1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијалог нема, дури ни со граѓаните!

Катерина Блажевска26 декември 2014

Општествени групи протестираат против градењето политика на затворено општество, а Владата тврди дека има слух за различните ставови, но дека не мора секогаш да ги прифати!

https://p.dw.com/p/1EACg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Денеска (26.12) студентите повторно ќе излезат на протест. Причина е игнорирањето на нивните ставови против воведувањето државен испит. Министерството за образование еднаш веќе им ги затвори вратите, Владата не покажа слух за нивната и за аргументацијата на нивните професори, но она што загрижува - е фактот дека тие не се единствената категорија која директно ги почувствувала штетите од отсуството на општествен дијалог. Се гради ли култура на затворено општество? Што покажува промовираната нулта толеранција и слух за аргументите на граѓаните - студенти, професори, хонорарци, работници, синдикати, архитекти? Според професорката Мирјана Малевска, владеењето на мнозинството може да стигне во ќорсокак кога секоја алтернатива е поразена со гласање од некоја друга алтернатива.

„Таков е случајот со Македонија, каде пратениците на опозицијата еднаш беа насилно исфрлени од Собранието, а втор пат сами го напуштија законодавно тело, незадоволни од нечесните избори, како што велат. Така, повеќе контраверзни одлуки на власта, како онаа за државен испит за дипломираните студенти, оданочување на хонорарците или за донесување на урбанистички планови со само 1/3 од гласовите на советниците во општините, за да се освои некоја побогата опозициска општина, поминуваат мазно, и покрај досега невиден отпор и протести на граѓаните“, вели Малевска.

Но, зошто таква власт би стигнала во ќорсокак, кога во моментот се чини дека ништо не ја засега?

„Бидејќи, како во случајот на теоријата на рамнотежа на сили, се шири опозициско мислење во општеството и се‘ повеќе незадоволни граѓани и групи застануваат на другата страна. Демократијата е многу повеќе од пребројување гласови. Објективно информирање на граѓаните и интерактивно јавно резонирање (дебата), може значително да придонесе демократијата да стане поостварлива и овозможува разумна проценка при носењето одлуки. Има знаци дека македонското општество во иднина можеби ќе се развива во таа насока, иако во моментот ситуацијата е очајна. Сега се на власт политичари кои се глуви за потребите на граѓаните, избегнуваат ‘интерактивно јавно резонирање' и се однесуваат типично за многу автократи, а тоа е губење контакт со реалноста. Ако си се користел со изборна измама за да дојдеш на власт, ако потоа си ја узурпирал власта и си постапувал самоволно во име на граѓаните, не попуштај, не покажувај слабост за ниедно прашање, оти ако попушти еден шев, ќе попуштат сите шевови. Потоа доаѓа момент на полагање сметка, од што автократите се плашат“, смета Малеска.

Владата има слух?

Во Владата се уверени дека покажуваат доволно слух за различните ставови.

„Ние ги почитуваме придобивките од демократската дебата, но сметаме дека треба да се почитува и нашата убеденост во аргументацијата дека треба да се преземат реформи кои обезбедуваат бенефит за целото општество, како што се повисок степаен на знаење, поголема социјална сигурност... Владата има слух кон сите мислења и ценам дека не треба да се генерализираат општествените групи (студенти, хонорарци, архитекти...), затоа што токму ставот на генерализирање може да води кон затворено општество. Не значи дека сите студенти хонорарци и архитекти во земјава мислат исто. Некои ги опонираат нашите аргументи, некои ги поддржуваат. Тоа е демократија. Различното мислење се почитува, ама не мора секогаш да се прифати. Тоа е така секаде во светот“, вели портпаролот на Владата, Александар Ѓеоргиев.

Symbolbild sprechen und zuhören
Доволно слух за различните ставови?Фотографија: Fotolia/Faber Visum

Владата навистина не мора секогаш да прифати различно мислење, но според аналитичарите, проблемот е што досега не прифатила - никогаш! Од каде црпат енергија моделите на таа ароганција и нефлексибилност? Даут Даути, новинар и политички аналитичар, смета дека тоа може да се должи на повеќе причини.

„Власта, често се правда дека како претставник на мнозинството граѓани, со поддршка добиена на избори, мора да ги спроведува своите ветувања за кои ја ужива поддршката. Ако се спореди тој легитимитет на власта наспроти оној на опозицијата или на разните групи на интерес, изгледа дека тие што го претставуваат мнозинството се обврзани да се држат до своите политики, иако можеби некои од нив и не се најсоодветни или не се во интерес токму на тоа мнозинство граѓани кое стои зад нив. Но, нашата политичка ситуација диктира една тотална недоверба и анимозитет на релација власт - опозиција. Постои една фрустрираност кај опозицијата која повеќе од 8 години не може да се врати на власт, и исто толку јака енергија кај власта да остане, па се‘ што ќе прави едната или другата страна, се прикажува како чиста деструкција. Се случуваат и апсурди, кога едни со други се обвинувале за нешто за кое во друга, обратна ситуација, имале спротивни ставови. Поради таа недоверба, секој граѓански активизам или отпор од експертска јавност се доживува како манипулација на опозицијата и тука се губи чувството на објективност“, оценува Даути.

Според него, потребата од реформи никој не смее да ја негира, но мора да се соочат аргументите и да се спроведе јавна расправа во која би учествувале сите страни. Во земји со поголема демократска традиција, дури и кога власта е убедена во своите политики, флексибилна е кон гласот на граѓаните, а ако има прашања кои предизвикуваат сериозни поделби, користи и други методи на верификација - анкети, па дури и референдуми. Евентуалната попустливост не треба да се сфати како пораз, туку израз на отвореност кон поинакви гледишта.

Skopje 2014 Makedonija
Македонија станува се‘ позатворена земја, а демократијата е сведена само на гласање на избори, велат невладини активисти собрани под повикот „Ајде“Фотографија: DW

Естрадна“ отвореност

Власта се обидува да остави впечаток на отвореност и транспарентност преку „Отворен ден за идеи од граѓаните“ или директен пренос од седница на Владата. Но, тоа се случува еднаш годишно и не е супститут за потребата од суштински дијалог во останатите 364 дена. Отсуството на таква комуникација го чувствуваат и архитектите. Нивната акција за спас на изгледот од Градскиот трговски центар (ГТЦ) од негово преоблекување во барок, трае повеќе од една година, засега без резултати. Даница Павловска, поранешен претседател на Асоцијација на архитекти на Македонија, вели дека од поодамна датира игнорантскиот став на Владата кон компетентните за одредени прашања и кон граѓаните како битен сегмент во донесување на важни одлуки.

„Секој кој има разум, дух, чесност и цивилизираност, го искажал тоа со помалку или со повеќе храброст, тивко или гласно, но тоа никако да допре до оние кои не само што немаат слух, туку немаат елементарно знаење и политичка култура. Не е можно да намерно се гради култура на затворено општество и тоа да има оправдана цел, не е можно да се промовираат современи концепти за развој на општеството, а да се нема почит кон науката, интелигенцијата. Тоа се граничи со безумие. Во тој контекст е и болното и навредливо омаловажување на мојата струка. Но, мојата животна определба е лична битка за вредности во кои верувам, па така се најдов пред граѓанската иницијатива за одбрана на ГТЦ и се‘ уште сум на тој браник. Културата на протест почнува да се прифаќа, практикува и негува. Еве, на протестот што е и забавен настан, во недела на 28 декември навечер, се очекува уште еднаш се демонстрира суптилната моќ на урбаната култура на скопјани и да се прати уште една силна порака. Знаеме дека за некој 'мастер наратив' во нашето граѓанско делување ГТЦ е навистина само малото камче во големиот мозаик. Мало, но важно. ГТЦ е 'genius loci'“, потенцира Павловска.

Против политиката на затворено општество гласот го кренаа и невладини активисти, собрани околу идејата да ја вратат демократијата во рацете на граѓаните. Под повикот „Ајде“, седнати на столчиња пред Собранието, ги потсетуваат пратениците дека граѓаните се извор на суверенитетот.

„Денес Македонија е сиромашна, неправедна и се‘ позатворена земја. Денес демократијата е сведена само на гласање на избори. 'Ајде' ќе им помага на ранливите, на заедниците на кои им треба поддршка, ќе пркоси и ќе се спротиставува за лошите политики на власта“, порачаа активистите.

На повикот „Ајде!“ веќе никој не прашува „Каде“? Сосема е извесно е дека протестите ќе ја одбележат зимата на македонското незадоволство.