1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како успеваат автократите на Балканот?

Б. Георгиевски/нцц,фац19 февруари 2015

Зад националистичко-популистичката фасада на авторитарните режими на Балканот всушност се наоѓа една клиентелистичка мрежа со чија помош партиите ја обезбедуваат својата власт, наведува во анализата швајцарскиот НЦЦ

https://p.dw.com/p/1EeYL
Фотографија: MIA

Во гостински коментар за угледниот швајцарски весник „Ноје Цирхер Цајтунг“ под наслов „Откажување од демократијата“, аналитичарот Флориан Бибер прави анализа на состојбата на Балканот и зајакнувањето на авторитарните тенденции во регионот. Текстот тој го започнува со пример од Македонија: прес-конференцијата на премиерот Никола Груевски на која тој го обвини опозицискиот лидер Зоран Заев за обид за државен удар во земјата. Опишувајќи ги обвинувањата на Груевски, и целата атмосфера која владее во земјата, Бибер оценува дека „овој процес е најдобар пример за назадувањето на демократијата во Македонија и во другите држави на Балканот“.

„Помалку драматично од авторитарниот подем на Реџеп Таип Ердоган во Турција и помалку опасни за ЕУ во споредба со целта на Виктор Орбан од Унгарија да направи илиберална демократија, во бројни балкански држави се етаблираат владетели кои засилено ги уриваат темелите на функционалната демократија и покрај тоа што формално ги одржуваат демократските правила. Најјасен пример за тоа се клеветите кон политичките противници и кон независните новинари.

Па така, во Црна Гора една НВО активистка и жесток критичар на владеењето на Мило Ѓукановиќ од булеварскиот весник „Информер“ беше обвинета дека имала склоности кон „перверзни сексуални практики“. Во Србија истиот весник на секој чекор го воспева премиерот Александар Вучиќ, а останатите медиуми вежбаат автоцензура. Некогаш критички настроениот „Блиц“ го обвинува познатиот актер и хомосексуалец Горан Јефтиќ дека е педофил, а во истовреме објавува дневен билтен на Вучиќ од Давос. Така се создава клима на страв во која критички настроените интелектуалци и медиуми се воздржуваат од критики за владата, а јавноста се „воспитува“ да и биде верна на владата.

Serbischer Ministerpräsident Aleksandar Vucic
Медиумите во Србија го воспеваат: Александар ВучиќФотографија: DW/B. Marx

„Но како успеваат луѓе како Александар Вучиќ во Србија, Никола Груевски во Македонија, Милорад Додик во Република Српска или Мило Ѓукановиќ во Црна Гора да победуваат на изборите? Дали гласачите се наивни или навистина сакаат мали диктатори? Иако за дел од гласачите важат и едното и другото, одговорот е едноставен: граѓаните гласаат за малку пари или за работно место. Гласовите се купуваат. Поради кризата, 50 или 100 евра денес вредат повеќе отколку пред неколку години. Освен тоа, постои директна врска меѓу работните места и поддршката за владејачката партија. За добивање работно место во јавните претпријатија во државите на поранешна Југославија, денес е уште поважно да се има партиска книшка, отколку во времето на комунизмот.

Поддршка од ЕУ?!

А во суштина партиите програмски и идеолошки едвај и да се разликуваат, па затоа насекаде може да се слушне „сите се исти“. Оттука делува рационално да се гласа за оние кои лично ќе ви донесат макар и мала предност. Така, зад националистичко-популистичката фасада всушност се наоѓа една клиентелистичка мрежа со чија помош партиите ја обезбедуваат својата власт. Притоа тие во тоа добиваат и неочекувана поддршка од ЕУ. Не, ЕУ не ги поддржува директно диктаторските амбиции на Балканот, но динамиката на односите меѓу ЕУ и Балканот го зацврстува таквиот развој.

Нивните изјави дека сакаат реформи се само празни ветувања, а праксата тоа и го потврдува. Таквата состојба им одговора на државите и партиите во ЕУ кои се против проширувањето.

Сѐ поприсутните авторитарни влади на Балканот се можност и натаму да се одлага приемот на тие држави во ЕУ. На тој начин се развива таа симбиоза меѓу противниците на проширувањето и авторитарните политичари на Балканот. За да се разбие оваа динамика, потребни се јасни зборови, повеќе внимание за основите на демократијата и јасна награда со приближување кон ЕУ за оние кои во пракса навистина ги демократизираат земјите“, пишува експертот за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, Флориан Бибер во коментарот во „Ноје Цирхер Цајтунг“.

Лажните надежи на Косовците

Илјадници граѓани на Косово изминативе месеци побараа азил во западните држави. Тоа е една од причините за интервју со косовскиот министер за надворешни работи Хашим Тачи кое го објавува Франкфуртер алгемајне цајтунг. Зошто Косовците ја напуштаат својата татковина е прашањето на ФАЦ до Тачи:

„Тоа е последица на чудните гласини дека Германија великодушно дели работни дозволи и дозволи за престој. Тоа е апсурдно, но доведе до тоа сѐ повеќе луѓе илегално да патуваат кон Германија. Дури и некои медиуми на Косово во јануари објавија приказни за луѓе одовде кои во Германија наводно добиле станови и работни дозволи. Тоа не е точно, но тоа беше повод за луѓето да тргнат“, објаснува Тачи за ФАЦ.