разлика на тоа дали и во која форма трансатлантскиот договор ќе биде спроведен, тој иако не ја постигна главната сепак, веќе постигна значајна цел. Ги обедини претставниците на различни заедници, како што се Тубинген, Монтпелје и Брисел.