1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кобане- заборавениот симбол

Наоми Конрад/сн18 мај 2015

Западните медиуми со месеци ги следеа борбите во Кобане, сирискиот град кого го беше завземала Исламската држава. Градот е ослободен ама сега никого повеќе не го интересира судбината на неговите жители

https://p.dw.com/p/1FPJe
Фотографија: Reuters/O. Orsal

Идриз Насан Алирахим во центарот на Берлин, само неколку чекори од фините бутици и моќната стаклена фасада на Бундестагот, тивко започна да зборува за смртта и уништувањето во неговата татковина. Вели дека екстремистите од Исламската држава речиси ја срамниле со земја неговата куќа:„Само една просторија остана неоштетена“. А потоа ги симнува рамениците. „Можеби ја користеле како засолниште“.

Екстремистите ја опколиле куќата на овој Сириец во Кобане при обидот да ја освојат автономната курдска енклава. Медиумите околу пет месеци ги следеа борбите во овој град кој се наоѓа само на неколку стотина метри од турската граница. Илјадници жители избегаа од градот. Кобане во медиумите стана симбол на отпорот против џихадистите, кои пред тоа освоија големи делови на Сирија и на Ирак.

Во јануари годинава жителите на Кобане можеа да здивнат. Со помош на курдските борци од северен Ирак како и воздушните напади предводени од САД, на бранителите на градот им успеа да ја истераат паравојската на Исламската држава и да ѝ нанесат пораз.

Idriss Nassan Alirahim
Фотографија: DW/N. Conrad

Две третини од градот уништени

Борците на ИД го оставија градот во урнатини.„Меѓу 70 и 80 насто од градот се разурнати и инфраструктурата е оштетена“, вели Идриз Насан Алирахим, кој е политички активен како заменик секретар на градот за надворешни работи.

Многу продавници се повторно отворени, централната пекарница повторно работи а и некои здравствени центри веќе функционираат. Но за бегалците повратници нема ни вода ниту струја. „Црпиме вода од локалните бунари, ама тоа не е доволно“, забележува Алирахим и додава дека ни гориво нема доволно.

До денес во градот остана само мало количество хуманитарна помош. Алирахим вели дека турските власти не се подготвени да ја отворат границата кон енклавата, бидејќи неа ја контролираат курдски борци. А левичарската Работничка партија на Курдистан (ПКК) до неодамна водеше герилска војна против турската држава.

ИД останува закана

Идриз Хасан Али Рахим вели дека од Сирија успеал да се извлече само со помош на криумчари. Заедно со други курдски политичари, тој сака да го засили притисокот врз Турција. „Меѓународната заедница би требало да отвори хуманитарен коридор“, вели овој политичар.

Освен тоа на курдските борци, како што вели, им е потребна воена опрема. Тие успеале да запленат оружје од џихадистите, ама немаат доволно противтенковско оружје и минофрлачи. И навистина, ИД повторно фрли око врз Кобане. Пред неколку дена, според наводите на лондонската организација за следење на почитувањето на човековите права во Сирија- борци на ИД ненадејно го нападнале јужниот дел од градот. Но Алирахим е убеден дека Кобане станал „многу побезбеден“.

Rückkehr des Lebens im zerstörten Kobane
Фотографија: DW/Kamal Sheikho

Помош од странство

Додуша, тој додава дека градот мора да се бори против сите можни проблеми за да преживее. „Потребна ни е помош од сите страни за да спасиме човечки животи и да ги снабдиме луѓето со најнеопходното“. Цените на основните прехранбени производи двојно поскапеле.

Во Берлин, Алирахим се пожали дека меѓународната заедница не прави ништо. Вели дека се плаши оти Кобане ќе падне во заборав. Откако борбите завршија,„хуманитарната страна очигледно не е толку важна за странство“.

Ама, додава и дека е полн со надеж дека помош ќе стигне во Кобане и оти градот ќе може да биде обновен. Дотогаш со семејството ќе живее во единствената преостаната соба во својата куќа. Иако е тоа сѐ што имаат, тој вели оти е среќен дека „куќата му е ослободена од терористи.“