1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какво обединување во Македонија побара Еди Рама?

Свето Тоевски19 мај 2015

Рама побара лидерите на албанските партии во Македонија да бидат повклучени во решавање на политичката криза, да не дозволат таа да се претвори во меѓуетничка, ни да дојде до дестабилизација на земјата“, велат дел од нив

https://p.dw.com/p/1FRk4
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Изминатата сабота (16.05.2015) во крајезерскиот град Подградец во Албанија премиерот на оваа земја Еди Рама, придружуван од претседателот на Парламентот Илир Мета и министерот за надворешни работи Дитмир Бушати, имаше средби и разговори со лидерите на безмалку сите албански политички партии во Македонија: со претседателот на ДУИ Али Ахмети, Мендух Тачи од ДПА, со лидерот на „Движењето за реформи во ДПА“ Зијадин Села, со координаторот на „Беса“ Билал Касами, како и со претседателот на „Албанската национална преродба“- Вејсел Мемеди. Оваа средба, свикана на покана од Рама, се случи еден ден пред почетокот на протестите на македонската опозиција во Скопје, како и неколку дена по безбедносните случувања во Куманово.

Дојче веле ги праша лидерите, или други претставници на сите споменати албански партии: за што се разговарало и што било заклучено на таа средба? Од страна на Рама нема никаква официјална изјава во медиумите во неговата земја, а ниту и поголемите албански партии во Македонија сакаат да кажат било што за тој настан. Електронските медиуми и интернет – порталите на албански јазик во Македонија и Албанија веќе се огласија со свои анализи дека „Средбата на Рама со албанските партии во Македонија, која била фокусирана кон деликатната ситуација по пукањата во Куманово, завршила без конкретен резултат, без заклучок и без политичка порака“. „Балкан веб“ пренесува збирна оценка од написите на албанските медиуми во Македонија дека „регионалниот албански самит во Подградец завршил неуспешно“. Информативната агенција „Журнал“ потсетува дека „Рама, како претседател на Социјалистичката партија, се наоѓа во предизборна кампања спроти локалните избори во Албанија, закажани за 21-ви јуни 2015 година“. Според „Журнал“, „средбата во Подградец, на која Рама изнел заложба за обединување на албанскиот политички фактор во Македонија, била осудена на неуспех, бидејќи немала агенда и цел, ниту содржина“.

ДВ ги праша партиите од албанскиот етникум во Македонија: за какво „унифицирање на албанскиот политички фактор“ во оваа држава се залагал Рама и што произлегло од неговите контакти со тие партии? Бујар Османи, портпаролот на ДУИ, и Зијадин Села идентично одговараат: „Немаме коментар“. Портпаролот на ДПА Луан Треси вели: „Мендух Тачи имаше договорена и издвоена средба со Рама и Мета во Подрадец, на која тие разговараа за општата политичка ситуација во Македонија. По овие разговори се појавија и Ахмети и другите лидери на албанските партии, за што ние не знаевме дека и тие ќе имаат средба со албанскиот премиер. Во меѓувреме Тачи замина.“ Треси не изнесува никакви политички ставови на неговата партија што заклучиле Тачи и Рама. Треси не потврдува, како што шпекулираат дел од медиумите, дека, наводно, „Тачи ја напуштил средбата незадоволен, бидејќи не сакал да седне на иста маса со претставниците на помалите партии, но оти бил незадоволен и од други причини."

Одговарајќи на нашите прашања, партијата „Беса“ преку својот портпарол Африм Гаши истакнува: „Средбата во Поградец треба да се гледа само во насока на помошта што сака да ја пружи Албанија во изнаоѓање на најдобрите начини за надминување на актуелната политичка криза во Македонија и во сплотување на нивниот став кон оваа криза. Премиерот Рама бараше од албанските лидери во Македонија да бидат повеќе вклучени во решавање на политичката криза и да помогнат да не се дозволи една политичка криза да премине во меѓуетничка, или религиозна криза. Рама во никој случај не заземаше став ’за’ или ’против’ некого, туку за сето време беше заинтересиран албанскиот фактор во Македонија да биде унифициран во полза на државата, во реализација на Охридскиот договор, како и во креирање афирмативни и позитивни политики за развој на земјата и за колку е можно побрзо нејзино интегрирање во ЕУ и НАТО.“

Вејсел Мемеди, претседателот на „Албанската национална преродба“ го вели следното во врска со содржината и исходот од средбата во Поградец: „Средбата со Рама имаше за цел сите албански политички партии да бидат умерени во нивните изјави, за да не придонесуваат кон влошување на ионака веќе влошената ситуација во Македонија, особено по настаните во Куманово. Сите треба да бидеме претпазливи во нашите јавни настапи, за да не придонесеме кон влошување на атмосферата во земјата. Ова е особено важно кога се инсценираат секакви случаи, како што беше досега многупати, за да не бидат обвинети Албанците за, недајбоже, каква било дестабилизација на Македонија.“

Mazedonien Regierungskrise Ali Ahmeti und Menduh Thaci
Али Ахмети и Мендух ТачиФотографија: MIA

Еди Рама остана запомнет особено по неговата изјава од 7-ми април годинава дека „Албанија и Косово ќе бидат принудени да се обединат на класичен начин“, откако тој ја критикуваше „политиката на Европската унија кон Косово“. Речиси еден и пол месец по оваа „најава“, Рама сега во Подградец бара „унифицирање на албанскиот политички фактор во Македонија“, случајно или не, среде политичко – безбедносната криза и спроти отпочнувањето на протестите во оваа држава. Професорот по политички науки и поранешен министер за надворешни работи на Македонија Денко Малевски коментира за ДВ: „Средбата во Поградец е показател дека нашиот државно – политички систем не функционира и оти е тој во криза, дека се пројавува внатрешното неединство во Македонија во врска со многу теми. Не може да биде добро тоа што Рама презема улога на некаков посредник, но се‘ зависи и од тоа какви пораки тој праќа. Ако Рама испраќа пораки до албанските партии да се свртат кон Владата, Парламентот и институциите во Македонија, дома да се решаваат проблемите, а да не сонуваат за некакви ’сеалбански решенија’ – тогаш тоа е добра порака. Но, ако премиерот Рама, а преку него и Владата на Албанија, сакаат да ја искористат македонската политичка криза за да наметнат свои влијанија врз албанските партии во Македонија заради нивно однесување во насока кон некакви ’сеалбански политики’ во регионот – е, тогаш, таквата порака нема да биде добра ниту за Македонија, ниту за целиот регион. Ние треба да направиме таков политички систем, во кој албанските партии ќе дејствуваат тука, во Скопје, а не надвор, залагајќи се, покрај другото и за идеи за европска трансформација на Македонија.“

Нагласувајќи дека „идеите за големи држави се веќе непрофитабилни“, професорот по политички науки Мерсел Билали смета дека „Еди Рама во Подградец приредил политички театар, од кој нема да произлезат ниту продуктивни, ниту контрапродуктивни политички последици за состојбата во Македонија“. Билали дополнува: „Се‘ она што се случуваше на самитот во Подградец претставуваше камуфлажа пред јавноста, чиста фасада дека неговите учесници нешто прават, напротив, таму се вкрстуваа повеќе интереси од материјална природа. Така и ДУИ и ДПА воопшто не сакаат да се смени оваа власт во Македонија, бидејќи на тој начин ќе ги загубат своите позиции и материјални интереси.“