1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заканите се притисок врз грчките гласачи

Кристоф Хаселбах/бг6 јануари 2015

Далекусежни предизборни ветувања и остри закани: дебатата околу можниот излез на Грција од еврозоната е жестока, но и предвидлива. Во суштина, никој не посакува „Грекзит“

https://p.dw.com/p/1EFWs
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ова веќе го видовме. На парламентарните избори во Грција во 2012 година се закануваше победа на левичарската Сириза на Алексис Ципрас. И тогаш Ципрас најавуваше крај на политиката на штедење и доби голема поддршка од граѓаните. За време на изборната битка повеќе странски државници од различни политички милјеа- германската демохристијанска канцеларка Ангела Меркел, францускиот социјалистички претседател Франсоа Оланд и италијанскиот непартиски премиер Марио Монти- побрзаа да му дадат поддршка на конзервативецот Антонис Самарас.

И тогаш тие предупредуваа дека евентуална победа на левицата би можела да води кон заминување на Грција од заедничката монетарна унија. Колку беа успешни овие закани, тешко е да се процени. Но, и тогаш како и денес, ваквите изјави веројатно имале некакво влијание врз граѓаните. Во секој случај, во 2012 Сириза постигна успех на изборите и стана втора политичка сила во парламентот. Владата ја формираше Антонис Самарас, а програмата за штедење и реформи на кои инсистираа меѓународните доверители остана во сила.

Еврозоната денес е поподготвена

Политиката на консолидација е тема и денес. Според анкетите, Сириза овојпат би можела да победи. За разлика од минатите избори овојпат еврозоната не е во опасност од распаѓање. Доколку Грција ја напушти еврозоната и ѝ се врати на драхмата, тоа нема да има домино ефект врз другите земји. ЕУ во меѓувреме се обезбеди со разни средства од таквата опасност.

Alexis Tsipras 29. Dez. 2014
Алексис ЦипрасФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Токму затоа европските политичари денес се далеку порелаксирани кога говорат за можното грчко излегување од еврозоната, за разлика од 2010 година кога германската влада сметаше дека нема алтернатива за пакетите со помош за кризните држави. Сепак, при евентуален излез доверителите ќе мораат да ги отпишат заемите, а тоа никој не го посакува. Затоа многу нешта говорат во прилог на тврдењата на Ципрас дека предупредувањата се всушност мешање и притисок врз грчките гласачи.

Безусловно кредитирање

Останува прашање колку е реално излегувањето на Грција од унијата? Дали новиот премиер Ципрас едноставно ќе ја извлече земјата од еврозоната? Тоа секако не е неговата цел. Притоа, и самата можност за напуштање на еврозоната не е предвидена во европските договори, туку само целосно напуштање на ЕУ. Тоа Ципрас воопшто не го посакува. Она што тој го сака е продолжување на финансиската помош, но без инсистирање на мерките за штедење.

Доверителите тешко ќе прифатат такво безусловно кредитирање. Тоа ќе биде тешко да им се објасни и на нивните даночни обврзници, но и на другите држави кои беа спасувани, а кои во меѓувреме спроведоа или спроведуваат болни реформи. Но, некакви олеснувања се можни, и тоа веќе го потврди и водечкиот германски демохристијански политичар во Европскиот парламент, Елмар Брок: „Ципрас не може да ги добие сите олеснувања, а притоа да не спроведе никакви реформи“.

Griechenland Generalstreik 27.11.2014
Протести во Атина против мерките за штедење во ноември 2014.Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Нови, поволни, рокови

Во тој контекст, Алексис Ципрас делумно веќе ретерираше. За разлика од почетокот кога говореше за еднострано откажување на обврските, денес тој говори за „преговори“ по кои би следувале натамошни чекори.

Најверојатно е дека во случај на победа на Сириза, Грција повторно ќе добие поповолни услови за враќање на долговите, на пример продолжени рокови. Тоа веќе го најави и поранешниот ЕУ комесар за економија Оли Рен во интервју за магазинот „Шпигел“.

Таквиот чекор ќе биде можен дури по- барем за надворешната публика- тешки преговори. И тоа нема да биде првпат. Така сите страни ќе бидат победници. Ципрас ќе може да им каже на своите гласачи дека извојувал победа, а доверителите ќе бидат сигурни дека договорите ќе бидат испочитувани. Затоа што сите имаат еден заеднички интерес, а тоа е политичка и финансиска заштита на Унијата од турбуленции.