1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ под притисок по бегалската драма

Барбара Везел/бг21 април 2015

Извештаите за огромен број жртви во бегалските бродови во Средоземното море го шокираа светот. По кризниот состанок во Луксембург, ЕУ одлучи да реагира

https://p.dw.com/p/1FBV8
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Warnand

Комесарката за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини се почувствува повикана да одговори како човек и како мајка: „Сите го делиме чувството на фрустрираност“, одговори таа на прашањето, зошто мораше да дојде до смрт на голем број луѓе, за ЕУ конечно да реагира. „Честопати повторуваме дека тоа не смее повторно да се случи. „Мораме да се соочиме со јавноста во Европа и да понудиме храбри одговори на трагедијата“, рече Могерини. Притоа, не смее да се следат повиците на популистите кои бараат бегалците да се вратат назад. „Нивното враќање назад единствено значи дека ќе бидат убиени на друг начин“, вели Могерини. Но притоа дополнува дека ЕУ е голема и комплицирана машина. „Вакви големи апарати бараат време за да се помрднат“.

Доста е со префрлање на вината

Политичкиот и моралниот притисок од викендот толку се зголеми, како што тоа во Луксембург отворено го признаваат, па Европа конечно се помрдна. Комисијата на ЕУ донесе план од десет точки со кој се сложија мнозинството министри за надворешни и внатрешни работи, како што пренесе комесарот за бегалци Димитри Аврамопулос:„Треба да престанеме со вперување на прстот едни кон други и меѓусебно да се обвинуваме“. Притоа напомена дека кризата со бегалците и порано беше важна тема за Европската Комисија, и дека таа планира кон средината на мај да изнесе предлог за промени во политиката кон мигрантите.

Luxbemburg EU Außenminister Krisentreffen Flüchtlinge Mittelmeer
Томас де МезиеФотографија: picture-alliance/dpa/J. Warnand

Фронтекс ќе добие повеќе пари

Итните мерки предвидуваат мисијата „Тритон“ да добие повеќе бродови во Средоземното море и повеќе пари, како и нов мандат. Тоа практично значи нејзина измена во спасувачка мисија, со што „Тритон“ ќе патролира и покрај брегот на Либија за да спасува бегалци. Потешкиот дел од задачата ќе биде запирањето на бродовите на трговците со луѓе. За тоа е потребна армија, но ЕУ може да учи од успехот на анти-пиратската мисија „Аталанта“ покрај сомалискиот брег. Сите ЕУ министри посакуваат бегалскиот бран да биде спречен во самиот зародиш- во Либија, но тоа засега не е можно поради насилството и хаосот кои владеат во земјата.

Поконкретни се плановите кои се однесуваат на помош на земјите од југот на Европа во кои пристигнуваат бегалците. „Тие луѓе мора да бидат пристојно примени“, вели германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие. Тој нагласува дека е неопходно сие бегалци да се регистрираат. Комесарот Аврамопулос треба да се погрижи за тоа, на секој од бегалците да му биде земен и отисок од прст. Оние кои нема да добијат право на азил треба брзо да бидат вратени во нивните земји, а обработката на барањата за азил во иднина треба да се намали на максимум два месеци. Кој ќе ги обработува овие барања и по кои критериуми ќе се одлучува, тоа досега за ЕУ беше нерешлив проблем.

Italien Flüchtlingsdrama Lampedusa Flüchtlingsboot
Бегалски брод во близина на ЛампедузаФотографија: picture-alliance/ROPI

Каде со бегалците?

Напредок има во однос на бегалците од војна, на кои според меѓународното право мора да им се обезбеди заштита. Според еден пилот проект, првите 5.000 од нив треба според клуч да бидат распределни по ЕУ земјите. Германија веќе се понуди да преземе 10 илјади бегалци, иако веќе има непропорционално многу во однос на другите земји. Тоа ќе биде знак на добра волја од Берлин, за да ги поттикне и другите земји, вели Де Мезие.
Што се однесува до прашањето: каде со бегалците по нивното спасување, сите обиди да се постигне договор во ЕУ досега пропаднаа. Во четврток за оваа тема ќе расправаат и европските шефови на влади на кризниот самит. Само тие можат да договорат промена на принципот кој е предвиден во „Даблин 2“ договорот, а во кој се наведува дека бегалците мора да останат или да бидат вратени во онаа земја од која пристигнале. Принцип кој веќе со години не функционира и на кој му е потребна реформа.