1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правосудство го контролираат Груевски, Мијалков и Јанкулоска

Катерина Блажевска19 март 2015

Лидерот на СДСМ денеска ја објави дванаесетата „бомба“, која според него, целосно сведочи како бил урнисано функционирањето на правниот систем и правната државата

https://p.dw.com/p/1Eu3r
Фотографија: Petr Stojanovski

Правосудниот систем бил во рацете на тројца луѓе - Никола Груевски, Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска. Местеле судии и обвинители за сопствени потреби и цели, а за тоа имале соработници од ДУИ - министерот за правда Блерим Беџети и вицепремиерот Муса Џафери, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, објавувајќи ја дванаесетата „бомба“. Сознанијата, според него, сведочат како билo урнисано функционирањето на правниот систем и правната државата.

„Со право домашната и меѓународната јавност гласно и загрижено почнаа да зборуваат за состојбата во земјава. Со право ОБСЕ изрази вознемиреност за шокантни снимки и за уште пошокантни докази“, рече Заев.

Беа презентирани повеќе разговори во кои се инволвирани лица од судството и владини функционери. Во еден разговор, Влатко Мијалков, брат на директорот на УБК,од поранешната судијка Филимена Маневска наводно бара совет како да стапи во контакт со одредена судијка во Апелацискиот суд. Маневска му препорачува да се јави директно кај претседателката на тој суд, Љупка Арсениевска: „Таа ептен наша е“.

Во друг разговор, според СДСМ, Мартин Протоѓер бара од Јанкуловска врски за сопругата на негов другар, на која и‘ била поднесена кривична пријава за сообраќајка.

Јанкулоска, пак, наводно бара Сашо Мијалков да интервенира во Врховниот суд за МВР да изгуби спор кој го води против едно лице.

„Има едно човече, Величковски Сашо, повреден од 2001 година. По наша тужба треба да ни враќа пари, а на терен ептен ни врши работа. Ги расцепува овие од 'Достоинство'“, вели гласот за кој СДСМ тврди дека е на Јанкулоска.

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Нови обвинувања на сметка на Јанкулоска и МијалковФотографија: DW/P. Stojanov

Презентиран беше и разговор во кој претседателката на Судскиот Совет, Александра Зафировска, ја извршува „договорената задача“ - однапред да го информира премиерот за кои места во судството ќе биде објавен конкурс.

Во еден од разговорите за кадрите во судството, според СДСМ, Јанкулоска му објаснува на Мијалков дека судиите ги запишува во тефтер, според бројче и според тоа кој ги предложил, а и им става и „плусови“. Судијката Лидија Петровска, за која во моментот разговарале, во тефтерот на Јанкулоска била заведена под бројот 72.

Во разговорите се слушна и гласот за кој СДСМ тврди дека е на поранешниот јавен обвинител Љупчо Шврговски. Тој наводно бара од Јанкулоска да интервенира кај министерот за правда, Блерим Беџети, со цел синот на претседателката на Апалацискиот суд да биде избран за обвинител. Со оглед дека местото било резервирано за ДУИ, Јанкулоска наводно бара од Беџети да го отстапат тоа место, со ветување: „Следниот пат ќе ви го искомпензираме“. Потоа за ова Беџети се консултира со вицепремиерот Муса Џафери, кој стравува дека нема да биде искомпензирано местото, бидејќи претходно уште два пати попуштиле за слични барања. Интервенции преку Јанкулоска наводно барал и министерот за здравство Никола Тодоров, за сопругата на деканот на ФИНКИ да стане судијка во Управниот суд, но министерката го информира дека таму работата е веќе завршена и дека „местата се поделени со ДУИ“.

До неа се обратил и министерот за финансии. Наводно, бара од Јанкулоска помош со цел „да му го загорчи животот“ во Апелацискиот суд на извесен Кирил Доневски од Велес, кој заминал од ресорот финансии и аплицирал за работа во судот.

Според Заев, сепак, Сашо Мијалков бил 'капо ди тути капи' во судството. Тој презентираше два одвоени разговори во кои директорот на УБК, известува две лица - Софија Лаличиќ и Светлана Костовска, дека се избрани за судии. „Ја средив работата. Ќе треба да ме частиш“, наводно и вели Мијалков на Костовска.

Другото лице, и покрај убавата вест, негодува што за судијка е избрана и извесна Петровска.

„Она пушеше кај Лидија (претседателката на Врховниот суд – н.з.) и секој ден „Сваровски“ подароци и‘ купуваше. И ја купи Лидија за поклоните“, вели наводно Лаличиќ, потсетувајќи го Мијалков дека му кажала за таа личност „уште пред една година“.

Одговарајќи на новинарски прашања, Заев уште еднаш повтори дека легитиметот на судската власт е целосно нарушен и дека не може судските процеси ни фер ни транспаретно да ги водат судии и обвинители кои на функции дошле преку вакви активности.