Грција - криза и очај
31 август 2014Костас Диамантис тагува по својот пријател и колега. Стефанос си го одзел животот кога останал без работа. 49-годишникот извршил самоубиство од страв дека ќе заврши како питач.
„Беше многу горд, толку горд што не гледаше друг излез. Не можеше да се соочи со тоа да го загуби достоинството како невработен“, вели Диамантис.
Исто како Стефанос, во Грција дневно двајца до тројца си го одземаат животот, а 15 до 20 се обидуваат да се самоубијат.
Попот Серафим раководи со малата атинска заедница Илуполис. Порано, вели, самоубијците не се закопувале на гробиштата. Самоубиството е грев во очите на црквата. Со оглед на големата криза, црквата отстапи од својот цврст став. Попот Серафим објаснува:
„Денес самоубијците ги третираме како лица кои го загубиле разумот, како психички лабилни, како болни. Иако се‘ уште важат старите правила, црквата прави исклучок и луѓето ги закопуваме со љубов.“
Психолозите од атинскиот Универзитет „Пантеон“ ги истражуваат последиците од финансиската криза. Порано депресијата и самоубиствата биле многу ретки во грчкото општество. Во последните години, меѓутоа, бројот е значително зголемен - изнесува 12%, а и натаму расте. Лили Пепу, психолог од универзитетот „Пантеон“, вели:
„Поради долготрајната финансиска криза и мерките на штедење во Грција, секој е соочен со висок ризик да стане депресивен. Секојдневно живееме со страв дека ќе потонеме уште подолу, дека може да биде уште полошо. Тоа создава атмосфера на беспомошност и безнадежност.“
Никос Брисолакис секој ден вози по два часа за да ја негува сопругата во болница. Кога останала без работа Елени се обидела да се самоубие. Преживеала со тешки повреди. Никос, кој е во предвремена пензија, нон-стоп ја негува. Морал да плати медицински персонал, а за тоа неговата мала пензија не стигнува. На местото на несреќата, со солзи во очите, вели: „Овде беше, токму на ова место, овде падна и заврши на паркингот таму долу. Не можам да сфатам. На ова место заврши нашиот живот.“
Многумина Грци, исто како Никос, се чувствуваат оставени на цедило од страна на државата. Упатени се на приватни донации. Овде, кај Пиреј, хуманитарната организација „Лекари на светот“ има мала амбуланта со луѓе кои работат доброволно. Оној кој денес во Грција две години е без работа, го губи здравственото осигурување. Така е и со Јоргиа Донаи: „Не можам веќе здравствено да ја згрижам малечката и поради тоа имам лоша совест. Слушнав за оваа организација и сакам барем да ја вакцинирам. Тоа ми е многу важно.“
Во Грција стана тивко, луѓето се исцрпени. Времето на отпор и масовни протести мина. Само пред две години, во април 2012 година, на плоштадот Синтагма пред парламентот се водеа вистински улични борби. Повод беше едно самоубиство. Еден пензионер се самоуби среде плоштад од протест против мерките на штедење. Во прошталното писмо до својата ќерка тој напиша: „Сакам достоинствено да го завршам животот, не сакам да завршам како питач.“ Ќерката Еми Хрисула денес констатира:
„Татко ми сакаше да пренесе порака дека човек мора да се спротивстави. Тој го искористи правото на отпор. Се застрела пред грчкиот парламент, затоа што сакаше да ги растресе луѓето, општеството кое и покрај неправдата која му се нанесува - не реагира.“
Тој во писмото ги повикува младите Грци на борба против владата и од сопругата и ќерката се збогува со љубов. Но, неговиот чин не стана сигнал на промени. Борбата за преживување им ја зема на луѓето силата за револт.
Психолог од Лили Пепу оценува:
„Луѓето ја загубија надежта. Финансиската криза во земјата почна во 2009 година. Веќе пет години ситуацијата секој ден станува се‘ полоша. Тоа не остава енергија за протести. Ние веќе не протестираме, бидејќи веруваме дека сето ова е судбина. Луѓето се толку очајни, што веќе не излегуваат од дома.“
Така кризата на луѓето им ја одзема цела животна сила - очајна Грција.