1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пауза за Грција во еврозоната

Барбара Везел/ превод: Ж. Ацеска23 март 2015

Дискусиите околу грчките финансии се вртат во круг-ако земјата сака да остане во еврозоната, ЕУ мора со години натамошно да ја финансира. Има ли друго решение, се прашува Барбара Везел во својот коментар.

https://p.dw.com/p/1EvSN
Фотографија: picture-alliance/dpa

По специјалната педагошка средба на првите луѓе на ЕУ и грчкиот премиер Алексис Ципрас на маргините на бриселскиот самит ноќта во петокот, сега повторно се мавта со маслиново гранче. Острите тонови од Атина привремено се запрени и германската канцеларка се покажува како помирлива. Иако, следната кавга е веќе програмирана: Ципрас на своите дома им раскажал оти мора да напише листа реформи и тогаш повторно ќе потечат пари. А официјалното барање гласи: тој мора да поднесе веродостојна и уверлива листа реформи и да ги преземе првите чекори за стабилизирање на неговата нестабилна земја.

Парламентот во Атина од своја страна сериозно го сфати предизвикот и усвои великодушен закон, кој на Грците треба да им го олесни задоцнетото плаќање. Така барем ќе се соберат малку пари во државниот буџет, итно потребни со оглед на заканувачкиот државен банкрот, кој според ЕУ-функционери, се предвидува за почетокот на април, неколку дена подоцна од претходно очекуваното.

Јасно е- и следниот месец стигаат плаќања на околу 4,3 милијарди евра на ММФ и отплата на рати за рефинансирањето преку финансискиот пазар, поради што на Грција и‘ е итно потребна исплатата на траншата од останатите седум милијарди евра од последниот пакет за помош. Истовремено е јасно-овие пари, со оглед на реалната ситуација на земјата, ќе бидат само капка вода на вжештен камен. Зашто, во јули и август Грција стои пред нова рата отплати во висина од милијарди евра, кои владата не може да ги обезбеди. Значи, државниот банкрот само ќе биде малку одложен, иако Грција ќе ја спроведе апсурдната работа „пари за реформски листи“. Зашто, за да ги прикаже побараните конкретни чекори, владата на Ципрас веќе одамна нема време.

Фиксните идеи да се стават ад акта

Дали сега не е дојдено до точка кога треба да се стават под прашање неколку основни ставови? Тоа би се однесувало на изјавата на Ангела Меркел: „Ако пропадне еврото, ќе пропадне Европа“. Но, дали еврото е пропаднато ако една мала земја од југоисточниот дел на среден рок не успева да ги исполни условите? Сигурно не, а уште помалку тоа е пропаст на Европа.

Barbara Wesel Porträt
Барбара ВезелФотографија: Georg Matthes

Во тој ред е и изјавата на претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер: „Грција мора да остане во еврозоната“. Тој самиот, зад затворени врати, веќе се прости од оваа мисла. Точно е оти мнозинството Грци радо би останале во заедничката монетарна унија, но тие поддржуваат влада која не може и не сака да ги исполни поставените услови.

Не е потребно залажување: ако Алексис Ципрас во идните две недели не успее да се оддели од заканувачкиот нож на тврдата лева фракција на неговата партија, тогаш тој воопшто не може да ги спроведе реформите кои ги бара Брисел. Неговиот тим треба да се договори со гарда стари марксисти, кои ги преспале дебатите за модернизација во последните 40 години. И, за жал, многумина од неговите револуционери во кожни јакни се силни на крупни зборови, но досега не понудија ни една единствена нова, интересна и визионерска идеја. Вработи административци и постигни растеж преку јавни инвестиции, тоа е прастар начин на размислување.

Да се остане, да се замине или...

За остатокот од еврозоната има три можности: да го финансира и натаму грчкиот државен буџет следните десет, дваесет години. Земјата е мала, тоа можеме да си го дозволиме. Но, гласачите од останатите земји-членки тоа нема да го сакаат. Оваа опција би отпаднала уште во април, ако во Финска во владина коалиција влезат десните популисти. Тие можат да ги блокираат одлуките во Еврогрупата со своето „не“.

Втора можност: да ја оставиме Атина да удри во ѕид, да дојде до Грексит, намерен или случаен излез на земјата од еврозоната. Тогаш среднорочно треба да обезбедиме хуманитарна помош за Грција, зашто земјата ќе се соочи со хаотичен и мачен трансфомациски процес, кој би имал тешки политички и социјални последици.

...да се најде среден пат

Останува уште третата варијанта: да договориме со Грција привремен излез од еврозоната, еден вид пауза, на пример од пет години, до крајот на 2020 година. Дотогаш Атина и така нема да отплаќа ништо на ЕУ, туку ќе има обврски само кон финансискиот пазар и ММФ. За овие отплати на Грција и натаму ќе и‘ треба помош од други евроземји, но настрана од тоа би била оставена сама на себе и ќе мора да воведе некој вид паралелна валута. Тоа, со оглед на слабата економска состојба на земјата, ќе донесе радикално обезвреднување.

Во случајот со Грција тоа не е никаков сигурен лек. Зашто, грчкото стопанство малку извезува, тоа живее главно од туризам, малку земјоделство и бродарство. Предноста на вакво „паузирачко сценарио“ би била што владата во Атина не би можела да прави нови долгови, зашто ни ММФ, ни пазарот на капитал веќе нема да и‘ даваат пари и Грците ќе мора да најдат начин како со своја сопствена помош да се извлечат од калта. Веројатно без владата на Ципрас, која својата економска политика досега ја кроеше според девизата „парите растат на дрвјата“.

Но, можеби ваквиот излет во „дивиот живот“ е токму она што кај грчките граѓани конечно ќе предизвика нужно потребно чувство на заедништво и структурни реформи. А со оглед на другите сценарија за непосредната иднина на земјата, ова барем има шарм, наместо да нуди гарантирана катастарофа.