1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција - национална поделба и припојување на Македонија во сенка на војната

Јанис Пападимитриу / Александар Методијев16 април 2014

Окупирана со своите проблеми, Грција три години се држеше настрана од Првата светска војна. Подоцнежниот влез во војна на страна на сојузниците заврши со целосен пораз на турско тло, кој и денес е историска траума.

https://p.dw.com/p/1Bfud

Прашањето за вината за Првата светска војна во Грција долги години се сметаше за решено. Како и сите други сојузнички држави и Грција го потпиша Мировниот договор во Версај во 1919 година, со кој вината за војната исклучиво и’ се припишува на Германија и на нејзините сојузници. Но, во последно време има различни размислувања, дури и кога главните виновници остануваат исти.

Танос Веремис, професор по нова историја на Универзитетот во Атина вели: „Беше голема грешка на Германија тоа што се вооружа и тргна во конфронтација. Германија тогаш беше земја во економски замав и можеше да доминира во Европа и без да се впушта во судири. Попрво Англија имаше интерес да дојде до директна конфронтација и, во ретроспектива, таа војна навистина многу повеќе и’ користеше на Англија отколку на Германија“.

Политикологот од Атина, Веремис смета дека со тоа е одговорено на прашањето за одговорноста на Србија - Гаврило Принцип го уби престолонаследникот на Австро-Унгарија и така ја предизвика војната, но атентатот во Сараево не бил вистинската причина за војната, туку само нејзина иницијална каписла.

Attentat auf Franz Ferdinand 1914
Атентатот врз Франц Фердинанд во 1914 годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo

Мелетис Мелетопулос, политиколог од Атина и доцент на Академијата за воени маринци, смета дека војната избила поради геополитички интереси. Сојузниците сакаа да ја спречат Германија да го колонизира ослабнатото Отоманско царство и на тој начин да ја преземат контролата над источниот дел од Средоземното Море и над нафтените резерви на Блискиот Исток. Со ширењето на германското влијание британската империја би била ослабната, ако не и целосно тргната настрана, смета овој политиколог, кој има докторирано во Женева.

Првата светска војна - продолжение на Балканските војни

На пеколот од Светската војна и претхдеа балканските војни (1912-1913 година), кои го запечатија распаѓањето на Османлиското царство на југоистокот на Европа. Тие војни на Грција и го донесоа планинскиот регион Епир, источните области во Тракија, како и голем дел од регионот Македонија, а на крајот беше додаден и средоземноморскиот остров Крит.

За само неколку години Грција успеа двојно да ја зголеми својата државна територија. Заслугата за тоа му се припишува на либералниот премиер Елефтерос Венизелос, кој соработувал со Велика Британија и Франција, но и со конзервативниот крал Константин, кој бил свртен кон Германија, меѓу другото и поради семејни причини. Монархот беше во брак со принцезата Софија од Прусија, сестра на последниот германски крал Вилхелм Втори.

König Konstantin I. von Griechenland 1868 bis 1923
Грчкиот крал КонстантинФотографија: picture-alliance/ dpa

На почетокот Константин и Венизелос одеа по ист пат, но развојот на случувањата по Сараевскиот атентат ги донесе пред дилема, на која различно реагираа. Венизелос беше за брзо влегување во војна на страна на сојузниците, додека монархот беше за неутралност, која би и’ била од корист на Германија. Тој конфликт доведе до поделба во земјата, слична на граѓанска војна, која во Грција е позната како „Голема шизма“ и до денес ги вознемирува духовите. Притоа и Венизелос и Константин во суштина имаа иста цел - да ги осигураат сите територијални придобивки од Балканските војни, а посебно присвојувањето на Македонија.

Венизелос правилно забележал дека неутралноста би била катастрофална за Грција, оценува професорот Веремис и додава: „Ако Англија ја добие војната и Грција остане неутрална, тогаш Србија би ја добила Македонија, бидејќи е во пакт со Англија. Ако Централните сили победат покрај грчката неутралност, тогаш Македонија би била доделена на сојузничката на Германија - Бугарија. Значи, за Грците би било подобро да играат покер со двете страни и да се одлучат за едната - во најдобар случај за Англија, која како голема поморска сила би имала добри изгледи за победа“.

„Големата шизма“ остави длабоки траги во грчката политика и во грчкото општество. Со децении на политичката сцена владееше насилство и одмазда. Под притисок на западните сили е соборен кралот Константитн, но и Венизелос мораше повеќепати да се повлекува, се’ додека во 1935 година не отиде дефинитивно во егзил - во Париз, каде осамен почина една година подоцна. Танос Веремис вели дека овој политичар можел да ја предвиди шизмата, ама немал алтернатива.

„Тој мораше да се да се одлучи меѓу поделба на нацијата и национална катастрофа преку губењето на Македонија. Тогаш тој рече - се одлучувам порадо за поделба и се обидувам од тоа да го направам најдоброто“, објаснува Веремис.

Мелетис Мелетопулос, пак, смета дека на Венизелос не му било до толку дојдено до територии. Позначајно му било да ја добие поддршката по војната за остварување на таканаречената „Голема идеја“. Таа се однесува на повторно обединување на „Голема Грција“ која би настанала на сметка на Османлиското царство кое се распаѓаше. Венизелос сметал на интегрирање и на турскиот егејски брег и на османлискиот, а и некогашен византиски главен град Истанбул, кој и денес во Грција се нарекува Константинопол, по византискиот цар Константин.

Историски пораз на турско тло

„Венизелос веруваше дека ја препознал шансата која се укажува еднаш во илјада години, односно можноста да се врати во Мала Азија, во Константинопол“, смета Мелетопулос. Предусловот за тоа е Грција во Првата светска војна да се бори на страна на Англија и Франција. Како што е познато, тој план му пропадна, не поради Германија, туку поради Британија, бидејќи Англија воопшто не била заинтересирана Грција да стане регионална сила, смета Мелетопулос.

Jeder ist ein Fremder - fast überall
Грчки бегалци фотографирани во моментот кога бегаат од налетот на турската војска предводена од Кемал АтатуркФотографија: National Historical Museum, Athens

По војната, Венизелос од сојузниците добил мандат да изгради заштитна зона околу денешен Измир каде живееле десетици илјади Грци. Мандатот толку бил проширен, што Грција во летото 1921 година продрела на 100 километри до Анкара. Предовдена од Кемал Ататурк, турската војска не само што се одбранила, туку и ги потиснала Грците од Егејот. Злосторства имало на двете страни.

Причините и последиците од тој историски пораз и денес ги возбудуваат Грците, повеќе од кое било друго сеќавање на Првата светска војна. Некои главната одговорност му ја припишуваат на Венизелос или на неговите политички противници, а други зборуваат за заговор од странство. Главно не се споменува дека Грција била 20 години изморена од војни.